„Излегувам од Владата. Од денес ги повлекувам министрите на Има таков народ и ставам крај на оваа коалиција и на оваа агонија“, изјави Трифонов.
Претходно министрите од Има таков народ ја напуштија седницата на Владата поради, како што вели Трифонов, лошиот буџет на Асен Василев. Според него, коалицијата не функционира и за Има таков народ нема место во таа Влада.
Тој додава дека за ваквиот потег има две причини – Република Северна Македонија и фактот дека во државата нема веќе пари.
„Петков води поинаква надворешна политика од таа на МНР и на Народното собрание. Премиерот си зеде свој министер за надворешни работи која се вика Весела Чернева и на различни лидери во Европа и во светот им ветил дека ќе го крене ветото за РС Македонија и прави се што може тоа да се случи и покрај тоа што огромен дел од бугарските граѓани бараат РС Македонија да го исполни договорот меѓу двете држави. Македонија е важен дел од нашата историја и душа и никој нема право да носи еднострани одлуки против волјата на бугарскиот народ“, вели Трифонов.
Во однос на буџетот и државните пари тој вели дека откако Василев е министер за финансии „фрчат милијарди". Трифонов тврди дека министрите од „Промената продолжува" ја водат државата кон пропаст.