Расправа во Собранието

Tреба да се прошири листата на болести што се третираат со масло од канабис

Граѓаните може да имаат бенефиција од Законот за употреба на канабисот за медицински цели од 2016 година, но за тоа е неопходно проширување на листата на состојби што може да се третираат со масло од канабис, како и декриминализација на одгледувањето и уживањето канабис за лична употреба.

Ова беше разговарано на јавната расправа на тема „Економските и здравствените придобивки од легализацијата на канабисот“ што се одржа минатата недела во рамките на парламентарната Комисија за економски прашања во Собранието и на која учествуваа пратеници, адвокати, професори, експерти и претставници од граѓанскиот сектор.

Неопходно е ажурирање на листата на болести што се третираат со канабис

Откако се донесени измените во законот од 2016 година и правилникот за состојби што може да се третираат се само ХИВ, мултиплекс склероза, епилепсија и канцер и таа листа досега не е ниту еднаш ревидирана. Во Германија канабисот се користи за околу 40 состојби, во САД за над 100 и се ажурира на годишно ниво. Кај нас во практика само тројца лекари специјалисти имаат право да пропишуваат марихуана за медицински цели.

Давор Ангеловски, кој работи во едукација на медицински лица, најчесто доктори и фармацевти, за употреба на канабис и канабис-екстракти, вели дека сè уште има стигма за ова прашање и докторите сè уште го сметаат канабисот за дрога.

 Давор Ангеловски

„Канабисот има околу 400 лековити состојки, околу 113 – 117 канабиноиди, а од нив само еден е психоактивен. Тоа е ТХЦ. Да, се работи за психоактивен канабиноид, но не значи дека треба да се плашиме. Во светот досега не е регистриран ниту еден смртен случај од канабис“, рече Ангеловски.

Во однос на Законот за употреба на канабис за медицински цели, смета дека е лимитирачки и доста тесен.

„Многу малку се докторите кои може да го пропишуваат. Невролози, инфектолози и онколози и она што забележувам и сметам дека е контрадикторно е дека не може да го пропишуваат вработени од приватните установи. Нешто што не можам да го сфатам, бидејќи како пациент имам право на избор каде ќе се лекувам. Во однос на болестите, не се само тие четири болести што моментално ги имаме и три вида специјалисти што може да ги пропишуваат, така што постои можност да ги прошириме болестите и да ги прошириме и докторите кои може тоа да го пропишуваат“, истакнува Ангеловски.

Потребна е декриминализација на личната употреба на канабисот. Треба да се направи еден реален модел што ќе одговара на потребите.

„Сметам дека треба да се дозволи одгледување за лични употреби и тоа треба да биде направено на квадратен метар, а не на одреден број растенија. Сметам дека полицијата, како и досега, треба да продолжи со својата работа и треба да бара докази за продажба и сведоци. Сметам дека ограничување на такви смешни бројки е контрапродуктивно. Прво и основно што може да го направите за пациентите во Македонија кои ги претставувам денеска е да ја декриминализирате личната употреба и да не се плашат дали ќе завршат во затвори или ќе имаат какви било последици оние што само употребуваат канабис“, рече Ангеловски.

Високата цена на медицинскиот канабис го „држи“ во игра црниот пазар

Доктор Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, раководител на Одделението за болести на зависност и дектоксикација и секретар на Здружението на клинички токсиколози на РМ, вели дека Законот за легализација на канабисот за медицинска употреба веќе по две години е тотално застарен.

 Нико Беќаровски

„Ние се доведовме во ситуација да може само одредена група лекари специјалисти да пропишува лек што е безбеден. Цели 29 години работам на Клиниката за токсикологија и откако е донесен законот бројот е намален, не е зголемен. Да не се плашиме, не само што ние не сме виделе сериозни компликации, туку и во светот смртен случај исклучиво од марихуана нема и не може да има, рече Беќаровски.

Од друга страна, посочува Беќаровски, само минатата година 137 пациенти завршиле на Клиниката за токсикологија, како резултат на епилептични напади и предозираност од трамадол.

„Трамадолот може да го пропишува секој лекар. Трамадолот е достапен во секоја аптека, дури и без рецепт, а се случуваат страшни проблеми со мозокот. Тоа е наркоаналгетик. Значи, хемиската формула на трамадол, за разлика од хероинот, се разликува само во две радикални групи. Парацетамолот може да го купите во маркет. Годишно 1.700 луѓе во Европа завршуваат со хепатална инсуфициенција, која бара трансплатација на црн дроб. Далеку од тоа дека се работи за лекови што се безбедни и небезбедни. Секој лек има свои сакани и несакани дејства. Меѓутоа, главната работа што еден доктор може да ја направи за својот пациент е да ја смали болката“, изјави Беќаровски.

Посочува дека секојдневно кај него доаѓаат десетина пациенти заболени од канцер на матка, на дојка или на јајници.

„Верувајте дека од тие десет, три – четири користат масло од канабис. Тоа што е трагично е дека речиси 90 проценти од нив го купуваат сè уште на црниот пазар. Зошто е така? Прво во недовербата во тоа што се нуди моментално на пазарот, а второ е во цената. Се работи за препарати што сè уште се екстремно скапи“, рече Беќаровски.

Во однос на ЦБД-маслото се согласува дека ги смирува болките, ама за да ги смирите болките, едно пакување чини 1.200 денари.

„Со 1.200 денари ќе ги смирите болките три – четири дена. Парацетамолот е десет денари, аналгинот е 20 денари. Токму поради тоа барем производството на ЦБД, кое нема никакви несакани ефекти, зошто требаат сите тие големи огради за производство на див коноп. Помасовното производство ќе ја спушти цената и ќе го направи подостапен на пазарот“, рече Беќаровски.

Тој нагласи дека додека учел во нашиот образовен систем, употребата на марихуана неминовно подоцна доведува до употреба на хероин, но денес во светот има студии што покажуваат дека лекувањето зависност од хероин се заснова на марихуана.

Декриминализација на канабисот и дестигматизација на уживателите

Адвокатот и основач на здружението за канабис и зелени политики „Билка“, Јанаки Митровски, вели дека погрешната државна политика создава парадоксална состојба, при што доколку некој граѓанин или странец има значителни средства ќе биде бизнисмен и може да одгледува канабис без лимити, а доколку некој граѓанин има блиско лице во семејството и дијагноза што може да се третира со канабис, а нема средства да купи и засади канабис дома ќе биде жестоко гонет и му се заканува казна од три до десет години затвор.

 Јанаки Митровски

„Сметаме дека е неопходна законска измена што ќе овозможи секој граѓанин што има здравствена состојба препознаена од државата што може да се третира со канабис да може дома да засади канабис во одреден број растенија и да биде лиценциран при Министерството за земјоделство“, изјави Митровски.

Тој нагласува дека нема никаков проблем комерцијалните лица да остваруваат бенефиција, но каде е бенефицијата за граѓаните.

„Оваа држава овозможи златна кокошка бизнис на мала група правни лица, а граѓаните, пациентите немаат ниту бенефиција ниту се обврзани да даваат производи на нашиот пазар. Од друга страна, паралелата е дека граѓаните и оние што се нашле во немоќ се гонети“, истакна Митровски.

Смета дека е неопходна целосна промена на државните политики во однос на канабисот и негова декриминализација, особено поради фактот што законодавецот нема дефинирано што подразбира под помало количество и тоа во практика се злоупотребува.

„Иницираме измени во Кривичниот законик со кои законски ќе се одреди која количина државата ја смета за лична употреба во услови кога нема други елементи на продажба. Што ќе доведе до состојба на владеење на правото, дестигматизација на уживателите на канабис и нивна декриминализација, но и ќе донесе директни и индиректни економски бенефиции за државата, која веќе нема непотребно да ги користи и онака скромните ресурси и ангажира високообразовани инспектори, вештачења на канабис, обвинители и адвокати“, вели Митровски.

МИА

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе