Власта гарантира безбеден попис, опозицијата не отстапува од барањето за одложување

Државниот завод за статистика гарантира за безбедноста на процесот на попишување и за почитување на мерките содржани во Протоколот, со што никој нема да биде доведен во опасност.

Директорот Апостол Симовски се надева дека по 20 години без попис во државата ќе има доволно разум кај нашите граѓани, да сфатат дека ни е неопходна оваа акција.

Теренското попишување почнува на 1 април, а поради зголемување на бројот на новозаразени со ковид-19 се отвори и прашањето за начинот на кој ќе се спроведе операцијата и дали мерките содржани во Протоколот се доволна гаранција. Власта останува на ставот дека пописот ќе биде безбеден, дека мерките и нивно максимално почитување се доволни, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера уште еднаш побара итно одложување на пописот, поради зголемувањето на бројот на нови случаи на ковид-19.

Симовски вчера осврнувајќи се на прашањето како ќе ги убедат граѓаните дека пописот е безбеден во период кога расте бројот на заразени, рече дека тие гарантираат за процесот на попишување и дека апсолутно ќе се почитуваат сите протоколи и нема да доведат никого во опасност, но дека не може да гарантираат за неодговорно однесување на поединци после заминување на попишувачот.

„Комисијата за заразни болести многу внимателно ги разгледала сите можни ситуации и донела навистина ригорозни препораки. Тие препораки се преточени во одлука на Владата и наша обврска е да ги почитуваме. Но, и граѓаните треба да ги почитуваат тие протоколи, бидејќи не вреди ништо ако попишувачот дојде маскиран целиот, не знам, со комбинезони на себе, со маска, ракавици, ако граѓанинот се шета без маска. Или, не можеме да гарантираме за неодговорно однесување на поединци после заминување на попишувачот ако отидат во кафеана и си седнат со друштво итн“, изјави Симовски.

Според него, негативната кампања за пописот всушност ја прават луѓе кои очигледно не ѝ сакаат добро на сопствената држава и на сопствените граѓани.

„Не е проблемот дали некој ќе биде казнет или не, многу е лесно да казните поединец, ако не сака да даде податоци, и тоа ќе го направиме, да се разбереме, нема да простиме. Меѓутоа, целта не е да собереме казни, туку да собереме податоци. Ние влегуваме во оваа операција којашто се подготвува поприлично долго време, којашто чини страшно многу пари, којашто ангажира страшно многу луѓе, и да биде залудна, навистина ќе биде страшно“, вели Симовски.

Владата со став дека пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој, а протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси. Владиниот портпарол Душко Арсовски завчера истакна дека прават се што е потребно за заштита на населението.

„Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите“, рече Арсовски и додаде дека се ангажирани голем број координатори и попишувачи, кои ги следат протоколите за да нема потреба од никакви одложувања.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера во Брисел одржа брифинг со Центарот за европска политика (ЕПЦ) на кој говореше и за претстојниот попис и за неговото огромно значење за државата. Тој информира дека првата фаза од попишувањето заврши успешно и оти за неколку денови, односно од 1 април ќе почне и успешно ќе се спроведе главната фаза на статистичката операција.

„Северна Македонија немала попис веќе 20 години, а таа состојба повеќе е неиздржлива“, истакна Маричиќ и додаде дека државата ќе го заврши пописот.

Од владејачката СДСМ на став дека пописот ќе се спроведе согласно сите здравствени протоколи. Пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов вчера на прес-конференција од Собранието посочи дека државата има капацитет и е гарант дека во најголемата статистичка операција, целосно ќе биде заштитено здравјето како на граѓаните, таа и на попишувачите.

Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш побара одложување на пописот веднаш, бидејќи, како што рече, „здравјето на граѓаните не смее да биде заложник“.

„Најкриминалната влада на Балканот, а истовремено и најнеспособната да обезбеди имунизација на населението нѐ убедува дека нема одложување на пописот, обезбедени биле најбезбедни протоколи. А во меѓувреме, соседна Србија која е рекордер во имунизирано население на Балканот, соседна Бугарија, Романија, Косово го одложуваат пописот поради загриженост од енормно ширење на пандемијата“, напиша Мицковски на Фејсбук.

Според последните податоци на ДЗС заклучно до вчера до 8 часот, вкупниот број на самопопишани државјани на Република Северна Македонија изнесува 130.009.

 

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе