Собрание

Уште ништо не е јасно околу законот за ЈО, опозицијата обвинува за фалсификат

Собранието доцна синоќа ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Сега расправата за овие закони преминува во собраниската Комисија за европски прашања и во Законодавно-правната комисија.

Од Комисијата за европски прашања доцна синоќа најавија дека за денеска е закажана седницата на која ќе се расправа за овие закони.

Донесувањето на одлуката по скратена постапка да се носат овие два закона помина во тензичка атмосфера и препукувања меѓу власта и опозицијата. Седницата првично беше закажана во 17 часот, но почна со задоцнување од околу четири часа. Владата го повлече текстот на законите поради технички грешки и по направените корекции повторно го врати во собраниска процедура.

„Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ги разгледуваше предлог-законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Во текот на седницата беа изнесени сугестии од министерката за финансии, Нина Ангеловска, од Секретаријатот за законодавство и од вице-премиерот Бујар Османи. Во предлог-законот за јавно обвинителство беа внесени корекции кои се однесуваа на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот. Владата донесе заклучок предлог-законот за јавното обвинителство со тие дополнувања да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. За жал, во текстот кој што е пратен беа направени ситни технички грешки кои се однесуваа токму на корекциите кои беа усогласени на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство е повлечен. Владата по направените исправки повторно го достави до Собранието на Република Северна Македонија“, наведе Владата во соопштението.

Во меѓувреме опозицијата обвини за најгруб фалсификат и побара од претседателот на Собранието да ги врати законите до Владата бидејќи според нив предлозите се доставени неделовнички и нема одлука на Влада ниту за повлекување на материјалот, ниту за новиот предлог.

„Вие треба да го вратиме овој материјал бидејќи на седницата на Владата нема одлука за повлекување, ниту одлука за доставување на нов материјал во Собранието. Врз основа на ова, предлозите се неделовнички и согласно Деловникот имате обврска и право да го вратите предлогот до Владата и таа откако на седница ќе ги помине, да ви ги достави предложените зкаони за да може да закажате седница. Вака вие учествувате во кршењето на Деловникот на Собранието“, рече вчера координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Законот за јавното обвинителство по прексиноќешното зелено светло од Владата вчера влезе во собраниска процедура, откако власта потврди дека ја обезбедила потребната двотретинска поддршка од пратениците за негово изгласување.

Утврдениот предлог-закон, како што посочуваат од Владата, е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирање на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка.

„Решението на предлог-законот гарантира дека сите судски процеси кои беа во надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази“, се вели во соопштението од Владата.

Новина во предлог-законот, според Владата, е изборот на јавен обвинител во обвинителството за организиран криминал и корупција кој ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија. За основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Советот ќе го именува кандидатот кој што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите согласно овој закон.

„Предметите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преземени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон“, се посочува во соопштението од Владата.

На владината седница во неделата вечерта беше утврден и текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, кој исто така на Собранието му се предлага да биде усвоен по скратена постапка.

Парламентарното мнозинство – СДСМ и Коалцијата која ја предводи и ДУИ за усвојување на законот сметаат на гласовите на Независната пратничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијанса на Албанците, на Алтернатива и на БЕСА.

Лидерот на СДСМ и доскорашен премиер Зоран Заев прексиноќа напиша на Фејсбук дека е постигната доволно добра основа за да почне процедурата за носење Закон за јавно обвинителство, а кој се надева дека ќе добие поддршка од најмалку 2/3 од пратениците.

„Усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес кон нашата европска интеграција и аргумент плус за ЕУ да донесе позитивни одлуки поврзани со почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Унијата. Она што е особено важно за сите наши граѓани, Законот ги овозможува неопходните услови за владеење на правото во нашата земја и за конечна и темелна изградба на правната држава. Низ разговорите, кон содржината на Предлог-законот беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се застапуваше и се избори Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со што се создаваат услови да се овозможи фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда“, вели Заев.

Законот, според него, гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.

„Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме – во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите“, вели Заев кој упатува голема благодарност до ЕУ, до САД и до Државниот јавен обвинител за нивните напори и за помошта при дефинирањето на содржината на овој Предлог-закон, но и на сите пратеници и експерти кои дадоа свој придонес.

Тој ги повика сите политички сили во земјата да го поддржат законското решение, за, како што наведува, уште еднаш заедно да го потврдиме европскиот пат на нашата земја и заедно да ја потврдиме нашата стратешка определба за обезбедување правна држава.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вчера потврди дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ е уверено дека е постигната доволно добра основа, законот за јавно обвинителство да добие поддршка од најмалку 80 пратенички гласови.

„Пред граѓаните ветивме правда, силна правна држава и независно судство. Овој Закон тоа го овозможува.Со законот се гарантира дека сите судски предмети кои произлегоа од СЈО ќе имаат правна завршница. Постапките за овие процеси ќе бидат професионални, фер и базирани на докази. Покрај зајакнувањето на правната држава, овој Закон гарантира дека нема скриена амнестија за никого и дека секој за кого постои обвинение ќе одговара пред институциите, согласно законите“, рече Митрески.

Според него, не успеале обидите на ВМРО-ДПМНЕ да го одбрани криминалот, а криминалците да ги спаси од одговорност.

„ВМРО-ДПМНЕ до крај остана деструктивна и конфликтна во процесот за носење на законот. Цела година имаа шанса да демонстрираат конструктивност, но нивната одговорност како парламентарна партија се претвори во пазар за заштита на криминалците“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Во меѓувреме, вчера од ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците најавија дека нема да го поддржат законот бидејќи во Собранието била доставена различна верзија од она што било договорено на Влада.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека за нив е прифатлив само прексиноќешниот договорен текст на законот за јавното обвинителство, а секој друг текст не е прифатлив.

„Јас го знам законот што е усогласен синоќа, а не законот што е променет со различни волји на другите луѓе и немам идеја што е променето. Пред средбата бев информирам дека законот што го усогласивме вчера, не е во таа форма доставен во Собранието и не ги знам промените кои ги имаат направено“, изјави вчера Ахмети, одговарајќи на новинарски прашања.

Слични изјави дадоа и Сурија Рушити од Алијанса за Албанците и Фадил Зендели од БЕСА, и најавија дека нема да го поддржат законот за јавно обвинителство, бидејќи пристигнатата верзија во Парламентот се разликува од онаа што тие ја договориле во преговорите со Министерството за правда, пред се затоа што се против амнестија, а со членот 110 се предвидувала амнестија.

Независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, пак, неделата доцна вечерта соопшти дека ќе даде поддршка за законот за јавното обвинителство. Во соопштение до медиумите наведуваат дека во законот се вградени нивни ставови со кои меѓу другото се предвидува  Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран со непосредно гласање на сите обвинители,  Јавното обвинителство повеќе да не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушкувани материјали, и во обвинението за случаите Талир 1 и Талир 2 поднесени после законскиот рок да отпаднат, односно да не се користат незаконски прислушкуваните материјали. Апелираат до ВМРО – ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржат и во интерес на граѓаните да се донесе законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и да се поддржат  евроатланските процеси.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера потврдија дека остануваат на ставот против законот за јавно обвинителство и обвинија дека власта со сила наметнува законски решенија кои се спротивни на Уставот, на европските вредности и на интересите на македонските граѓани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оцени дека предложениот закон за ЈО на Владата, не ги содржи забелешките на експертите и повторно побара веднаш да се создаде тим од експетри кои ќе го подготват текстот на законот и тој да се изгласа од следниот парламентарен состав, бидејќи, како што рече, целта е да се донесе квалитетен закон.

Според него, предлог законот за ЈО е и монархистички бидејќи, како што вели, се менува членот за изборот на државни јавни обвинители, односно за ОЈО за организиран криминал, со Законот се овозможува амнестија за Заеви, за членови на неговата влада, како и амнестија за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои, вели, се во негово заложништво.

Официјален Брисел во писмена реакција за МИА, го поздрави компромисот помеѓу сите политички партии за законот за јавно обвинителство.

„Европската Комисија е запознаена со остварениот напредок во преговорите за законот за јавно обвинителство во текот на овој викенд и го поздравува тоа што политичарите, во дух на компромис, го ставаат националните интерес над сѐ“, стои во реакцијата на Европската Комисија.

Тие потсетуваат дека носењето на овој закон е „важен сигнал“ за патот на Северна Македонија кон ЕУ. Законот за јавно обвинителство, иако не е формален услов, според сите дипломати и претставници на Европската Комисија, е клучен фактор за олеснувањето на одлуката за почеток на преговори што треба да ја донесат земјите членки кон крајот на март. Доколку законот не се донесе, се смета дека поголем е ризикот една или повеќе земји членки да го искористат како изговор за нова блокада за почетокот на преговори.

Иаку, информациите од Собранието се дека законот за јавно обвинителство би можел да биде причина за неколкудневно пролонгирање на распуштањето на Парламентот, но не и на изборите најавени за 12 април. Во врска со датумот на распуштање на Собранието, спикерот Талат Џафери вчера соопшти дека Парламентот би можел да се распушти најдоцна до 16 февруари, што е согласно одговорот што на негово барање го добил од Државната изборна комисија за тоа кој е оптималниот рок за распуштање на Парламентот, а со цел да се испочитуваат сите постапки и рокови за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Според ДИК, тоа треба да биде на 55 дена пред изборите.

Џафери кој изјавата ја даде на заедничката прес-конференција со претседателот на словенечкиот Парламент, Дејан Жидан, посочи исто така, и дека вчера, како пратеник до Собранието доставил и нова предлог-одлука за распуштање на Парламентот.

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

повеќе

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе