Утре координација за тоа кога и дали Собранието ќе расправа за францускиот предлог

За утре е закажан координативен состанок на шефовите на пратеничките групи за владината информација за содржината на предлог-преговарачката рамка испратена во Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ велат дека материјалите доставени до Собранието се нецелосни и побараа од претседателот на Собранието Талат Џафери да ги врати во Владата како некомплетни.

 

Претставниците на партиите од владината коалиција и натаму убедуваат дека предлогот на Франција е добар компромис и дека чекањето не ни оди во прилог. Опозицијата останува на ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе значи национално предавство.

„Во овој критичен момент од европската историја, обележан со неоправданата агресија спроведена од Русија против Украина, унапредувањето на патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент. Водени од заедничките вредности и стандардите и одредниците на ЕУ, двете земји се подготвени да го направат следниот чекор кон членство во ЕУ, велат во заедничката изјава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Тие го поздравиja компромисниот предлог меѓу Македонија и Бугарија,  кој, како што велат, ги зема предвид интересите и грижите и на Македонија и на Бугарија, а е заснован на меѓусебно почитување, доверба и разбирање.

 Опозицијата останува на ставот дека прифаќањето на предлогот ќе значи предавство. Тоа, велат од опозицијата, го знае и македонскиот народ кој јасно кажал „не“ на, како што нагласуваат, асимилаторскиот и понижувачки предлог со кој се блокира македонската интеграција во ЕУ.

„Бараме Владата да го отфрли овој предлог за кој најпрвин глумеше дека го одбила, за да после тоа на невидено да го прифати и да глуми некакви консултации со самопрогласени владини експерти кои се платени токму од Владата, односно од народот. Народот на Македонија веќе ѝ ги испорача потребните консултации на Владата, односно секојдневно кажува НЕ на бугаризацијата и бришењето и исчезнувањето на македонскиот народ“, изјави вчера пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.

Францускиот предлог пред неколку дена Владата го достави во Собранието. Дел од пратениците реагираа дека до пратениците е доставена само информација, без ниту еден документ и побараа од претседателот на Собранието да ги врати материјалите во Владата. Велат дека Владата го крие протоколот и не ја објавува неговата содржина, а во тој протокол се содржани клучните елементи на кои се обврзува земјава.

Во извештајот изготвен од бугарското МНР за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, се наведува дека Договорот за добрососедство и протоколот не е формален критериум за отворање или затворање на преговорите.

„Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка не соодветствува со Рамковната позиција од 2019 година, бидејќи имплементацијата на Договорот за добрососедство и протоколот од чл. 12 не претставуваат формален критериум за отворање или затворање на поглавјата од преговорите. Не е предвидена улога на Советот на ЕУ (т.е. Бугарија) во оценката дали Република Северна Македонија го спроведува билатералниот протокол, а оваа оценка е препуштена на ЕК“, се вели во извештајот.

Бугарското Министерство за надворешни работи е незадоволно и смета дека за нив е проблематично тоа што Македонија добила „чист македонски јазик“ во Преговарачката рамка.

Вчера бугарското МНР испрати покана до министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи за одржување на годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, според членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а состанокот би се одржал на 9, 10 или 11 јули во Банско.

На состанокот, според соопштението на бугарското МНР, треба да се разгледа исполнувањето на Договорот за добрососедство во изминатиов период, и да се преземат мерки за подобрување на двостраната соработка во сите сектори.

Од македонското МНР, пак, соопштија дека Османи нема да оди на годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија во Банско и оти ја известиле Софија дека министерот Османи во овој период ќе се фокусира на процесот во Собранието, каде треба да се расправа за францускиот предлог.

Денеска во Македонија продолжуваат протестите против францускиот предлог. Во петокот имаше едночасовна блокада пред Владата, а блокирани беа и магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. Вчера протести немаше заради почит кон граѓаните од муслиманска вероисповед и празнувањето на Курбан Бајрам.

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе