Вашингтон пост: Еве зошто Западот треба да ѝ посвети внимание на драмата во Македонија

Серија драматични настани се случија во малата и историски мирна балканска земја Македонија. Иако овие настани добија многу помалку меѓународно внимание од брегзитот, француските избори, па дури и од Евровизија, тие имаат значајно влијание врз другиот дел од Европа и треба да добијат поголемо внимание, вели Вашингтон пост.

Еве го историјатот

Македонија е една од државите што мирно изникнаа од поранешна Југославија, а се граничи со Косово, Србија, Бугарија, Грција и Албанија. Во 2015 година македонската конзервативна влада беше обвинета дека ги користела националните служби за безбедност за да прислушува дури 20.000 луѓе за свои политички цели. За да се надмине скандалот, се вмеша Европската Унија за да им помогне на четирите најголеми политички партии - конзервативната ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите и двете мали партии на етничките Албанци - да преговараат за следните чекори. Конзервативците на премиерот Никола Груевски - обвинети дека стануваат сè поавтократски - се повлекоа и во декември 2016 година во земјата се одржаа предвремени избори.

Меѓутоа, иако опозициските партии добија парламентарни места, ниту една партија не освои апсолутно мнозинство, па петмесечните преговори за избор на премиерот беа исклучително жестоки. На 27 април, парламентарците конечно избраа нов спикер на парламентот - Талат Џафери, етнички Албанец од коалицијата на социјалдемократите. Демонстрантите што ги поддржуваат националистичките конзервативци беа толку гневни што една разлутена толпа влезе во парламентот и ги нападна пратениците, повредувајќи го социјалдемократскиот лидер Зоран Заев, а беа повредени 100 други, вклучувајќи и пратеници и новинари. Деветмина од напаѓачите беа осудени; повеќе од 30 лица се обвинети.

 

Зошто на Европа и на светот треба да им биде важно ова?

Врз основа на нашата регионална експертиза, вели Вашингтон пост, може да се идентификуваат неколку главни причини поради кои светот треба да се грижи за она што се случува во Македонија.

1. Етничкиот конфликт на Балканот може да биде запалив

Демографските процени за Македонија се доста застарени; таму немало официјален попис уште од 2002 година. Но најновите податоци покажуваат дека околу 64 проценти од населението се етнички Македонци (кои се православни христијани и го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик), а до 25 проценти од населението можеби се етнички Албанци (кои традиционално се муслимани и зборуваат на албански јазик, освен на македонскиот).

Партиите на етничките Албанци бараат и нивниот јазик да стане официјален јазик во државата, меѓу другото. Конзервативците тврдат дека ова се опасни чекори кон прецртување на границите во регионот за да се отвори пат за Голема Албанија. Тие предупредуваат и дека секој обид да се сменат балканските граници ќе доведе до насилство и војна.

Така, нападот на толпата врз Собранието на Македонија го алармираше регионот. Српскиот премиер Александар Вучиќ свика итен состанок и ја мобилизираше српската војска, за во случај конфликтот да се прелее. Заев оттогаш ја обвинува Србија за непријателско однесување кон Македонија.

2. ЕУ и САД реагираа нејасно и колебливо

По неодамнешното насилство во македонскиот парламент, САД и многу европски влади речиси веднаш го признаа новоизбраниот спикер Талат Џафери, и покрај фактот дека гласањето го немаше неопходниот кворум и беа повредени важни процедурални правила, вклучувајќи го и електронското гласање.

Ова итно признавање на изгласувањето е во спротивност со обидите да се преговара за примирје на неутрален начин. Заменик-државниот секретар на САД, Хојт Ји, назначен во времето на претседателот Барак Обама, помогна да се дојде до договор во преговорите меѓу СДСМ и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, американскиот републикански конгресмен Дејна Рорабакер, претседател на конгресниот поткомитет за надворешни работи, продолжува да тврди дека Македонија не е држава - и покрај тоа што земјата мирно стекна независност во 1992 година, пред другите поранешни југословенски територии да се впуштат во крвав конфликт.

Македонија во 2009 година се обиде да влезе во Европската Унија, но Грција стави вето на тој обид. Некои мислат дека европските влади не направиле доволно за да извршат притисок врз Грција да ѝ овозможи на Македонија да пристапи во блокот - особено затоа што стратегискиот став на Европската Унија е дека постепената интеграција на Западен Балкан во Унијата е од клучно значење за промовирањето на мирот, стабилноста и економскиот развој. Од тогаш, македонските граѓани се сè поскептични кон Европската Унија. Еден појасен, подоследен и погласен став од владите на западните земји може да помогне во промоцијата на стабилноста.

3. Русија го обвинува Западот дека ги предизвикува проблемите

Европската Унија и Амбасадата на САД во Скопје, главниот град на Македонија, веќе долго време повикуваат да се стави крај на политичкиот ќор-сокак и да се врати владеењето на правото. Претставниците на ЕУ го поддржаа изборот на Џафери и го повикаа Иванов да овозможи да се формира нова коалициска влада меѓу македонските социјалдемократи и партиите на етничките Албанци.

Русија, од друга страна, го обвини Западот за разгорување на превирањата во Македонија. Рускиот министер за надворешни работи рече дека западните обиди за промена на режимот во Македонија се дел од планот за создавање на Голема Албанија и дестабилизација на регионот. Русија ја поддржува конзервативната партија и се обидува да изврши притисок врз Македонија да се откаже од своите амбиции за влез во Европската Унија и наместо тоа, уште повеќе да се приближи до орбитата на Русија.

4. Иднината на Македонија е неизвесна

Неизвесната судбина на Македонија е лоша вест за регионот и за Европа. Иванов се согласи да му овозможи на Заев да формира влада. Поддржана од Европската Унија и НАТО, новата влада може да биде подложена на интензивен притисок да ги реши главните отворени прашања.

На пример, тука е нерешениот спор за името: Грција тврди дека уставното име на Македонија го загрозува нејзиниот територијален интегритет зашто северната провинција на Грција исто така се нарекува Македонија. Промената на името би ги отворила вратите за влез на Македонија во Европската Унија и НАТО, но многу Македонци се против на тоа.

 

Па што значи сето тоа?

Западните влади можеби можат да спречат да се влоши кревката ситуација во Македонија со тоа што ќе ѝ посакаат добредојде како полноправна членка на Европската Унија и НАТО. Тоа би можело да ги охрабри македонските политичари мирно и трајно да ги решат политичките проблеми.

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе

Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. 

повеќе

Не постојат „повисоки интереси" од типот на членството во Европската Унија или НАТО алијансата за кои вреди да се прават потценувачки компромиси.

повеќе