вторник, 23 април 2024

Британија усвои нов закон, ќе ги испраќа мигрантите во Руанда

Британскиот премиер Риши Сунак вети вчера, на денот кога Горниот дом на парламентот ја усвои потребната легислатива, дека во рок од 10 до 12 недели ќе започне да испраќа баратели на азил во Руанда за да се процесуираат нивните барања, што беше одложувано со месеци поради парламентарните обиди за промена на планот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда, политика за која се надева дека ќе ја зајакне неговата Конзервативна партија пред изборите подоцна оваа година.

Домот на лордови долго време одбиваше да го поддржи нацрт-законот, кој нема дополнителни заштитни мерки и предизвика поделби, но на крајот попушти откако Сунак рече дека владата ќе го принуди парламентот да заседава онолку долго колку што е потребно за да го усвои.

„Нема ако, нема ама. Овие летови одат за Руанда“, рече Сунак на вчерашната прес-конференција. Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во последниве години поминувајќи го Ла Манш со мали чамци на ризични патувања организирани од банди шверцери на луѓе.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за владата, но критичарите велат дека планот да се депортираат луѓе во Руанда наместо барателите на азил да се решаваат во Британија е нехуман. Тие ја наведуваат загриженоста за состојбата со човековите права во источноафриканската земја и ризикот барателите на азил да бидат вратени назад во земјите каде што се соочуваат со опасност.

Новиот закон на Сунак предвидува дека некои постоечки британски правила за човекови права нема да важат и дека британските судии мора да ја третираат Руанда како безбедна дестинација, што е обид да се поништи пресудата на Врховниот суд која го прогласи планот за незаконски.

Исто така се ограничува способноста на поединецот да се жали само на исклучителни случаи. Зборувајќи пред усвојувањето на законот, Сунак рече дека аеродромите се подготвени, седиштата резервирани за летови и 500 граничари се подготвени да ги придружуваат мигрантите „до Руанда“.

Според политиката формулирана пред две години и договорена со Руанда, секој барател на азил кој ќе пристигне во Британија илегално ќе биде испратен во Руанда според шемата за која владата вели дека ќе го спречи преминувањето на каналот и ќе ја разбие сегашната шема на шверц на луѓе. Дури и по успешното надминување на парламентарните пречки, Сунак сè уште може да се соочи со правни оспорувања на законот.

Добротворните организации и групите за човекови права најавија дека ќе се обидат да ги спречат поединечните депортации, а синдикатот што ги застапува граничарите вети дека ќе го оспори новиот закон како нелегален „во рок од неколку дена“ откако на првите баратели на азил ќе им биде кажано дека ќе бидат испратени во Руанда.

„Итно ни треба владата на Обединетото Кралство да почне пристојно да се однесува со бегалците и да престане да се обидува да ги испраќа во неизвесна иднина во Руанда“, рече Луси Грег, вршител на должноста раководителка на Адвоктурата за слобода од тортура. Други европски земји, вклучувајќи ги Австрија и Германија, исто така размислуваат за договори за процесирање на барателите на азил во странство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ