Бугарски експерт за Балканот

Владимиров: Администрација на Бајден ќе ја помага евроинтеграцијата на Северна Македонија

Новата администрација на САД ќе ја следи и помага евроатлантската интеграција на Северна Македонија, а во тој контекст ќе го постави и прашањето за бугарската блокада на приклучувањето на земјата во ЕУ, оценува Владимир Владимиров, експерт за балкански прашања и координатор на секторот за јавни комуникации и јавни работи на партијата „Републиканците за Бугарија“.

„Претседателот Џо Бајден е исклучително добро запознаен со состојбата во Источна Европа и на Балканот. Една од точките на кои ќе се фокусира новата администрацијата во Белата куќа ќе биде зајакнувањето на источното и на јужното крило на НАТО, како и на ЕУ. Сигурно ќе се дојде и до прашањето за ветото на Бугарија за Република Северна Македонија. Ќе има многу дипломатски разговори на таа тема и за тоа дали стратешките интереси на регионот треба да бидат заложници на домашните политички игри и дали Красимир Каракачанов ќе успее да влезе во следниот Парламент“, изјавил Владимиров за бугарската ТВ+.

Според него, Доналд Трамп ги водел САД како корпорација, но сега „во Белата куќа дојде долгогодишен професионален политичар со огромно искуство“.

„Мислам дека ќе имаме појасни и посилни пораки од новата американска администрација. Многу важен момент е Македонија, која е една од ретките европски земји што има договор со САД за стратешко партнерство, вклучително и воена поддршка, уште пред да стане членка на НАТО. Еден од интересите што САД ќе го следат и ќе го помогнат е евроатлантската интеграција на Македонија“, вели Владимиров.

Во контекст на регионалната политика и позициите на Софија и Бeлград кон Скопје, тој смета дека темата С.Македонија е премногу важна и за Србија и за Бугарија, а за тоа сигурно се разговарало и за време на неодамнешната посета на српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ на Бугарија.

Владимиров го поставува и прашањето за рускиот логистички и хуманитарен центар во Ниш, кој според него, не е ништо помалку од разузнавачка база, оддалечена помалку од 100 километри воздушна линија од границата со Бугарија.

„Кон кого е насочена оваа база? Министерката Екатерина Захариева треба да праша и за новите руски и кинески оружја што пристигнуваат во Србија, дали се распоредени на границата со Бугарија. Нема одговор на тоа прашање“, вели Владимиров.

Тој уште оценува дека Србија има големо политичко, економско и воено-разузнавачко влијание во Северна Македонија.

„Тие контролираат големи политички и економски кругови, а за нив најважното прашање е поврзано со Косово. Доколку Бугарија ја повлече поддршката за Косово, тогаш Србија може да ѝ помогне во спорот околу Северна Македонија“, изјавил Владимиров.

 

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

повеќе