Предвремени парламентарни избори

Уште една недела од предизборната кампања, се вжештува реториката, „бомбите“ се множат

Предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули е на средина, а партиите ја вжештуваат дебатата за економијата, правната држава и корупцијата. Сѐ почесто се користи и Јутјуб каде се објавуваат разни аудио снимки од прислушувани разговори, најчесто на лидерите на двете најголеми партии- Христијан Мицкоски и Зоран Заев.

Партиите своите изборни програми и денеска ќе ги претстават на средби со граѓаните, во помал формат согласно здравствените протоколи.

СДСМ и Коалцијата „Можеме“ денеска се во Крива Паланка и Дебар, а ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата за „Обнова на Македонија“ ќе бидат во посета на Петровец, Илинден, Центар и Кисела Вода.

ДУИ и нивниот кандидат за премиер ќе ја претстават програмата пред граѓаните во Тетово.

Предизборниот караван на политичката платформа Македонски концепт ќе биде во посета на градовите: Македонски Брод, Крушево, Демир Хисар и Ресен, додека Левица ќе биде во Гевгелија, а Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ во Прилеп.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, вчера од општина Гази Баба, порача дека времето на национализам и лажен патриотизам е завршено.

„Најголем патриот е оној којшто носи храбри одлуки за иднината. Стратешката цел за членството во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ ја остваривме. Во преговарачката рамка не случајно е напишано сите акти да се преведат на македонски јазик, на македонски не на северџански, како што оние од ВМРО-ДПМНЕ ни го навредуваат јазикот. Прво тоа е признавање, по не знам кој пат од ЕУ на нашиот македонски јазик“, изјави Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера од општина Карпош, порача дека тоа што ги прави поразлични од своите политички противници, е љубовта кон својата држава.

„Ја чувствувам енергијата на промени, дека народот сака овој пат да си ја врати државата, која му беше киднапирана“, изјави Мицкоски, потсетувајќи дека македонскиот народ секогаш се исправувал и победувал и против потешки противници и пред поголеми предизвици.

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети вчера заедно со првиот албански кандидат за премиер, Насер Зибери одржаа собир кај Камениот мост во Скопје, од каде порачаа дека кандидатурата за премиер Албанец ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста на земјата, а ќе има и позитивно влијание врз економијата.

Тие со порака за обединување ги повикаа граѓаните за рушење на идеолошките и националистички ѕидови кои ги делат народите и за обединување на сите кои веруваат во идеологијата „Еднаква земја” за сите, да дејствуваат за доброто на земјата и на сите граѓани.

Карванот на Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ и претседателот на политичката партија Единствена Македонија, Јанко Бачев вчера во Куманово порача дека ќе ги поништат антимакедонските договори, фалсификуваниот попис од 2002 година и ќе спроведат попис.

Бачев ги обвини двете најголеми партии дека го рушат македонскиот народ и дека изборите се на некој начин референдум на кој граѓаните одбираат дали ќе се врати државата на изворните илинденски и асномски принципи.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, вчера од општина Теарце, најави инвестиции од 500 милиони евра само за албанските населби.

„Нашата политика е поврзана со проблемите, проблемите на Албанците, каде и да се. Во нашата програма ќе видите, предвидени се 500 милиони евра инвестиции за четири години власт директно за ревитализација на албанските населби“, истакна Села.

 Петар Богојески од Македонски концепт, од општина Аеродром вчера порача дека граѓаните сакаат промени, и тоа промени кои ќе донесат подобар, достоинствен живот за нив и нивните најблиски.

„Гласот за 10-ка е глас за промена, глас за одговарање за неисполнување на политички ветувања, за следење на имотот на политичарите, за пратеници кои ќе работат волонтерски, а не за плата, за проектот 1,5 милијарди евра за обештетување на граѓаните од процесот на транзиција. Да почнеме да ги менуваме нештата на подобро и да ја вратиме државата во рацете на граѓаните“, порача Богојески.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе