Незадоволство во коалицискиот партнер на СДСМ

Усеини: Поднесов оставка на сите функции зашто Беса практично не постои

Движењето Беса стана структура која работи на семејна, кланска и регионална основа, не се почитува ниту еден партиски орган, а особено не се слуша гласот на младите и младинскиот форум на партијата, затоа, по осум месечни обиди за промени во партијата, денеска донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од сите позиции во Беса - од функцијата лидер на Младинскиот форум на партијата, од функцијата член на Централното претседателство на Беса и од другите органи и комисии, изјави за МКД.мк Лиридон Усеини.

Можеби на многумина им е нелогично да се откажеш од владејачка партија, но тука сакам да потсетам дека се соочив со дилемата - да го зачувам достоинството или да ја прифатам неправдата и да ги затворам очите. И бидејќи претседателот на Движењето Беса не сакаше да ги слушне забелешките на младите артикулирани преку мене, па дури и не се согласи да се сретнеме, а јас не можам да ги измамам членовите на Младинскиот форум на Движењето Беса, тука заврши мојот однос со Движењето Беса, пишува во оставката на Усеини.

Тој нагласува дека Беса беше партија што се појави со идеалот за унапредување на позицијата на Албанците и на албанството во Македонија, но дека заврши како здружение на СДСМ и како портпарол на ДУИ. 

„Во оваа прилика, ја информирам јавноста, особено граѓаните на Општина Желино дека повеќе нема да го претставувам Движењето Беса во Советот на Општината и дека ќе продолжам со мојата работа во Општината како независен. Покрај лошиот вкус што ми го остави досегашниот политички ангажман со овие погрешни луѓе, ја информирам јавноста дека Движењето Беса практично повеќе не постои. Тоа е фирма што ја молзат оние што останаа таму и нејзиниот политички живот ќе трае до следните избори. Исто така, во оваа прилика сакам да објавам дека гледајќи ја општата состојба на нашиот народ, дискриминацијата во секоја област на животот, сиромаштијата, раселувањето и образовната, економската и социјалната деградација, ќе останам активен во јавниот живот, што се однесува до начинот и видот на овој ангажман ќе бидете известени навреме“, напиша во својата оставка досегашниот функционер на Движењето Беса и претседател на младината на партијата.

Лиридон Усеини во јануари годинава во разговор за МКД.мк јавно изрази незадоволство од раководењето на партијата од страна на претседателот Биљал Касами и најави можност за оставки на истакнати членови, па дури и на цели разграноци.

Особено незадоволство изрази заради третманот на младите кои, според него, се и пообразовани од раководните кадри.

„Самиот Биљал Касами неколку пати призна дека Младинскиот форум е единствениот активен орган на Беса, а тоа го има кажано и во јавни настапи. Па сепак, продолжува со деградирањето на младите и нивното тргање настрана. И, наместо да им се даде шанса на помладите, од нив над 80 проценти со високо образование, Касами и натаму е опкружен само со функционери на возраст од над 45 години. Ние во Форумот воопшто не се согласуваме со политиката на претседателот Касами", ни изјави тогаш Усеини.

 П.Џамбазоски

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе