Неопходни се консултации

Венециската комисија со мислење: Да се преиспита Законот за јазиците и да се тргне двојазичноста во судските постапки

Во мислењето усвоено денеска, Венециската комисија ги повикува властите на Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

Правните експерти на Советот на Европа, како што се наведува во денешното соопштение, подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. 

Венецијанската комисија, од една страна ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците, но, истовремено оценува дека во одредени области новиот закон може да оди предалеку со наметнување на, како што може да се потврди, нереални законски обврски на јавните институции, особено што се однесува до употребата на албанскиот јазик во судски постапки, проследено со тешки санкции, односно казни во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку нема превод и толкување во текот на постапката. 

Според мислењето на Венециската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права. 

Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен во однос на тоа кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за јазиците на другите заедници. 

„Венециската комисија дава неколку препораки до властите на Северна Македонија, особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Исто така, препорачува обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или стапувањето во сила да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба”, се додава во соопштението. 

Што се однесува до паричните казни, правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека треба да се одложат се додека не се измени законот за да се обезбеди доволно правна јасност, да се намалат износите на казните, како и да се воведе елементот на грешка и принципот на пропорционалност. 

Властите, исто така, се поканети да направат анализа за спроведувањето на законот од 2008 година и проценка за влијанието на новиот закон за јазици за буџетот и човечките ресурси.

 

„Каде да летнеме викендов е пристап што како таков повеќе нема да постои“...

повеќе

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе