Конфликт на интереси во потрага по фондови

Владини службеници во НВО-секторот

Определбата на власта за безрезервна соработка со невладините организации го отвори просторот за можна злоупотреба и мешање на владиниот со невладиниот сектор. Таков е и случајот на здружението за градење отпорни заедници ЦВЕ Центар Скопје, чиј претседател е владина службеничка. Директните актери на ова велат нема конфликт на интереси, а од кабинетот на одговорниот за борба против корупцијата молчат.

Претседателка на здружението за градење отпорни заедници ЦВЕ Центар Скопје здружение е Марија Михајлоска-Јанкуловска, која од декември 2019 година е и секретар на Интерресорската работна група за спроведување на Националниот план за репатријација, рехабилитација и реинтеграција. Невладината организација е основана во септември 2020 година. Се разбира не случајно е и речиси целосното совпаѓање на она за што Михајлоска-Јанкуловска е одговорна во владината служба и целите на невладината организација ЦВЕ Центар.

Основна цел на оваа невладина организација е „промоција и развој на мирно општество и безбедни заедници отпорни на социјална исклученост дискриминација маргинализација, дехуманизација, насилен екстремизам и радикализација… реинтеграција, ресоцијализација… партнерска соработка со институциите на Владата и меѓународната заедница…“.

Оваа интерресорска група е во надлежност на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам чиј национален координатор е Борче Петревски. А Михајлоска-Јанкуловска и пред тоа беше ангажирана токму во овој комитет.

Петревски нема никаков проблем со тоа што Јанкуловска е и во невладиниот сектор. Тој вели дека тука нема никаков конфликт на интереси.

„Во рамки на активностите на Комитетот, меѓу кои и на Интерресорската работна група за спроведување на Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, Марија Михајловска-Јанкуловска е ангажирана во дел од активностите на оваа група, поточно за извршување на административно-технички работи. Соработуваме со повеќе домашни и меѓународни невладини организации, донатори и фондови, во интерес на обезбедување на квалитетна и координирана имплементација на активностите предвидени во нашите стратешки документи. Дел од активностите кои ги спроведува Националниот комитет се во координација со невладиниот сектор во РСМ, кои реализираат активности како поддршка на Комитетот. За таа цел, Комитетот тесно соработува и обезбедува поддршка на повеќе невладини организации, а кои одат во прилог на градење на широк општествен одговор, односно на националните капацитети за спречување на насилниот екстремизам, процесите на радикализација и тероризмот. Со невладината организација на Марија Михајловска-Јанкуловска немаме никаква соработка, ниту пак има каква било активност на проекти поврзани со насилниот екстремизам и борбата против тероризмот. Оттука, отфрлам какво било сомневање за постоење конфликт на интереси во случајот со Марија Михајловска-Јанкуловска“, вели Петревски.

И Јанкуловска го вели истото. Нема конфликт на интереси, невладината нема никаква активност, вели дека не аплицирале никаде за проект и дека најверојатно основачите наскоро ќе ја затворат. „Невладината организација ја отворивме како можност за помош на Националниот комитет. Но во меѓувреме добивме голема помош од ИОМ, вработивме четири нови лица и целата работа ја тераме институционално. Работиме со 15 невладини организации за кои се обезбедени фондови за спроведување на активностите. Во случајов нема конфликт на интереси“, ни изјави Јанкуловска.

За тоа дали планираат нешто да преземат за оваа појава меѓу владините службеници не добивме одговор од кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот.

А.Д.

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе