Улична чистка на парчиња од историјата

Со организирање на свечени настани и со присуство на челниците на ДУИ во Чаир продолжува промената на имиња на улици - две од улиците добија имиња на познати албански личности од историјата, а во заборав се турнаа имињата кои чуваа спомен на познати револуционери, комунисти и антифашисти. Промените се базираат на одлуката на Град Скопје од март минатата година. Тогаш беше најавувано дека врз база на спроведена анкета меѓу скопјани, имиња на улици ќе бидат одраз и на урбано Скопје, како - Леб и Сол, Мизар, Лева патика...Квин, Дејвид Боуви... Засега тоа е само на хартија. 

Вчера, со свеченост организирана во Старата скопска чаршија, со присуство на лидерот на ДУИ Али Ахмети, на неговиот близок соработник и прв вицепремиер Артан Груби, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу како домаќин имаше уште една можност да се пофали во рамки на своите надлежности. Беа поставени табли на кои стои ново име на една од улиците во Чаршијата. „Лазар Танев" е заменет со „Ушкин Хоти". Повод да се одржат говори, повод и Ахмети да им се обрати на присутните, меѓу кои сопартијци, граѓани... И да се каже дека имаат почит кон минатото, кон големите дејци... И дека остваруваат дела во интерес на граѓаните.

„Името на Укшин Хоти ќе го запаметат илјадници туристи од целиот свет минувајќи по оваа улица низ Старата чаршија", рече гордо градоначалникот.

Една недела претходно беше променето името на уште една улица. „Благоја Паровиќ" стана „Исмаил Ќемали". И тогаш беше организирана свеченост во сличен формат. Градоначалникот Ганиу тогаш рече дека станува збор за историски момент за општината и дека Ќемали ќе добие и бронзена статуа.

„Ова е едно од најголемите остварувања на градоначалникот", ќе искоментира саркастично еден граѓанин под фејсбук објавата на општината.

На оваа тема можеби ќе пишуваме и натаму, бидејќи градоначалникот најави промена на уште 66 улици во Чаир. Промени има и во други општини. И за сите тие промени постои одлука на Град Скопје од март минатата година, со која беа променети или ќе бидат променети имиња на вкупно 571 улица. Некои од промените се враќање на старите имиња кои датираа од пред менувањето на дел од имињата на улиците во времето на премиерот Никола Груевски - како на пример, од „Аминта Трети", улицата во Центар повторно стана „Ленинова".

Ако се анализираат новите и старите имиња во Чаир, се доаѓа до заклучокот дека акцентот е ставен на имиња од историјата на албанскиот народ. Но и дека претставува обид на општинските власти да се заборави едно друго минато – за некого славно, за други можеби невредно.

Чаирската улица „Лазар Танев" до вчера го чуваше споменот на истакнатиот македонски социјалист, борец за работнички права, стар скопјанец од Пајко Мало, роден во 1884 година. Во 1920 година. бил избран за одборник на Црвената скопска општина. Поради ширењето на прогресивни идеи бил прогонуван од полицијата и затворан, а неговата вредна библиотека уништена. Бил ангажиран за решавање на националното прашање, а тајните состаноци главно се одржувале во неговиот дом. Кај него се печателе материјали за Комунистичката партија и во времето на Народно ослободителната борба против бугарската фашистичка окупација. Поради своите заслуги од 1944 до 1945 година ја извршувал функцијата градоначалник на Скопје.

Таа улица во Старата скопска чаршија од вчера го чува споменот на Ушкин Хоти. „Тој е визионерскиот идеолог на националната кауза, човекот кој својот живот му го посвети на Косово", оцени вчера градоначалникот на Чаир.

Од биографијата на Хоти може да се издвои дека животот го посветил на идејата за осамостојување на Косово, односно во прво време за Косово Република, тогаш во рамките на Југославија, но подоцна се залагал и за обединета Албанија (голема Албанија). Бил професор по меѓународно право и филозофија на Приштинскиот универзитет, го сметале за еден од најважните интелектуалци. Во 1981 година бил осуден на 5 години затвор поради организирање на тогашните големи демонстрации кои започнаа како студентски, од кои се побара Косово да стане република. Бил уапсен и на почетокот на деведесетите години, а потоа во 1994 година, откако поради политички несогласувања го напуштил Демократскиот сојуз на Косово на Ибрахим Ругова, иницирал создавање воружени сили на Косово. Набрзо бил осуден на уште 5 години затвор. Казната ја изржувал во затворот во Ниш, од каде, наводно излегол на 16 мај, во екот на бомбардирењето од авиони на НАТО. Но мистериозно исчезнал и се води меѓу илјадите лица од Косово кои се исчезнати. Познато е и дека имал ангажман и со македонските Албанци, се памети дека присуствувал на митинзите кои биле организирани во 1991 година од тогашните новоформирани партии на Албанците во Тетово.

Што се однесува до улицата „Исмаил Ќемали", која до пред една недела го носеше името на Благоја Паровиќ, има сличности, но и разлики во суштината на промените.

Благоја Паровиќ всушност, бил интернационален револуционер, односно револуционер кому не му била во прв ред борбата за една нациналност. Помеѓу двете светски војни станал истакнат комунистички револуционер - антифашист. Тој за своите идеали се борел на различни фронтови, бил заштитник на работничката класа и на сиромашните воопшто, но имал и интернационална активност и комуникација. Имал задача да организира бригада од Југославија за борби во Шпанија под Франко. И лично бил шпански борец. Загинал во борбите со шпанските фашистички одреди.

Исмаил Ќемали пак, за кого градоначалникот Ганиу ќе рече дека е албански преродбеник, е истакната личност од историјата на Албанија. Тој е првиот премиер и министер во 1912 година на новата држава Албанија. Ќемали е главниот автор на Декларацијата за независност и првиот што го кренал официјално албанското знаме како државно. На функциите е две години. Претходно долги години работел и се залагал за осамостојување на Албанија од Отоманската империја, заради што развил голема дипломатска акција во повеќе светски политички центри.

Заедничко за личностите кои сега го чуваат споменот преку двете улици во Чаир е дека се значајни за Албанците од каде и да се. Но значајни личности за сите националности пак, се и двете личности кои се туркаат во заборавот, а лимените табли со нивните имиња е прашање каде завршиле.

Прашањето е секако, до каде може да оди бришењето на историјата, иако некој ќе рече дека преку улици не може ништо битно да се избрише. Сепак, се покажува нашиот однос кон минатото. Дали во прашање е обид да се турка еднонационалното без да се види подлабоко каде тоа води? Или пак, станува збор за бришење на комунистичкото минато? А тоа минато, барем за Македонија генерално не донело ништо лошо, туку создавање на македонската држава и ставање на Македонија на картата на антифашистички земји, на страната на сојузничките сили кои ја однесоа победата против фашизмот во Втората светска војна платена со илјадници животи на борци за слобода и цивили.

П.Џ.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе