Арсовски појасни и дека државата може да даде само времена рамка за овој процес, а самиот процес треба да го завршат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
„Државата не може да ја направи филтрацијата. Овој процес треба да го завршат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Државата може да даде само временска рамка и начин како тоа да се направи. Според информациите што ги имаме од 2019 до 2020 година само Судскиот совет разреши осум судии, а оваа година се почнати постапки за 83 судии. Причините се застареност на предмети, несоодветно постапување по предмети и слично“, рече Арсовски.
Според него, целиот процес малку изгубил на интензитет поради пандемијата, бидејќи дел од судиите се заразени или во самоизолација поради контакт со заболен, но, како што рече, „како и да е, Владата не се откажува од овој процес и тоа ќе биде остварено“, порача Арсовски и дополни дека како дел од овој процес е проверката на имотот на судиите, а во кој е вклучена Државната комисија за спречување на корупцијата.