„Дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата и алатка за манипулација на граѓаните. Злоупотребата на технологија стана сериозен упад во демократските процеси и сериозно се заканува да влијае на довербата на граѓаните во институциите. Република северна Македонија во изминатите две години се соочи со масовно ширење дезинформации, а дел беа споделени и од територии на други држави“, рече Заев.
Целта на изработката на акцискиот план, како што кажа е да се зајакне националната безбедност и сигурност, а за планот ќе се консултираат и со граѓанскиот сектор и со медиумите.
Тој информираше дека акцискиот план има две компоненти, безбедносни и проактивни мерки. Исто така, ќе се формира акциска група за борба против дезинформации која ќе анализира и ќе ги следи нападите. Групата ќе ја води министерот за отчетност, Роберт Поповски.
Заев пред новинарите ги објави сите точки од акцискиот план.