Изјава на Организацискиот секретар

Трајковски: Кукавички чин на мала група е НСДП да има еден кандидат за претседател

Организацискиот секретар на НСДП Кристијан Трајковски, кој имаше поднесено кандидатура за претседател на партијата, изјави дека вчерашната одлука на Централниот одбор на Конгресот да се оди само со еден кандидат - Горан Мисовски, е разочарувачка и недемократска и претставува кукавички чин. Тој вели дека не се откажува од заложбите за демократска НСДП од што се плаши „една многу мала, привилегирана група луѓе“ и најавува дека ќе се кандидира на самиот Конгрес на 4 јуни.

Во изјавата Трајковски вели:

„Централниот одбор на НСДП донесе разочарувачка и недемократска одлука да се отфрли мојата уредно поднесена кандидатура и програма. Одлуката да се има само еден кандидат, при повеќе поднесени кандидатури, е ништо повеќе од кукавички чин за бегање од демократските вредности на кои нашата партија е изградена.

Дополнително, одлуката е спротивна на Правилникот за организација на Петтиот конгрес на НСДП и ги спречува речиси петстотините делегати да не можат слободно, фер и демократски да го изберат следниот претседател на НСДП.

Единствениот кандидат и неговото тесно мнозинство во Централниот одбор, одбија да дозволат демократски натпревар на идеи и политики, бидејќи се плашат од гласот на членството и отворената демократијата.

Јас не се откажувам од мојата заложба и уверување дека демократијата и демократските вредности се пред сè и над сè. Не се откажувам од мојата прогресивна визија дека нашата НСДП ќе биде обединета и гласна партија, каде слободата и слободната мисла ќе победат. Само така притисоците, заканите и носењето одлуки од една многу мала, но многу привилегирана група луѓе ќе бидат сеќавање од минатото. Луѓе кои се однесуваат како функциите да се нивно родено право, а не голема обврска и одговорност делегирана од целото членство пред кое тие се должни да поднесат отчет.

На претстојниот конгрес на 4 јуни, ќе го искористам моето право да се кандидирам на самиот Конгрес и таму ќе ја побарам поддршката на членството и делегатите“.

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе