Трајче и Бобан Заеви во Дубаи, истрагата за запленетата марихуана кај Росоман продолжува

Братучедите на премиерот Зоран Заев и главните протагонисти во бизнисот на фамилијата Заеви со канабисот, Трајче и Бобан Заеви, веќе три недели се во Дубаи, дознава МКД.мк. Тие засега од дистанца ги следат актуелните настани во Македонија, акцијата на американската агенција за борба против наркотици ДЕА и МВР со приведувањето на неколку лица замешани во шверцот на 200 килограми марихуана.

Трајче Заев и Бобан Заев официјално се сопственици на фирми за производство на медицински канабис (МАМ во Свети Николе и Фарма медика канабис во Валандово). Но, и двајцата и други припадници на нивната фамилија се делумни сопственици во уште неколку компании поврзани со канабисот, кои се организирани во своевиден конзорциум.

Се претпоставува дека оваа акција на ДЕА е резултат на недоразбирањата на американскиот сопственик на компанијата за производство на медицински канабис „Фајв летерс“ со претставници на семејството Заеви. Лани во декември беа запленети 150 килограми марихуана од оваа компанија, по што „Фајв летерс“ ја изгуби и лиценцата. Временски тука некаде и ДЕА почнала да се интересира за тоа што се случува на илегалниот нарко пазар во Македонија.

Во акцијата на ДЕА и МВР од пред два дена во која е запленета марихуана во вредност од 800 илјади долари, приведен е и Александар Ушилковски, возачот на Трајче Заев. Во акцијата со лисици на рацете завршил и еден од управителите на „Медицал 420“ од Битола, уште една компанија за производство на медицински канабис во која Заеви имаат удел. И дел од возилата од кои се приведени неколкумина се во сопственост на овие компании.   

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ два дена по ред прашува дали комбето во кое била пронајдена марихуаната е во сопственост во фирма партнер со фирмите на Заеви. Од Владата засега велат дека очекуваат брза и темелна истрага, но нема одговор за тоа дали еден од приведените во акцијата во која се запленети 200 килограми марихуана е возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев. И дали комбето во кое е откриена марихуаната е на фирма поврзана со Заеви. Од СДСМ денеска соопштија дека ни комбето кое го спомнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ниту кој било од приведените во акцијата имаат каква било поврзаност со семејството на претседателот Зоран Заев.

За време на акцијата уапсени се и двајца високи полициски функционери, едниот командир на полицијата во Прилеп, друг од БЈБ. Во текот на ноќта во петокот е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У..

„ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, и тоа против Д.Ј. (35) од Струмица, А.У. (45) од Скопје. М.З. (29) од Куманово, М.С. (36) од Битола, К.С. (46) од Прилеп, Г.К. (25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори’, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик .

Ова следеше откако Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА спроведоа повеќемесечна истрага, во координација и по насоки на Јавен обвинител од ОЈОГОКК.

Во акцијата на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на село Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З. Веднаш потоа било запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога“, соопшти вчера МВР.

Акцијата на ДЕА и МВР е спроведена само неколку дена откако е спроведена акцијата „Планина“ против наркобосовите од Грчец по кои со мало задоцнување е распишана и меѓународна потерница и откако ВМРО-ДПМНЕ ја обзнани аферата Мафија за издавање на пасоши со лажен идентитет на бројни (215) познати криминалци од регионот замешани во нарко-бизнисот.

А.Д.

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе