петок, 19 април 2024

САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН

Вчера во Советот за безбедност на Обединетите нации, САД ставија вето на полноправното членство на палестинската држава во ОН.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

САД ставија вето на нацрт-резолуцијата со која се препорачува 193-членото Генерално собрание на ОН да ја „прими државата Палестина во членството“ на ОН. Велика Британија и Швајцарија беа воздржани, додека останатите 12 членки гласаа за резолуцијата.

„САД продолжуваат силно да го поддржуваат решението со две држави. Ова гласање не го одразува противењето на постоењето на палестинската држава, туку сугерира дека тоа ќе дојде само преку директни преговори меѓу двете страни“, рече заменик американскиот амбасадор во ОН Роберт Вуд.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди американското вето како „неправедно, неетичко и неоправдано“ и во изјавата истакна дека тоа е против „волјата на меѓународната заедница, која силно го поддржува полноправното членство на Палестина“ во ОН.

Палестинското барање за полноправно членство во ОН беше поднесено шест месеци по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа и додека Израел ги проширува населбите на окупираниот Западен Брег.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го пофали американското вето, додавајќи: „Срамниот предлог е отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.

Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач, што е де факто признавање на државноста, доделен од Генералното собрание на ОН во 2012 година. Меѓутоа, барањето за полноправно членство во ОН мора да биде одобрено од Советот за безбедност и најмалку две третини од Генералното собрание.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ