Зошто Владата побара одложување?

Венециска комисија: Законот за јазици го забавува функционирањето на судскиот систем

По објавувањето на првичните неофицијални забелешки на Венециската комисија за Законот за употреба на јазиците, македонската Влада побара одложување на објавувањето на извештајот до декември. Премиерот Заев ветува целосна примена на препораките. Ги објавуваме во целост првичните заклучоци на Венециската комисија за Законот за употреба на јазиците од 2018 година.

Венециската комисија препорачува властите да спроведат детална анализа за причините за недостатоците во спроведувањето на Законот за јазиците од 2008 година. За целосно спроведување на законските обврски за употребата на немнозинските јазици, исто така е важно надлежните органи да го реформираат образовниот систем за да обезбедат висококвалитетно образование на македонски и на малцинските јазици, преку воведување современи дво- и повеќејазични методологии на предавање во сите училишта - како што неодамна препорача Комитетот на министри 54 - и да ѝ се стави крај на поделбата во училиштата по етнички линии.

Заклучоци

99. Во споредба со Законот за јазици 2008, законот од 2018 година значително ја проширува употребата на албанскиот во јавните тела, како јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија. Многу одредби од Законот за јазици ги надминуваат европските стандарди дефинирани особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Ова во принцип е за пофалба. Венециската комисија ја поздравува подготвеноста на властите на Северна Македонија за подобрување на јазичната состојба на немнозинските заедници.

100. Меѓутоа, според мислењето на Венециската комисија, во одредени области законот оди премногу далеку наметнувајќи им нереални правни обврски на јавните институции. Ова особено е случај со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки што се формулирани на толку широк начин што сигурно би требало повеќегодишна подготовка за да бидат целосно спроведени. Многу мачните и скапи обврски што законот им ги наметнува особено на судските органи се придружени со тешки парични санкции во случај на непочитување (член 23). Покрај тоа, неуспехот да се обезбедат преводот и толкувањето што се бараат со Законот во текот на постапката претставува основа за поништување на судската одлука (член 9 (5)). Под сегашните околности, доколку се применува целосно Законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што се ризикува сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

101. Законот содржи неколку неизвесности во однос на неговото значење и обем. Не е секогаш јасно кои одредби од законот се применуваат само за албанскиот јазик, а кои важат и за други немнозински јазици (турски, српски, босански, влашки, ромски, итн.) И кои правни лица се опфатени со законот. Оваа текстуална двосмисленост уште повеќе ќе го искомплицира спроведувањето на Законот.

102. Затоа, Комисијата го повикува законодавецот да го преиспита Законот за јазици и, со тоа, да ги земе предвид, во консултација со сите засегнати страни, особено следниве препораки:

• да ги укине одредбите на Законот што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки и да ги преземе неопходните мерки за да се обезбеди ефикасно спроведување на јазичните барања на Законот за јазици 2008 во судските постапки;

• или да го ревидира членот 3 од Законот, кој предвидува употреба на албанскиот јазик во внатрешната и меѓуинституционалната комуникација, на пр. со ограничување на обемот на писмената службена комуникација, или да го одложи неговото влегување во сила сè додека не стане реално правилното спроведување на оваа одредба;

• да го разгледа и да го ревидира Законот за да се обезбеди доволно правна јасност во смисла на коментарите дадени во сегашното мислење и да ја разгледа опцијата да му се дозволи на секое лице да користи немнозински јазици, наместо според Законот тоа да се однесува само на лицата што им припаѓаат на тие заедници;

• да размисли за отстранување на референцата за државјанство во Законот со цел да му се овозможи на секое лице да ги ужива јазичните права признаени со Законот;

• да се одложи извршувањето на паричните санкции сè додека не се измени Законот за да се обезбеди правна сигурност и да се измени и дополни членот 22 со цел да се намалат износите на казните, да се прошири разликата помеѓу минималните и максималните износи, да се воведе елементот на грешка и принципот на пропорционалност.

103. Според мислењето на Венециската комисија, би било корисно доколку властите спроведат детални истражувања за причините за недостатоците во спроведувањето на Законот за јазици 2008 и да го процени влијанието во однос на буџетот и човечките ресурси на новиот Закон за јазици. Комисијата, исто така, препорачува законодавецот да не ја користи скратената постапка за ревидирање на Законот за јазици.

104. Венециската комисија им останува на располагање на властите на Северна Македонија доколку побараат дополнителна помош за ова прашање.

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе