Интервју

Везенков: Историчарите назначени од бугарската влада не можат да даваат упатства како да се размислува, зборува и пишува за минатото во Македонија

Повеќето луѓе во Бугарија се чини дека ја имаат на ум мапата на Балканот од крајот на 19 или почетокот на 20 век, кога не постоеше ниту држава Македонија, ниту стандардизиран македонски јазик. Соодветно на тоа, тие сметаат дека македонската нација и јазик се предоцна направени и во исто време се „вештачки" креации, смета бугарскиот историчар Александар Везенков.

Александар Везенков

Ветото од соседна Бугарија „нѐ отстрани“ од агендата на министерскиот состанок на ЕУ на кој требаше да биде разгледана преговарачката рамка за интеграција на земјава во европското семејство. Блокадата од нашиот источен сосед веќе повеќе од две седмици е една од најактуелните теми во земјава. Со оглед дека таа е условена од бугарските барања за промена на сфаќањата за нашето минато поразговаравме со историчарот Александар Везенков, еден од 35-те интелектуалци од Бугарија, потписници на писмото против Меморандумот испратено до ЕУ. Везенков има долгогодишно искуство во истражување на историските аспекти од поновата историја на Балканот во 19 и 20 век, на историјата на реформите во Отоманската Империја во 19 век и на институционалната историја на комунистичките режими.

„Ветото од Бугарија нормално дека е разочарувачко за Македонија. Истото тоа вето беше и е разочарувачко и за многу луѓе во Бугарија, од кои дел еве јавно го критикуваме начинот на однесувањето на нашата влада. Главната работа е дека не треба да се мешаме во Македонија. Во реалноста самата наша држава има интерес соседните земји да бидат интегрирани во ЕУ. Се разбира, немаме никаков интерес да им создаваме потешкотии на нашите соседи и да ги „свртуваме“ против нас. Инаку, не само како историчар, туку и како граѓанин, ме загрижува тоа што владата е толку емотивно „фатена“ за прашања од пред повеќе од 100 дури и илјада години, до степен што поради тоа се влошија односите меѓу нашите две земји“, вели Везенков за актуелниот спор и новонастанатите односи меѓу двете земји, додавајќи:

„Апсурдно е да се поставуваат барања поврзани со интерпретацијата на минатото во меѓусебните односи. Оттука, споровите што се оправдани и оние што не се, треба да се предмет (проблем) на дискусија меѓу експертите. Тука мислам на слободните академски дискусии што се водат одамна, а не на дипломатските преговори. Јас верувам дека секое општество самото бара начин за подобро разбирање на своето минато. Историчарите назначени од бугарската влада не можат да даваат упатства како да се размислува, зборува и пишува за минатото во Македонија.“

Јазикот и идентитетот на Македонците се „спорни“ за актуелната бугарска влада. Каков е Вашиот став по ова прашање?

- Многу експерти го дадоа своето мислење за ова прашање и се чини дека се согласуваат дека причината за ова негирање на јазикот и идентитетот од страна на Бугарија е во ставот за националниот идентитет како нешто вечно и непроменливо. Не само официјална Софија, туку и поголем број на луѓе во Бугарија, како и многу интелектуалци, некако сè уште не можат да разберат дека веќе подолго време Македонците имаат свој национален идентитет, што не е нешто суштински различно од националниот идентитет на другите народи. Не можат да разберат дека Македонците имаат свој литературен јазик и дека ова е нешто сосема нормално. Повеќето луѓе во Бугарија се чини дека ја имаат на ум мапата на Балканот од крајот на 19 или почетокот на 20 век, кога не постоеше ниту држава Македонија, ниту стандардизиран македонски јазик. Соодветно на тоа, тие сметаат дека македонската нација и јазик се предоцна направени и во исто време се „вештачки“ креации.

Токму тоа размислување за националниот идентитет како нешто непроменливо мора секогаш да се има предвид за да се разбере длабоката внатрешна противречност во позициите на официјална Софија, која од една страна наведува дека се признаваат „денешните реалности“ (македонски национален идентитет и македонски јазик), но инсистира македонската страна да ја признае „историската вистина“ (дека македонскиот национален идентитет и јазик не постоеле во далечното минато, дека разни водечки фигури во Македонија се сметале себеси за Бугари и го нарекувале нивниот јазик „бугарски“).

Да го тргнеме настрана фактот дека постоењето на нација или јазик не треба да биде „признаено“ од друга држава. Приврзаниците на оваа политика ви Бугарија мислат дека ако се донесе бугарската верзија на минатото, денешниот македонски национален идентитет и јазик ќе бидат дискредитирани. Еве, јас го оставам настрана и фактот дека бугарската верзија на минатото има свои сериозни слабости. Најважното нешто што треба да се разбере во Бугарија е дека сите нации се модерен феномен и сите литературни јазици се плод на стандардизацијата; фактот дека некои се порано, а други подоцна не е клучен во овој момент. Затоа, докажувањето на која било „историска вистина“ за минатото на Македонија не може да ја доведе во прашање денешната реалност.

Има ли простор за заедничко чествување на одредени празници и значајни личности од историјата? Како Вие гледате на заедничката историја?

- Многу зависи од тоа што подразбираме под поимот „заедничка историја“, како и под повнимателно „заеднички споделената историја“. Бидејќи има многу „заедничко“ и „заеднички споделено“ во историјата на Бугарија и Македонија, многу работи се споделуваат со другите народи во регионот, но има и големи разлики. Доста суштински се тезите што се различни по времето кога се формира и консолидира националниот идентитет - скоро век и половина, нашите народи живеат во различни земји, под различни услови. Од 1878 година наваму, Бугарија се развива како типична една нација држава . Денешна Македонија останува подолго во Отоманската Империја, и што е уште поважно, зад себе има споделена историја со другите народи од поранешна Југославија, и тоа е многу важно.

Што се однесува на заедничкото славење на празниците и хероите, мислам дека ова не е најважно. Вистина е дека има многу настани и личности што се почитуваат во двете земји и би било добро да не беа повод за полемика, туку за разбирање. Сепак, и заедничките прослави не треба да се одржуваат под притисок на бугарската страна. Во исто време, сепак, треба поотворено да разговараме за голем број трауматски прашања, како што се оние поврзани со Втората светска војна. Дијалогот е поважен од прославите.

Како ја оценувате работата на мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија во изминатава година? Има ли напредок во нивната работа?

- Во принцип, оваа комисија е формирана на начин што не дозволува да се постигнат посебни резултати, барем што се однесува до областа на науката. Прво, комисијата не е „мешана“ во вистинската смисла на зборот: ова се два преговарачки тима што треба да ги бранат веќе утврдените ставови на секоја од земјите. Спротивно на ова, во науката не сме поделени на „македонски“, „бугарски“ и други историчари, но се обидуваме, или барем мора да се обидеме, да бидеме непристрасни.

Второ, за жал, бугарската страна се обидува да ја злоупотреби својата привилегирана позиција како членка на Европската Унија, со цел да ѝ го наметне своето мислење на земјата кандидат. Во потрагата по вистината за минатото, ваквиот притисок е неприфатлив; тој нема место во добрососедските односи.

Трето, ако навистина се бара експертиза, многу чудно е што истиот состав дискутира за прашања што датираат од антиката па сѐ до неодамнешното време. Историчарите се специјализирани во одредени области и многу е малку веројатно дека истите луѓе се доволно компетентни во различни аспекти како што се Самоиловото Царство, стандардизацијата на јазикот или Втората светска војна. Обично се формираат стручни комисии за решавање на конкретен случај. Тогаш е можно чисто научните аргументи да дојдат до израз, за сметка на политички и национални пристрасности.

Веројатно знаете дека многу Македонци се претставуваат како Бугари за да добијат бугарски пасош, за да стигнат лесно до работа во европските земји. Кога ги интервјуираат за бугарско државјанство, тие велат дека се Бугари и дека ја знаат бугарската историја. Како гледате на тоа? Дали се принудени да ја продаваат сопствената историја од егзистенцијални причини?

- За ова прашање многу се зборува и во Бугарија, најмногу се дискутира до кој степен механизмот за доделување бугарско државјанство на луѓе што се декларирале како Бугари е поврзан со корупција. Инаку, од бугарска гледна точка, многумина исто така коментираат дека луѓето откако ќе добијат државјанство, воопшто не се идентификуваат како Бугари. И ова, ми се чини, треба повторно да ни покаже дека националниот идентитет не може да се наметне на чисто административен начин, соодветно, дека сопствената национална историја не може да се „продаде“, ниту некој може да ја „купи“ или „украде“.

Како се живее во Бугарија по нејзиното влегување во ЕУ? Дали сметате во моментов кога станавте членка ги исполнувавте критериумите како држава?

- Бугарија е еден од многуте примери за тоа дека членството во Европската Унија има свои предности, но не ги решава автоматски проблемите на државата и општеството. Дури ми се чини дека се направени посериозни напори за нивно решавање во годините пред пристапувањето. Неодамна, националистичките и конзервативните кругови го проширија своето влијание во бугарското општество, а тие се застапени и во сегашната влада. Овие кругови систематски се спротивставуваат на скоро сите европски политики и иницијативи.

Што се однесува до второто прашање - јасно е дека ниту во времето на пристапување, ниту сега, Бугарија не ги исполнува сите европски критериуми. И тука не станува збор само за животниот стандард, туку за проблемите како што се владеењето на правото, корупцијата, независноста на медиумите, заштитата на животната средина итн. Затоа, не беше во ред бугарската дипломатија да им наметнува дополнителни услови на сегашните кандидати за членство.

Х.Н.

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе