Европската комисија препорача Украина и Молдавија да добијат статус на кандидати за ЕУ, додека Грузија мора да исполни голем број услови и треба да почека.
Денеска и утре во Брисел се одржува самитот на лидерите на 27 земји членки на ЕУ кои, меѓу другото ќе разгледуваат апликациите за членство.
Во Брисел се присутни и лидерите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија и Турција се официјални кандидати за влез во ЕУ, а Босна и Косово се само потенцијални земји кандидати.
Пред самитот во Брисел, албанскиот премиер Еди Рама го отвори прашањето за смислата на присуството на балканските лидери на овој самит, затоа што повеќе од јасно е дека и овој состанок ќе заврши со уште едно „не, извини“. Сепак, сите се согласија да бидат присутни во Брисел.
Францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје, доживеа огромно незадоволство во Македонија. И Вархеји во неговата изјава потврдува дека се работи за предлог со прифатени бугарски услови во преговарачкиот процес за интерграцијата на Македонија во ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон викендов претрпе вистински пораз на парламентарните избори, па останува отворено прашањето за неговата подготвеност за компроимис.
Германскиот канцелар Олаф Шолц се залага и за реформи во Унијата, пред сè кога станува збор за правилата на гласање. Тој упати барање ЕУ да премине на донесување надворешнополитички одлуки со квалификувано мнозинство, што подразбира укинување на правото на вето на поединечни земји, но, мала е веројатноста да ја добие поддршката од Франција и од уште неколку земји, јави порталот Политико.
Неколку земји од ЕУ, вклучувајќи ја Франција, веќе изнесоа забелешки за укинување на правото на вето во клучни области, како што е надворешната политика.
Вчера македонскиот премиер Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил го најави денешниот став на Македонија во однос на францускиот предлог: „Владата на Република Северна Македонија формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки.
Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи:
- Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;
- Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;
- Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;
- Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија;
- Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“.
А.Д.