Кон францускиот предлог

Транспарентноста и дијалогот се основните темели на демократијата

Низ времето, дијалогот бил и останал замена за вооружени конфликти со тешки и долготрајни последици. Умните велат, подобро илјада денови дијалог и преговори, отколку еден ден војна и се потполно во право. Секоја нова вест од боиштето во Украина, е доказ за оправданоста на дијалогот.

Политиката и дипломатијата се платформите каде таквите дијалози и преговори се водат. Се разбира, на крајот исходот не е секогаш на задоволство на сите, иако кај добрите преговори нема победници. Резултатите зависат од многу фактори, пошироки околности, политичка харизма, храброст и одлучност, дипломатска умешност, аналитички способности  и познавање на техниките на преговори, и не помалку важно ако не и најважно, познавање на темата за која водите дијалог или преговарате. Историјата вели, низ примери, дека многу ретко сите фактори се спојуваат во исто време и во вистинските лица.

Но, едно е сосема сигурно, во политиката нема застанување, време за одмор, време за преиспитување, бидејќи, поголемите, помоќните и поспособните, кои имаат и ресурси и капацитети и компетентност да водат политика во континуитет, непрекинато, ги носат одлуките независно од тоа дали ние сме способни и кадарни да ги следиме или не. Како мала држава ние го немаме луксузот да застанеме за да размислиме, бидејќи процесите не нѐ чекаат. Ние сѐ мора да правиме во од, па и исправање на евентуалните грешки. А опасност да направиме грешки, со нашите ограничени и не секогаш до крај ангажирани капацитети имало и ќе има.

Европската интеграција е државен проект и мора да се третира како таков од страна на сите политички и општествени чинители. Транспарентноста е коренот на демократијата и темелот на кој се надградува општествената (само)доверба. Само на таков темел може да се потпира и издржи одлуката која се носи денеска, утре, деновиве. Колку сме потранспарентни, колку повеќе ги користиме сите расположиви капацитети, толку помал ќе биде и просторот за грешки. Не е време за суети, не е време за докажување, не е време за историја, сега е време за одлуки кои треба да нѐ поместат кон иднината. Лоша одлука не е во ничија корист и никој нема да може да ги издржи последиците од таквата одлука.

Иницијалниот француски пакет, беше одбиен од страна на премиерот Ковачевски и од претседателот Пендаровски, со јасно и јавно искажан став во Брисел. Лично сметам дека нашата позиција мора да остане јасно, недвосмислено и гласно: сакаме полноправно членство во ЕУ и продолжуваме со аргументирано убедување на ЕУ дека мешањето на билатералните прашање со пристапните „европски” преговори е лошо пред сѐ за ЕУ, за нас, но и за целиот регион. Да не заборавиме сите заедно, а пред сѐ  ЕУ, дека има и други билатерални прашања на нашиве простори кои само ќе ги „раскрвариме” со ЕУ „решенијата” во нашиот случај.

Новиот, модифициран предлог од Француското претседателство, е примен со должно внимание и неопходна претпазливост. Истиот треба транспарентно да се стави на увид на целата јавност, да се остави разумен рок за елаборација и дискусија и било која одлука донесена на крајот од страна на Владата, потврдена наспроти собраниската Резолуција, мора да биде зрела, долгогледа, долгорочна, пресметана и целосно во интерес на државните и националните интереси. Само таква одлука може да го издржи времето пред нас.

Претседателот на Владата веќе изјави: „Започнуваме широк консултативен процес со сите страни за новиот француски предлог. Овој процес ќе го оствариме заедно со владината коалиција, Претседателот на државата, Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Процесот ќе биде транспарентен и ние ќе споделиме со јавноста релевантни детали по што ќе може да се донесе финалната одлука“. Лично се согласувам со ваквиот транспарентен и инклузивен пристап, бидејќи исходот нѐ засега сите нас подеднакво и од оваа, но и од следните генерации. Политичката цена е потполно неважна, ние како поединци сме неважни, она што историски ќе тежи утре и годините потоа е само одговорот на прашањето, не дали, колку и како сме ги бранеле нашите државни интереси, туку дали сме успеале да ги одбраниме нашите македонски идентитетски корени и дали сме изградиле функционална мултиетничка држава, бидејќи поголем државен приоритет од тоа нема.

Драган Тилев

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе