Атина-Скопје

Варвициотис: Вето не се става лесно во Европа, но може да се прави секојдневен притисок на патот кон ЕУ

Не би рекол дека ветото е нешто што лесно се става во Европа, но она што може да се направи е секојдневен притисок на патот до членство во ЕУ, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во интервју за грчкиот портал „ГРТајмс“, на прашањето дали Атина би ја блокирала европската интеграција на земјава и во кој случај би можела да стави вето.

„Ако нашите односи се влошат, ако не се почитува духот на добрососедски односи, ако постои суштинско прекршување на условите на Договорот што го имаме потпишано, ако постои една сериозна промена во врска со функционирањето на владеењето на правото, на демократијата во соседната земја. Не би рекол дека ветото е нешто што лесно го ставаш во Европа. Но, она што може да се направи е секојдневен притисок, бидејќи патот кон Европа на сите останати балкански земји не е лесен тек и преговорите нема да бидат шест месеци или една година. Ќе траат многу години, можеби и деценија за да ја поминат портата на Брисел и да седнат на иста маса во Европскиот совет“, изјави Варвициотис.

Во однос на Договорот од Преспа, тој, како шти јавува МИА од Атина, го повторува ставот дека владејачката Нова демократија направила сѐ што можело за да не биде потпишан и ратификуван, објаснувајќи дека ревизија на Договорот не е изводливо решение и дека „Грција е земја која ги брани меѓународното право и меѓународните договори“.

„Кога (Грција) од другите бара да го почитуваат нивниот потпис, така и самата мора да го почитува нејзиниот потпис. Промена, ревизија на Договорот од Преспа, не е ниту лесен процес, ниту во овој процес Грција би дошла со силни оружја на маса. Нејзините силни оружја беа ветото за членство во НАТО и Времената спогодба која предвидуваше дека нашата соседната земја, во сите меѓународни организации ќе биде призната како поранешна југословенска Република Македонија. Овие работи ги изгубивме со Договорот од Преспа. Речиси се завршува интеграцијата на Скопје во НАТО и секако веќе не е во сила Времената спогодба. Според тоа, ревизијата не е едно од изводливите решенија. Не е да го поништиме. Она што треба да направиме е чекор по чекор во европскиот тек на земјата, да се обидеме да го подобриме“, објаснува Варвициотис.

Тој смета дека аргументот на претходната грчка Влада, дека е придобивка што Грција го надгледува воздушниот простор на Северна Македонија и не е толку важен, бидејќи Атина истото го прави и со Албанија откако во 2009 таа земја стана членка на НАТО.

За производите, трговските ознаки и брендот Македонија, Варвициотис изјави дека претходната Влада една година не направила ништо „за да ги поддржи македонските производи и не инвестирала воопшто во брендот Македонија“, а сега тие треба да најдат решение за бизнисмените од северна Грција, со цел нивните „македонски производи да се наоѓаат на полиците во целиот свет“.

Говорејќи за Солун и за северна Грција, тој вели дека неговата мајка потекнувала од грчката Македонија и додава дека се чувствува оти „во неговата крв тече крв на Македонец“.

 

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе

Хрватскиот музичар и кантавтор Дадо Топиќ уште во далечната 1973 година во неговата култна песна „Македонија" ја опиша нашата татковина како „земја каде сонцето вечно сјае".

повеќе

Одолговлекувањето на истрагата за случајот „Рекет" е тесно поврзана со политичките проценки за тоа до каде може да се оди во тактиката „жртва за квалитет".

повеќе