Собрание

Владата го одби предлогот за измени во Законот за празници, Комитетот за односи меѓу заедниците пред сериозен тест

Владата доставила негативно мислење за предлогот за изменување и дополнување на Законот за празниците, со образложение дека граѓаните на Македонија ќе добиеле 10 нови неработни дена. Членови на Комитетот за односи меѓу заедниците (12 пратеници) бараат расправа за иницијативата за дополнување на Законот за празниците.

Ова образложение на Владата, велат иницијаторите, во суштина е сосема погрешен заклучок и објаснување, бидејќи 99 отсто од граѓаните не се опфатени со овој предлог закон, кој е во духот за развој на концептот на едно општество за сите без дискриминација.

Со овој предлог за изменување и дополнување на Законот за празниците, се предлага на пример, на 24 јуни неработен ден да биде само за заедницата на Египќаните, за Хрватите 25 јуни, за Црногорците 13 јули...

На оваа иницијатива поднесена на 22 мај годинава беа потпишани пратеници на сите пратенички групи. Со измените се бараше свој ден за славење да добијат Словенците, Унгарците, Полјаците, балканските Египќани, Хрватите, Црногорците, Ерменците, Бугарите, Грците и Русите кои живеат во Македонија.

Според потписите на иницијативата очигледно е дека меѓу мнозинството на пратеници владее расположение да се усвои ваквиот предлог.

За ова прашање треба да се добие мислење и од собраниското тело, Комитетот за односи меѓу заедниците, кое со години не функционира, а постои веќе цели 18 години од неговото уставно конституирање. Овој Комитет е задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, развивање на толеранцијата и институционалниот дијалог за сензитивни прашања од областа на односите меѓу заедниците. 

Во 2007 година донесен е Закон за Комитетот за односи со заедниците. Една од основните задачи на Комитетот е да разгледува прашања од односите меѓу заедниците и да дава мислења за нивно решавање.

Овој Комитет треба да разгледува начелни прашања од областа на односите меѓу заедниците и извршувањето на законите, другите прописи и општи акти со кои се уредуваат односите меѓу заедниците, како и да укажува на потребата за донесување закони и други прописи и општи акти со кои се уредуваат односите меѓу заедниците.

За маргинализацијата на улогата на Комитетот за односи меѓу заедниците, повеќе години укажуваат невладините организации како и меѓународната заедница, особено извештаите на Европската комисија и на разните комитети и комесаријати на Советот на Европа, како и Високиот комесаријат за национални малцинства при ОБСЕ. За жал, и актуелниот пратенички состав продолжува со практиката на маргинализирање на улогата на Комитетот. Новиот состав досега одржа само конститутивна седница, а за битни прашања во врска со надлежностите што ѝ се пропишани воопшто не заседавал. Не се почитува ни законската обврска по принцип на ротација еднаш годишно да се избира претседател и заменик на Комитет од редовите на членовите на ова тело.

Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои 7 Македонци, 7 Албаници, и по еден Турчин, Србин, Влав, Ром и Бошњак. Врз основа на членот 8 став 6 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците претседателот на Комитетот свикува седница и ако тоа го предложат најмалку една третина од членовите на Комитетот. На 28 јуни, девет пратеници, членови на Комитетот за односи меѓу заедниците побараа од претседателот на Комитетот Реџаил Исмаили свикување на седница на Комитетот. Повод за ова барање потпишано од 12 пратеници членови на Комитетот е иницијативата од 22 мај на пратениците од сите парламентарни групи за изменување и дополнување на Законот за празниците, со што се предлага како неработни денови се внесат и соодветните празници за уште 10 заедници што традиционално живеат на територијата на нашата држава.

А.Д.

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе