Трајанов предлага: За тешките кривични дела од организираниот криминал да нема застареност

Демократскиот сојуз го поддржува Планот за борба против корупцијата и инсистира да се изградат инструменти за негова имплементација, како и за негово надградување. Претседателот на партијата и пратеник во Собранието, Павле Трајанов денеска излезе со неколку предлози за борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Трајанов смета дека треба да се донесе закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција и во него да се предвиди да нема застареност за тешки кривични дела од организиран криминал и висока корупција доколку делата се поврзани со злоупотреба на власта.

Според неговиот предлог, треба задолжително да се конфискува капиталот стекнат на криминален начин и да се изрекува заштитна мерка забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години.

„Со законот да се предвиди формирање на Агенција за борба против организиран криминал, со надлежности да работи на откривање и спречување на тешки облици на криминал и висока корупција, да го открива скриениот имот на носителите на високи државни и политички функции, како и на други лица инволвирани во тежок криминал, да ги координира активностите на сите институции надлежни за откривање и спречување на тешки облици на криминал (МВР, АНБ, АР, Финансиска полиција, Финансиско разузнавање, УЈП и др.), да постапува по барања  на ДКСК итн. Агенцијата треба да има законска обврска оперативно да  истражува и спречува злоупотреби при јавните набавки со вредност од над 300.000 евра“, предлага Трајанов.

Директорот, смета тој, треба да го бира борд од 15 експерти, универзитетски професори, претставници од невладиниот сектор, медиумите и Парламентот, со мандат од седум години. Вработените да имаат посебни права и овластувања, да се експерти и со силен интегритет и добро платени. Во Агенцијата, како што додава, треба да се вработат не повеќе од 40 експерти, а за тој број да се намалат работни места во другите институции и финансиски средства.

„Поради целосна департизација и деполитизација на администрацијата, да се забрани членство во партии на вработените во МВР и другите безбедносни институции и други институции кои работат на сузбивање на криминалот. Вработувањето во државната и јавната администрација да се одвива врз основа на јасни цврсти критериуми и притоа да се предвиди кривична одговорност, казна од најмалку три години затвор, за секој што ќе ја злоупотреби власта при вработување“, стои во предлогот од Трајанов.

Како што соопштија од партијата, Демократскиот сојуз има подготвено проект за декриминализација „ДЕКРИ“ со кој се предвидува заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал.

 

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе