На прашањето дали Синодот на МПЦ-ОА испратил акт до Светиот архиерејски сабор на СПЦ, како што вчера беше наведено во соопштението на Саборот на Српската црква, владиката Петар вели: „Тие работи се веќе апсолвирани и нема потреба да давам коментари околу тоа“.
На прашањето дали се работи зa враќање на статусот на МПЦ пред 1967 година кога беше прогласена автокефалност, односно во 1959 година кога МПЦ e aвтономна во канонско единство со СПЦ, владиката Петар вели:
„За какво враќање прашувате? Постои можност за враќање назад? Канонско единство е нешто друго. Канонското единство значи да почнеме заедно да богослужиме. Тоа е целата приказна и без тоа не може да се оди напред. Без тоа не може всушност ништо да се прави ако не те признаваат дека си рамен со нив. Ако со нив служиш, тогаш си рамен на нив. Завршена приказна.
Нема потреба од никакво враќање назад. Што треба да се случи? Да се врати Југославија, да го вратиме патријархот Герман? Да вратиме сѐ како што било некогаш? Такво нешто не е можно.
Целата приказна е во следново. СПЦ и другите цркви се согласни да сослужуваат со нас. Тоа за нас е битното. Тука завршува сѐ. Оттука сега одиме натаму. Не станува збор тука за статус, автономен, автокефален, тоа што некои така коментираат само прикаски раскажуваат“.
Владиката Петар не одговори конкретно дали и кога ќе продолжат преговорите со СПЦ околу идниот статус на МПЦ-ОП, што како можност се најавува во еден дел од соопштението на СПЦ.
„Ќе видиме, времето тече, зошто нешто да кажуваме однапред? Можеби ќе згрешиме. Молчиме и ги чекаме следните потези“.
П.Џамбазоски