За решавање на спорот со името

Владата го декласифицира договорот, Парламентот на Грција расправа за него

Декласифицирање на договорот со Грција од страна на македонската Влада и негово ставање на увид на јавноста, седница на врвот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, почеток на седница на грчкиот Парламент на кој централна тема е договорот со Македонија, но и интерпелацијата на Владата на Алексис Ципрас, покрената од опозициската Нова демократија е исходот од вчерашниот ден во однос на процесот за решавање на спорот со името, а пред најавуваната средба на двајцата премиери, на која треба да бидат ставени потписи на договореното.

По декласификација, договорот треба да биде доставен до Собранието, а грчките пратеници, пак, денеска ја продолжуваат расправата по него, додека гласањето за недоверба на Владата на Ципрас е закажано за в сабота.
Средбата меѓу двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во Мала Преспа, која беше најавувана за викендов, ќе се одржи овие денови, но се уште не е прецизиран датумот. Договорот ќе го потпишат двајцата министри за надворешни работи, а ќе стапи во сила, откако ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент.

Во текот на денешниот ден треба да има повеќе информации за местото и датумот.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на вчерашната прес-конференција истакна дека се уште не е прецизиран датумот за средбата меѓу премиерите, но напомена дека денеска ќе има повеќе информации и ќе се знае точно кога и каде ќе се одржи средбата.

- Во текот на утрешниот ден точно ќе знаеме, ќе ве информираме, ќе одржиме брифинг во однос на потпишувањето. Во моментов не е позната точната локација и исто така не е утврден денот кога ќе биде. Утре попладне може малку подоцна ќе знаеме се, рече вчера Бошњаковски.

Тој вчера го објави декласифицирањето на договорот.

- Владата на РМ едногласно го разгледа и усвои извештајот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство и донесе одлука да го декласифицира договорот. Веќе е закачен на веб страницата на Владата и целата македонска јавност има пристап до истиот. Договорот е насловен - Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните, рече Бошњаковски.

На владината седница вчера шефот на дипломатијата Никола Димитров ги информирал министрите за текот на целиот процес и за реализацијата на договорот, во кој се предлага името Северна Република Македонија.
Димитров истакнал дека спогодбата пријателски ги утврдува интерпретациите на поимот „Македонија", при што на достоинствен начин се заштитени достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на македонскиот народ.

Тој информирал и за чекорите кои следат за реализација на договорот со кој Македонија е поблиску до членство во НАТО и ЕУ.
- Заев лично изрази дека тој силно верува во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината на земјата. Нагласи дека оваа Влада е горда на ова решение, како историска одлука со што се испишува нова страница во историјата на нашата земја, рече Бошњаковски.

Додаде оти премиерот пред министрите истакнал дека постојат силни аргументи овој договор да се афирмира и брани, се до неговата целосна реализација, за што конечниот збор ќе го дадат граѓаните на референдум.
Вчера заседаваше и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а по завршувањето на седницата, партискиот лидер Христијан Мицкоски порача дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и партијата нема да поддржат уставни измени за промена на уставното име, а в недела во Битола најави протестен марш.

- Досега не постои меѓународен договор кој се ратификува од едната страна, а не се ратификува истовремено од другата страна. Самото тоа го носи вториот заклучок, а тоа е дека ние ќе преземеме обврски, а каква обврска презема Грција и која е мерката доколку Грција не ја реализира сопствената одлука. Третата дилема која ја отворам пред јавноста во Македонија е како Владата презема обврска да изгласа договор во Собранието на РМ со просто мнозинство, а се обврзува да направи системски измени односно уставни измени со двотретинско мнозинство, рече Мицкоски, нагласувајќи дека сам по себе договорот е противуставен.

Кај нашиот јужен сосед почна седницата на Парламентот, откако претходно премиерот Ципрас во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ рече дека во договорот постои решение за државјанството, а не за идентитетот, бидејќи не можеме да им го забраниме правото на соседите да се самоопределуваат како Македонци.

- Овој договор тоа што го прави е да не го потценува правото на самоопределување, тоа не можеме да го направиме. Не можеме да им забраниме да се самоопределуваат како Македонци, рече грчкиот премиер и објасни дека во договорот терминот „Македонци" не се однесува на историјата на грчката Македонија.

Тој неколкупати ја употреби фразата „трговци на патриотизам" за оние кои и во двете земји се противеа на постигнувањето договор.

- И јас и мојот колега, господинот Заев, во овој период, водевме тешка битка, секој во својата земја да надминеме предрасуди и опсесии, но и еден организиран обид на „трговци на патриотизам", за да можеме да стигнеме до договор, кој веруваме, сметаме дека е во корист на нашите народи, бидејќи и двајцата сметаме дека тоа е вистинскиот патриотизам, додаде Ципрас.

Грчкиот премиер коментираше дека опозициите во двете земји имаат идентични позиции, дури и изјавите им биле исти.

- Ако ги заменеа текстовите од изјавите, немаше да има никаква разлика, токму истото го кажаа: национално понижување, национална отстапка. Ги видов изјавите на господинот Самарас и на господинот Иванов, ако се заменеа, токму истото го кажаа, рече Ципрас и додаде дека истото она што Мицотакис го барал од него, го побара и претседателот Иванов од премиерот Заев – да го види договорот, пред да биде комплетиран.

Коалицискиот партнер на Ципрас, Независни Грци вчера најави дека нема да го поддржи ниту договорот со Македонија, ниту предлогот на опозициската Нова Демократија за недоверба на владиниот Кабинет, иако иницијативата беше токму поради постигнатиот договор.

- Пратеничката група по состанокот и сега кога е во салата за време на седницата испраќа една порака. Прво едно големо благодарам до (лидерот на Нова демократија) Кирјакос Мицотакис за можноста што ни ја дава два дена да го прашаме лице во лице. Конечно да одлучи која е позицијата на Нова демократија. Конечно да реши да одбере меѓу кои позиции и линии ќе се движи, изјави портпаролот на Независни Грци, Теодорос Тосунидис.

Одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос на вчерашната расправа во грчкиот Парламент рече дека земјата со потпис ќе ја обврзе еден премиер кој е изолиран и од народот и од неговиот владин кабинет, премиер што нема согласност од министерот за одбрана.

Кумуцакос нагласи дека Нова демократија го отфрла договореното затоа што не прифаќа „лоши договори", а упати и обвинувања до Владата дека барала аргументи што се во корист „не на Грција, туку на другата страна".

- Ви даваме аргументи, постоечки аргументи дека не е признат македонскиот јазик од Грција во модерниот облик на македонското прашање, а вие барате, наоѓате, многу сте детални во тоа да најдете аргументи што се во прилог на другата страна. Ова никогаш се нема случено. Никогаш се нема случено министер за надворешни работи и Влада да бараат аргументи што се во корист на другата, а не на нашата страна, рече Кумуцакос во однос на признавањето на македонскиот јазик.

Претходно, неговиот лидер Кирјакос Мицотакис кусо пред да го достави барањето за гласање недоверба на Владата истакна дека Грција, прв пат признава македонска националност и јазик, елементи, кои според него, претставуваат корен на иредентизмот.

Постоењето македонски јазик и македонска националност во договорот меѓу Македонија и Грција се главните забелешки од грчките опозициски партии.

Можевме и требавме, преку соодветните локални власти и во соработка со МНР и Министерството за култура, оваа манифестација да ја направиме меѓународна.

повеќе

Еден проблем кај Трамп е тоа што му е опсесија да изгледа „силен".

повеќе

Меѓу најпосетените места во градот сѐ уште на прво место и меѓу главните мотиви поради кои доаѓаат туристите во Крушево е вечното почивалиште на Тоше Проески, спомен куќата изградена во чест на него, Манастирот Св. Преображение и многу други.

повеќе