Пет дена пред почетокот

Власта повикува граѓаните да учествуваат во пописот, опозицијата најавува дека нема да ги признае резултатите

Пописот на населението што треба да започне на 1 април за власта е граѓанска должност и патриотски чин, а најавите за бојкотирање на пописот и неотворање врата на попишувачите, како што велат, доаѓаат само од поединци. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не отстапува од тоа дека нема да ги признае резултатите од пописот, доколку власта продолжи да го турка процесот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера рече дека доколку власта продолжи на сила да го турка пописот, опозицијата нема да биде конструктивна и оти ќе се влезе во политичка криза.

Но, за пописот ќе разговараат премиерот Зоран Заев и Мицкоски на средбата најавена за в понеделник.

„Ќе ја искористам приликата да зборувам со Мицкоски за ваквите изјави. Не е суштината на казната од 200 или 300 евра, таа е голема, не е мала, но се надевам дека нема да ја има заради тоа што секој од нас граѓаните може да оддели не повеќе од 10 минути и конечно по 20 години да имаме попис во нашата земја“, рече Заев.

Тој ја поздрави пораката што ја испрати Мицкоски дека ако се вакцинираат попишувачите, а тие, рече, се секако планирани во првата категорија на граѓани за вакцинирање, ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе дадат поддршка за пописот. Заев ја повика и Левица да се приклучи на статистичката операција.

„Ако онака како што е планирано во недела стигнат вакцините, ние можеме пред први да ги вакцинираме попишувачите. Очекувам секако здравствената комисија тоа да го каже, заради тоа што така беше и разговарано, а тоа ќе биде важен момент и опозицијата да даде поддршка. Но, да не прејудицираме в понеделник ќе имаме состаноци, па ќе се обидеме да најдеме решение“, рече премиерот.

И СДСМ ги повика граѓаните да учествуваат во операцијата и на тој начин да придонесат во развојот на својата татковина и на своето населено место. Од партијата оценуваат дека повикот на бојкот е неодговорно однесување и ја води државата во ситуација кога развојот не може да се планира на факти, туку на претпоставки.

За Мицкоски, пак, здравјето нема цена и тие ќе ги повикаат граѓаните да си го заштитат здравјето и ако се чувствуваат небезбедно да не отвораат врата.

Во телевизиско гостување синоќа, на прашањето дали ќе повика на масовно попишување доколку се направи имунизација на попишувачите, Мицкоски рече дека ако почне пописот на 1 април, тогаш тој нема да биде имунолошки подготвен и тој и луѓето нема да отвораат врата.

Во однос на регистрирањето на дијаспората, Мицкоски вели дека на претстојните локални избори ќе има терминали за отпечаток на прстите и дека тоа ќе даде одговор за резидентното население, но нагласи дека не сака да ги етнизира работите, бидејќи тоа е само статистичка операција. 

Мицкоски вчера оствари телефонски разговор со заменик помошникот државен секретар Метју Палмер, кој ја нагласил потребата од конструктивна и ангажирана опозиција, се наведува во објавата на Амбасадата на САД. Палмер, како што објави американската Амбасада, ги охрабрил Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат со останатите со цел да се надминат предизвиците со коишто се соочува земјата, вклучително и решавањето на разликите со Бугарија, како и обезбедување успех на пописот на населението, што е важна статистичка алатка за подобрување на управувањето.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера, исто така, ги повика граѓаните да не ги слушаат повиците за бојкот и неучество на пописот, бидејќи, како што рече, тие немаат за цел заштита на населението од пандемијата, туку целта им е да не се одржи оваа статистичка операција и државата наместо да оди напред да тоне во калта што е можно подлабоко. Пописот ќе биде безбеден, вели Симовски, бидејќи целосно и доследно ќе се почитуваат сите донесени протоколи. Тој апелира сите граѓани да ги заборават, како што рече, сите повици за бојкот, сите притисоци врз нив и влевањето страв дека со пописот некој дополнително ќе биде заболен од оваа болест.

„Ќе ги почитуваме донесените протоколи до точка и запирка. Никој од учесниците во пописот нема со ништо да придонесе епидемијата да се рашири. Знаеме дека се тешки состојбите и психолошки делува ова врз сите нас, и ние сме луѓе и го носиме со себе. Ве уверувам сите дека во тој дел треба да бидете безбедни. Еве се подобруваат и временските услови, секаде каке може попишувањето ќе се одвива на отворен простор, а онаму каде нема можност, ќе ги запазиме сите потребни мерки согласно протоклите, но и повеќе од тоа“, рече директорот на ДЗС.

Прашан за оние кои повикуваат на бојкот на пописот, Симовски вели дека нивна законска обврска е и ќе ги пријават сите лица кои повикуваат на бојкот.

„Законските мерки можат да ги преземаат само овластените институции за такво нешто. Ние не сме ни Обвинителство, не сме ни суд“, рече Симовски, додавајќи дека повикувањето на бојкот е кривично дело, согласно одредени закони, ако има основа за тоа. Посочи дека нивната цел не е воопшто да се казнува, туку да се соберат податоци, информации од сите.

На новинарско прашање што ако има масовен бојкот, Симовски апелираше граѓаните да не подлегнуваат на повикот за бојкот.

„Ако има бојкот, ако е тој масовен бојкот, тогаш и понатаму ќе тонеме во калта и сѐ  подлабоко и подлабоко. Единствената земја во светот сме што цели 20 години не спровела попис. Ако сакаме овој период да го продолжиме и понатаму и да тонеме подлабоко од оваа состојба во којашто сме сега, тогаш нека повелат сите и нека бојкотораат“, рече Симовски.

Во врска со можноста за одложување на пописот, претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски вчера изјави дека тој не одлучува дали ќе има попис или не. Караџовски посочи дека пред два и пол месеци било побарано од Комисијата за заразни болести да изработи протокол и оти со тоа завршува нивното стручно мислење.

„Во моментов, епидемилошката состојба е комплицирана, но јас не одлучувам дали ќе има попис. Ако јас одлучувам за сѐ, јас би се викал заменик-премиер. Ние сме го дале стручното мислење преку протоколот“, рече Караџовски.

Препораките во протоколот се маска, дистанца и негрупирање, а за лицата кои се позитивни, рече дека ќе се попишат кога ќе излезат од изолација.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера на средба со претставници на дијаспората во Брисел, ја повика дијаспората масовно да се попише, повикувајќи ги сите масовно да се попишат.

„На нашите иселеници тука во Белгија им посочив зошто е важно дијаспората масовно да се попише. Треба да имаме реална слика. Конечно има можност граѓаните да направат нешто директно за себе. Резултатите од пописот ќе бидат водилка при креирањето на сите развојни политики. Пописот ќе се одржи, а методологијата и начинот на спроведување на истиот е според највисоките светски стандарди и Евростат“, изјавил Маричиќ.

Стојанче Ангелов, претседателот на партијата Достоинство вчера ги повика Македонците да учествуваат на пописот, потенцирајќи, како што рече, да не се најдеме во ситуација „она што во 2001 го браневме со оружје, да биде загрозено со една обична статистичка операција".

Тој посебно ѝ се обрати на македонската дијаспора која што ја повика од удобноста на својот домови да се попише.

„Пописот е статистичка операција, но во нашата држава има и друга димензија. Ние како држава треба да се трудиме како граѓани без разлика во колкав процент ги има во нашата држава да ги уживаат сите права. Но повикувањето на бојкот за пописот навистина може да предизвика далекусежни штетни последици во нашата држава. Опасноста од Ковид не е оправдување за повикување на бојкот затоа што ќе бидат почитувани сите протоколи за борбата со Ковид. Така што особено дијаспората која што треба да се попише од дома нема никаков оправдување. Да не се најдеме во ситуација она што во 2001 го браневме со оружје, дел од тоа да биде загрозено со една обична статистичка операција“, рече Стојанче Ангелов.

На 1 април почнува пописот на населението, домаќинствата и становите за резидентното население, а ќе трае до 21 април. Во тек е пописот на дијаспората, односно на нерезидентните граѓани и заклучно со вчера до 8 часот вкупно се самопопишани 148.719 лица од дијаспората.

 

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе