Преспа

Утре Димитров и Коѕијас ќе го потпишат договорот за името, за Заев оваа спогодба е во европски манир

Под зајакнати безбедносни мерки шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас утре во регионот на Преспа на грчка страна ќе стават потпис на договорот за решавање на спорот за името, со кој е предвидено официјалното име за севкупна употреба да биде Република Северна Македонија или скратено - Северна Македонија.

На потпишувањето на договорот ќе присуствуваат и премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата е превидено и присуство на високи претставници на меѓународната заедница, високата претставничка за заедничка надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, но нивното прусуство официјално сѐ уште не е потврдено, иако Могерини самата изјави дека би сакала да присуствува на церемонијата.

По потпишувањето следуваат изјави, а потоа двете делегации се префрлаат на македонска страна, каде е предвидена официјална средба на премиерите Заев и Ципрас, на двете делегации и заеднички ручек.

На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

За утре во Битола протест најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не го поддржува договорот и останува на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот, а протести од вчера се одржуваат и пред Парламентот во Атина, каде пратениците расправаат за недоверба на Владата на Ципрас и за договорот.

„Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“ под слоганот „Македонија значи Грција“ организира протести од вчера до недела. Во исто време во северна Грција започнуваат да се организираат за Преспа, веќе се планирани автобуси да заминуваат од градовите од северниот дел на земјата, за граѓаните да учествуваат на протестот.

Со договорот, кој завчера беше објавен во однос на јазикот предвидено е - македонски јазик и во ОН останува да пишува – македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување.

Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Во врска со државјанството односно националноста, во договорот е утврдено - македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

Основата на договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „Македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот Македонија и Македонски, се вели во документот.

Со членот 7 од договорот се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува хеленскиот дел од историјата.

Во договорот е утврдено дека Македонија и македонски во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство - различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамето не се менуваат, како и кодовите МК-МКД додека регистерските таблички не се дел од меѓународна кодификација и ќе го следат духот на договорот.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

Државните институции ќе го следат принципот на договорот – новото утврдено име на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како - македонски и да ја користат придавката македонски.

За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври.

Надеж дека граѓаните ќе гласаат позитивно на референдумот изрази вчера шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за рускиот весник „Известија“, бидејќи смета дека договорот е добар, вин-вин и урамнотежен.

Македонскиот премиер Зоран Заев преку Фејсбук вчера порача дека силно верува во успех на договорот меѓу Македонија и Грција, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата.

- На 73. седница го разгледавме и усвоивме извештајот за договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Силно верувам во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата. Оваа Влада на Република Македонија треба да е горда на ова решение. Со оваа одлука испишуваме нова страница во историјата на нашата земја“, напиша Заев на својот Фејсбук профил.

Со потпишувањето на договорот, вели Заев, ќе се испрати сигнал за европско однесување и манири во период кога „Балканот раководи со ЕУ“.

 „Важно е што сето тоа се случува во период кога Балканот раководи со Европската Унија, односно Бугарија претседава со ЕУ. Посебно сум среќен што на Западна Европа ѝ испративме сигнали на европско однесување и европски манири, и дека како Балкан имаме целосно право да бидеме дел од Европа“, изјави Заев вчера во Струмица.

Тој нагласи дека и пред склучувањето на договорот со Бугарија имало протести, но ништо не загубиле Македонија и Бугарија.

„Имаше протести и незгодни зборови пред да се склучи договорот со Бугарија. Откако го потпишавме договорот со Бугарија во Скопје, ништо не загуби Македонија, туку само добија Македонија и Бугарија. Така ќе биде и со Грција“, рече Заев синоќа пред почетокот на претставата „Железната завеса“ во изведба на тетарот на Бугарската армија во Домот на културата во Струмица. Претставата ја проследи заедно со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Заев наведе дека договорот со Грција треба дополнително да ја мотивира Европа.

„Договорот со Бугарија ја разбуди Европа и ги насочи очите на Европа кон Македонија. Договорот со Грција треба дополнително да ја мотивира Европа и сите нејзини земји членки“.

Во врска со очекувањата за покана за преговори за членство во ЕУ, премиерот Заев вели дека големите пријатели како Бугарија и други држави силно ја поддржуваат Македонија.

„Немаме отворени прашања со своите соседи, бараме шанса да добиеме датум за преговори. Тоа не значи членство во ЕУ. Европа веројатно ќе се реформира и ќе се подобрува, а ние ќе преговараме за да ги подобриме капацитете на институциите во Македонија и верувам дека ќе добиеме шанса да почнеме преговори со Европската Унија“, нагласи премиерот Заев.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева нагласи дека Бугарија како претседавач со ЕУ и Владата на нејзината земја работат на тоа Македонија да добие датум за преговори.

„Не случајно го поддржуваме решавањето на долгодишниот спор за името меѓу Македонија и Грција. Убедена сум дека тоа ќе им помогне на двете држави и верувам дека до крајот на месецот ќе биде донесена одлука Македонија да добие датум за преговори“, рече Захариева.

Таа додаде дека само по осум месеци од потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Бугарија и граѓаните на двете земји разбрале дека ништо не загубиле, туку само добиле.

МИА

Можевме и требавме, преку соодветните локални власти и во соработка со МНР и Министерството за култура, оваа манифестација да ја направиме меѓународна.

повеќе

Еден проблем кај Трамп е тоа што му е опсесија да изгледа „силен".

повеќе

Меѓу најпосетените места во градот сѐ уште на прво место и меѓу главните мотиви поради кои доаѓаат туристите во Крушево е вечното почивалиште на Тоше Проески, спомен куќата изградена во чест на него, Манастирот Св. Преображение и многу други.

повеќе