Собрание

Венециската комисија ќе ја проверува основаноста на употребата на албанскиот јазик на книжните пари и униформите на АРМ

Постои начелно договор меѓу политичките партии да се почитуваат препораките од Венециската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците, чии претставници на денешните средби со пратеничките групи во Собранието биле главно заинтересирани за употребата на законот во судството, јавното обвинителство, нотарите, во образованието, но и членот осум што се однесува за употребата на албанскиот јазик на книжните пари и униформите на Армијата.

Ова е генерално заклучокот од досегашните средби на делегацијата на Венециската комисија со пратеничките групи на СДСМ, на ДУИ и на ВМРО – ДПМНЕ.

Сепак, Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ изјави дека прво треба да се види што како документ ќе биде изготвен од страна на Венециската комисија.

„Начинот на владеење, на управуавње и начинот на непочитување на Деловникот во Собранието нѐ донесе во оваа постапка. Доколку беше послушан гласот на ВМРО – ДПМНЕ целата постапка да оди во нормална процедура и да има јавна расправа и за малцинските заедници кои исто така би требало да бидат опфатени, затоа што нашата држава е мултикултурно општество, да бидат опфатени и сите јазици на тие малцинства. Ќе бевме во состојба да имаме закон прифатен и во пракса употреблив од сите заедници во државата“, изјави Мицевски.

ВМРО – ДПМНЕ, нагласи тој, има принципиелен и конзистентен став од почеток во однос на Законот за употреба на јазиците. Дополнително, информира, биле дадени забелешки на целата процедура деловнички околу постапката на донесување, како и околу уставноста на целото законско решение. Во тој период, потсети, беа отфрлени над 36 илјади амандмани на ВМРО – ДПМНЕ без образложение и без никаква постапка.

„Ставот на ВМРО – ДПМНЕ по ова прашање е познат, а писмено забелешките повторно ќе бидат пратени. Морам да потенцирам дека нема облигаторност во одлуката, односно она што ќе го донесе како заклучок Венециската комисија“, изјави меѓу другото координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ по средбата.

Пратеничката од НСДП Соња Мираковска е задоволна од средбата со делегацијата на Венециската комисија, на која, како што рече, сакале да разберат какви се решенијата во Законот за употреба на јазиците.  Истакна дека нема никакви дадени рокови до кога треба да ги дадат нивните препораки, ниту има договорено дали и кога би имало нова средба.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ на средбата ја образложил потребата од Законот за употреба на јазиците, што, подвлече, претставува заокружување на нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор и придонесува во еднаквост на граѓаните, посебно јазичната еднаквост. Информира дека се очекува мислење од Венециската комисија за членот 8 за употребата на албанскиот јазик на книжните пари и на униформите на Армијата односно дали се во согласност со Уставот и со унитарниот карактер на државата. Груби изјави дека на денешната средба од делегацијата на Венециската комисија немало одговор за овие прашања.

Средба со делегацијата на Венециската комисија ќе имаат и претставници на независната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ, како и со пратеници од Алијанса за Албанците и Беса и заедничка средба со пратеници на политичките партии од помалите етнички заедници. 

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе