Нов проект на Рашковски (1)

Владата во име на ЕУ-стандардите подготвува нов модел за наплата на акцизата според моделот на Гана, Мозамбик, Кенија...

Сите се против проектот за нов модел на наплатата на давачките од акцизните стоки преку јавно-приватно партнерство, освен Зоран Заев и Драги Рашковски. Идејата на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за јавно-приватно партнерство за акцизните стоки, деновиве се преточи во владина одлука, откако лани во декември премиерот Заев ја бранеше оваа идеја како дел од нашето усогласување со стандардите на ЕУ. За разлика од нив, претставници на засегнатите компании, некои министерства, Стопанската комора и Канцеларијата на ЕУ во Македонија велат дека европските стандарди се многу поинакви од она што тука некој сака да го „протне“.

Овој проект веќе подолго од една година упорно го турка Драги Рашковски. Владата проценила дека 17,54 милиони евра ќе чини проектот за јавно-приватно партнерство за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра и лекови со кој во иднина треба да се врши поефикасна наплата на данок, односно акциза.

Одлуката за почнување постапка за воспоставување електронски систем со кој ќе се маркираат горивата и ќе се следат тутунските производи, алкохолните пијалаци и пивото, како и лековите, веќе е објавена (на 16 февруари во Службен весник).

„Ова е чекор во насока на намалување на сивата економија и големите загуби што се појавуваат во Буџетот на Република Северна Македонија, преку воспоставување систем на јавно-приватно партнерство на начин каде што приватниот партнер ќе воспостави, ќе одржува и ќе дава услуги на Царинската управа, пазарната инспекција и други надлежни институции“, објаснуваат од Владата.

Од таму додаваат дека приватниот партнер ќе ги одржува електронските системи, уредите, опремата и капацитетите што ќе му бидат ставени на користење и располагање од Владата и ќе врши обука на кадарот. Генералниот секретаријат на Владата веќе ги изработил сите законски регулативи. Приватна компанија ќе треба да почне со маркирање на горива и изработување на кодовите за следење на тутунските производи, алкохолните пијалаци и пивото и лековите најдоцна по шест месеци од денот на склучување на договорот. Во проектот своја улога ќе имаат и министерствата за финансии, за економија, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство, Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Регулаторната комисија за енергетика.

Пред два месеци премиерот Заев јавно кажа дека ова е негов проект. „Процената е дека во Македонија даночната евазија е 30 отсто. Процената на ММФ е дека тој процент е 37 отсто или 1,4 милијарди евра. Тоа се пари што мора да ги вратиме во буџетот. Се избегнуваат давачките за тутунот, на алкохолот… Трак енд трејсинг системoт ќе овозможи преку код да се следи секоја акцизна стока. За нафтата се предвидени нано-честици во резервоарите со конечна цел државата да ги наплати сите пари и против нелојалната конкуренција. Предвидуваме трак енд трејсинг систем и за лековите иако тоа не е акцизна стока. Постојат приватни компании, мултинационални компании што го спроведуваат тоа. Мора да ја спречиме акцизната евазија. Целта на овој систем е унапредување на борбата против сивата економија“, рече Заев пред повеќе од два месеци.

Како тие планираат да ја спроведат оваа акцизна евазија?

Кога Рашковски беше генерален секретар на Владата, уште во 2019 година нарачал (за 2,9 милиони денари или близу 50.000 евра) физибилити-студија од страна на консултантската куќа Таргет комуникации.

Во оваа физибилити-студија пишува дека вакви системи има во многу земји (Гана, Кенија, Мозамбик, Албанија, Косово, Шри Ланка, Еквадор, Грција, Турција...) и дека јавно-приватното партнерство кое државата ќе ја чини речиси 17 милиони евра е добар модел за примена на ЕУ-директивите и стандардите. Во оваа студија се вели дека биле консултирани и компаниите што директно ќе бидат засегнати од овој нов модел, кои пак, во комуникацијата со МКД.мк се револтирани од волунтаризмот и паушалноста на ваквата владина одлука.

Сите овие компании, и од тутунската индустрија и од фармацијата и од производството на алкохолните пијалаци се согласни дека мора да има контрола, но и дека овој модел нема никаква врска со ЕУ-стандардите. Ова ни го потврдија и од ЕУ-канцеларијата во Скопје.

„Реформите во оваа област треба да почнат со ратификување на Протоколот на СЗО за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи (потпишан во 2014 година), како и усогласување со правилата на ЕУ во оваа област, како што е Директивата за производи од тутун. Ова би ја поставило правната основа за воведување систем за надзор над тутунските производи.

Исто така, би било корисно да се разменат мислења и искуства со други земји за тоа како најдобро да се спроведе оваа шема, вклучувајќи трагање и откривање на тутунските производи. Со системите во земјите-членки на ЕУ управуваат повеќе јавни и приватни оператори и многу малку земји-членки го избраа методот за јавно-приватно партнерство.

Како земја кандидат, Северна Македонија треба да осигури дека секој систем за трагање и откривање е технички компатибилен со оние на земјите-членки на ЕУ, за да се овозможи размена на информации и целосна меѓуоперативност.

Сите процедури за набавки утврдени во рамките на овој систем треба да бидат транспарентни и веродостојни, целосно независни и одвоени од индустријата врз која ќе се врши надзор“, ни одговорија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

А.Д.

(Продолжува)

Сите се против, а во Владата упорно се турка проект за интегриран систем за следење акцизни стоки (2)

Реагираат и пиварите, некој сака да формира приватна царинска управа во рамките на државата (3)

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе