Интервју за РСЕ

Тимоние: За Рашковски ќе кажам дека е неопходна транспарентност, особено кога станува збор за тендери

Франција е на ваша страна на тој пат. Не знаме колку ќе трае тој пат и патот воопшто не е едноставен, но сме определени да помогнеме, само треба да утврдиме кој е билансот од реформските агенди. Но францускиот став сè уште не е донесен за таа тема, вели амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио слободна Европа.

Амбасадоре, дали Македонија и Албанија се заложници на желбата на францускиот претседател Емануел Макрон за реформирање на ЕУ?

- Разбирам дека сето ова предизвикува силни емоции, затоа што знаеме дека погледите на овие народи се свртени кон Европа и европската интеграција. Но треба да се види контекстот, во кој што говореше претседателот. Тоа беше тежок момент, за среќа успеавме да го надминеме за назначувањето на новите лица на Европската унија.

Тоа беше повод за да видиме дека нашиот систем на функционирање е доста сложен и комплициран и дека од оваа Европа очекуваме толку многу работи меѓу кои и одлучувачки систем. Идејата беше, која често тој ја кажува, дека европското проширување ќе може да се случи откако одлучувачкиот систем ќе биде таков, што ќе биде обновен затоа што во моментов не е задоволителен. Мислам дека треба многу подобро да се разбере таа забелешка така, како забелешка за одлучувачкиот процес во моментов, отколку како отпор, кој што тој го нема, затоа што отсекогаш кажувал дека местото на земјите од Балканот е внатре, во обновена Европска унија.

Станува збор за нетрпелив човек, нетрпелив во однос на функционирањето на Европа, затоа што Европа му е при срце. Но има идеја, да ја направи Европа вистински функционална, и способна да одговори на новите светски предизвици кои што се побројни и посложени. Верувам дека добронамерно го кажал тоа, дека тоа било добронамерно за европската изградба. Од другата страна, сите знаат дека кога ќе почнеме со проширувањето дека има долг пат за самите засегнати земји. И двете нешта не се исклучуваат едната од другата.

Македонија го смени името токму поради членство во НАТО и откочувањето на евроинтеграциите. Давањето датум беше поврзано со јасни барања кои земјата ги исполни и според ЕК и е подготвена за преговори. Сепак Франција се јавува како кочничар на проширувањето. Зошто?

- Франција не е кочничар, треба да разликуваме одредени нешта. Имаше една пречка, тоа беше грчкото вето поради името кое не беше наклонето за отворање на преговорите, но и вето за влез во НАТО. Сега е надминато затоа што сите услови беа исполнети, прво затоа што се смени името, но и сите објективни причини кои ја прават армијата на Северна Македонија, и затоа процесот сега е во тек, и тоа е резултат од Преспанскиот договор. Второто прашање кое се покрена во месец јуни минатата година, а тоа е агендата што требаше да се спроведе 3-6-9 и агендата 18. Она што ние го очекуваме сега е билансот од таа агенда. Во јуни ние бевме спремни да разговараме, но постоеше тој технички проблем во Бундестагот и ние мора да го почитуваме парламентарниот систем, особено германскиот кој е посебен. Ќе ги отвориме разговорите со нашите партнери и другите земји членки во месец октомври во однос на заклучоците од месец јуни. И тие заклучоци не водат до отворањето на тие разговори за оценка на извештајот на Комисијата во тоа време. Не можам да ви кажам какви ќе бидат тие заклучоци затоа што за тоа ќе се разговара меѓу сите држави членки. Тука го имаме прашањето за Албанија, но и за Северна Македонија, и најверојатно ќе се водат разговори кои што ќе овозможат да се земат предвид и напредувањата, во различните земји. Напредоци кои што кај некои земји се загрижувачки, а кај некои се позитивни, па потоа државите членки ќе разговараат дали е дојден моментот за отворање на преговорите.

Каков ќе биде почетниот став на Франција во тие разговори во октомври? Дали Македонија е спремна за почеток на преговори ?

- Со вас соработуваме затоа што имаме експерт кој што работи во Кабинетот на потпретседателот Бујар Османи. Организиравме пет семинари меѓу кои последниот во француското собрание, чија цел е да видиме како земјата може технички да биде подготвена за отворање на преговорите. Реално да ви кажам дека сме на ваша страна на тој пат. Тоа е првото поглавје од моите инструкции како амбасадор, да работам во приближувањето на земјата, но на европските интеграции на оваа земја. Не знаме колку ќе трае тој пат и патот воопшто не е едноставен, но за тоа прашање ќе кажам дека сме определени да помогнеме и да го олесниме тој пат и само треба да утврдиме кој е билансот од агендите што беа утврдени.

Велите дека сте на македонската страна. Дали тоа значи дека при гласањето Франција ќе гласа за Македонија да стартува преговори?

- Тоа зависи од проценката што ќе се направи од моите власти во зависност од агендите кои беа испорачани и тој став кој што беше јасно соопштен на потпретседателот на Владата Бујар Османи и министерот Никола Димитров дека францускиот став сè уште не е донесен за таа тема.

Преговорите се постапката преку која и треба да се случи целосно реформирање на земјата за да може подоцна да стане еднаква на земјите членки во Унијата. Зошто мислите дека тој процес ќе го заглави процесот на реформирање на Унијата, како што бара Макрон?

- Идејата не е дека ќе се блокира процесот, туку прашањето што се поставува кај моите власти е следното: Дали едноставниот датум за почеток на преговори реално соодветствува со потребите на народите и на нациите од регионот. Дали можеби нема други гласови кои се корисни или неопходни на пример за подобрување на севкупните состојби во општеството, потоа поврзаност меѓу народите за таа агенда од мај 2018 та, затоа што очигледно е дека земјите ќе бидат вреднувани според сопствените заслуги, но сепак станува збор за мали земји по големина и кои што имаат потреба да соработуваат меѓу себе за да може да претставуваат додадена вредност во европската изградба. Некои од нив се уште имаат потешкотии кои што треба да ги решат меѓу себе. Потешкотии кои се од внатрешна природа, забележуваме со каква по тешкотија соработуваат опозицијата и мнозинството во одредени земји. Очекуваме, и тоа е мошне јасно дека ние очекуваме докази за тој капацитет да се работи заедно во изнаоѓање на компромис, но и околу генералниот и националниот интерес. Затоа за нашето јавно мислење потребно ни е да им покажеме дека овие земји испорачуваат позитивни сигнали во поглед на внатрешната стабилност, но и поседуваат капацитет да ги почитуваат нормите од владеење на правото, а не само да имаме фасади за владеењето на право, туку почеток на одредени реалности, и ние не сме слепи во тој поглед, затоа што знаеме дека тоа не може да се постигне преку ноќ. Станува збор за процес кој што не треба да постои само на хартија. Туку вистина дека постојат видливи докази за поседување за демократско функционирање и владеење на правото.

Базата за реформи ја поставува ЕУ и ја надгледува ЕУ, во тој контекст зошто овие два процеса не можат да се движат паралелно, реформирање на ЕУ и преговори на Македонија за членство во ЕУ?

- Ние посакуваме само една работа, токму тие два процеси да се водат, можеби не баш истовремено, но сепак тоа е линијата на хоризонтот. Тоа е нашата насока.

Се добива впечаток дека европските земји го користат недостигот на реформи само како изговор за Македонија да не добие датум за преговори, иако со години се зборуваше дека името е клучниот проблем. Што мислите вие?

- Мислам дека вистинското прашање постои овде, кај вас, а не кај нас. Ако политичката состојба во општеството, владеењето на правото, тоа е она што ние го посакуваме, тогаш не ќе имаше проблеми, не ќе имаше исклучок од принципите. Уште еднаш ќе потенцирам сè уште се очекуваат резултати на терен кои што треба да бидат испорачани. Од декларативно односно од законодавната работа да преминеме на суштинска работа, но и во спроведување во пракса, во кое што ќе се вклучат судските власти, безбедносните служби, сите кои можат да работат на начин кој што е според критериумите на една правна држава и да постои вистинска желба дека тоа е во служба на граѓаните. Значен број на важни реформи беа спроведени. Особено Антикорупциската комисија, забележуваме дека има тежина особено во реструктуирањето на владата, сето тоа покажува дека повеќе не е како претходно. Сепак остануваат многу точки кои треба да се надминат, особено легитимноста на правната држава и владеењето на правото за да се постигне независност во судството. Особено во поглед на СЈО, затоа што станува збор за институција од која имавме големи очекувања и се уште очекуваме многу. Треба таа институција да се стекне со одредено прифаќање од страна на општеството, за да институцијата се најде над сите критики и ќе треба прашањата поврзани со лична природа да бидат, тргнати на страна. Но за жал, во едно општество, како што е ова, каде што постои вистинска поларизација е доста тешко. Но тоа се конкретни работи со кои ќе треба да се соочите. Ние тоа го знаеме, го следиме тоа со големо внимание, не сте единствените во регионот. Но, сигурно дека тој начин на функционирање преку објавување на „бомби“, преку прислушувани разговори како регулатор на политичкиот систем, поставува голем број на прашања, во врска со компатибилноста со европскиот систем, и затоа јас велам дека едноставно да се даде датум за почеток на преговори не мислам дека може да го промени сето ова. Затоа ние тука очекуваме докази, затоа што станува збор за целокупното општество, политичкото, но и целото општество кое треба да се најде во таа динамика.

Кога веќе зборуваме за скандали и афери во меѓувреме излегоа и неколку други афери како што е таа со генералниот секретар Драги Рашковски, за министрите Арбер Адеми и Агим Нухиу дека биле унапредени во академската кариера додека биле на функција. Како го коментирате тоа?

- Знаете во однос на предизвиците за кои зборувавме, а кои се важни за иднината на земјата, сето ова се чини како симптоматично во политичкиот живот којшто е доста напнат и кадешто никој можеби нема некоја добра намера и за да може политичкиот живот да функционира се уште под различни интерпретации или под ритамот на прислушувањето и тн., тоа ме зачудува или врз база на епидермични реакции и кај јавното мислење од страна на лица коишто некогаш се доведени во прашање, штета што е така, затоа што во однос на темите за коишто разговаравме, најверојатно има други дебати врз кои може да се обедини заедничкиот интерес. Во однос на генералниот секретар ќе кажам дека е неопходна транспарентност во економскиот живот, особено кога станува збор за тендери, ќе треба јас по тоа да го поттикнам интересот на француски претпријатија да бидат присутни овде, тоа врз база на практика која ќе стави крај на минатото, затоа што знаеме која е појдовната точка во оваа област, но исто така знаеме и дека треба да се прекине со такви практики, знаете ќе ми кажете дека мојот одговор е генерален, но кога станува збор за афера поврзана со дипломи ќе ви кажам дека сето ова ми се чини предимензионирано во однос на реалните предизвици во образованието или во Министерството за внатрешни работи. Јас многу го почитувам министерот за образование, честопати со него сме разговарале за високото образование овде и за квалитетот на дипломите коишто ги издаваат одредени образовни институции и таа тема ми се чини многу поприоритетна, а потоа инспекторите ако треба или требало во минатото да се занимаваат со нешто би требало токму на ова прашање, затоа што да се издаваат дипломи кои немаат вредност или многу мала вредност преку некои образовни институции коишто не се почитувани доволно, со тоа не му правиме услуга на општеството, ниту пак тоа ќе помогне во интеграцијата на земјата во европскиот простор, јас сакам тој пристап да го поддржам и искрено се надевам дека истиот ќе ги донесе брзо резултатите, а за другото сакам само да кажам дека во одредени области го поздравувам и напредокот кој е постигнат особено во Министерството за внатрешни работи, знам дека заменик-министерот Нухиу е мошне претпазлив, особено за почитување на владеењето на правото, сум го видел јас за време на еден инцидент, за време на Парадата на гордоста и видов како поради неговиот личен ангажман докажа дека сега се свртени нови страници во менталитетот и ми останува да се надевам дека сето тоа ќе се зајакне.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе