Францускиот амбасадор со порака

Тимоние: Има време од неколку недели во парламентот да се завршат работите како законот за СЈО

Од Југославија наследивте високо ниво на правно образование, само треба да го решите мешањето мрежи и врски, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, говорејќи за состојбите во правосудството во земјата. Во разговор за МКД.мк го пренесува својот став дека генералниот пристап за ветинг можеби ќе ги затрупа проблемите со притисокот од политиката, а политичарите, како што вели, некогаш се инструмент на финансиска, економска моќ, која ја спречува правдата.

По поднесувањето на француската методологија за проширување на ЕУ има многу дискусии за тоа кога ќе се донесе одлуката за почеток на преговори, дали ќе има доволно време до самитот во Загреб, дали можеби ќе добиеме одлука порано, во март. Што од сето ова е можно? Можно ли е методологијата да биде усвоена во јануари, па да се надеваме на нешто во март?

Нашиот проект го дадовме доволно рано за реално да ѝ овозможиме на Европската комисија и на службениците во Брисел да имаат доволно време за да работат на него. Според нашите процени, крајот на јануари беше поволен термин, бидејќи сериозно мислевме да не се губи време или да имаме доволно време за дискусии околу евентуалните забелешки. Сега останува Европската комисија да го искомбинира нашиот предлог со другите. Зависи од капацитетот колку време е потребно да се состават првичните верзии. Потоа треба да видиме, и ние и сите други земји-членки, дали резултатот одговара на нашите очекувања, за да може разумно да се дискутира на Советот во март. 

Но морам да кажам дека брегзитот ќе биде во центарот на вниманието. Сега навистина се влегува во време на технички одлуки, кои се многу важни според последиците за сите земји-членки, особено за Франција како соседна земја. 

Не би можело комплетно да бидеме свртени кон Балканот. Иако знаеме дека Балканот е важен, не треба да се заборави важноста на брегзитот. 

Не би се осмелил да кажам дека тоа нема да биде само политичка одлука врз база на она што е направено, не знаеме каква ќе биде реакцијата на Франција на крајниот предлог на Европската комисија. Ако има неколку опции што би можеле да бидат драфтирани од Европската комисија, тогаш за тоа ќе има дискусии меѓу земјите-членки. Сето тоа покажува кој е временскиот рок. Мислам дека тоа е Загреб, како што беше кажано на последниот Совет, и мислам дека внимателно треба да се земе Загреб како место каде што би можеле да се објават посериозни одлуки и се надевам (или слушам), иако не сум експерт, дека сето тоа може да заврши со финална одлука во јуни, што не е невозможен временски распоред. Сепак, не само јас, туку никој не може да биде сигурен за прецизниот календар. 

Некои од земјите-членки сметаат дека одлуката треба да се донесе порано, но пак се враќаме на прашањата што „висат“. Некои се навраќаат на 18 октомври, што мислам дека не е добро. Што се случило и што требало да се случи. Освен тоа, тука е и Албанија во пар со Северна Македонија. За ова има различни пристапи меѓу членките и не треба да се заборави што пишува во извештаите за реформите во двете земји. Некогаш тоа се заборава, па треба да се преразгледуваат, на пример законот за СЈО, иако има различни работи за вас и за Албанија.

Во меѓувреме, кампањата ќе биде тест за консолидација на демократијата и слично. Значи има елементи што е тешко да се предвидат, но се дел од калкулациите и навистина е тешко да се одговори. Знам едно, дека во Париз, претседателот Макрон јасно кажа дека чекаме методологијата да биде утврдена и врз база на таа методологија ќе се носи одлука за почеток на преговори. Но сѐ уште постои тоа поврзување на Албанија и Северна Македонија. 

Мислите дека ќе биде полесно за нас ако се раздвојат двете земји?

Во секој случај ние (Франција) не сме единствени, некои членки имаат иста идеја дека новата методологија треба да се примени за двете земји, па треба да видиме, да не се враќаме на претходните разлики.

Претеруваат ли македонските политичари кога велат дека исполнивме сѐ, а вие повторно ги споменувате реформите. Која е вистината?

Македонските политичари си ја вршат работата, обидувајќи се да покажат кои се резултатите од она што е направено и тоа не треба да се потценува, а дали е тоа доволно или не, е прашање за дискусија меѓу земјите-членки. Вистина е дека генерално ако зборуваме, се цени она што е направено, треба се почитува. Некогаш на терен тие чекори не се толку видливи, ама се направени. 

Но ако очекуваме земјата да биде перфектна, тогаш и не е потребно да се отвораат преговори. Треба да се најде соодветен баланс. Што е навистина доволно, што не е доволно, а тоа, мислам, е еден вид процена. За квалитетот на реформите има некои јасни барања, иако секогаш ќе има извесна субјективност што може да доведе до различни мислења. Но има некои јасни барања како законот за СЈО, мислам дека тоа е важен елемент, а тоа го кажаа не само Европејците, туку и Американците. 

Но изборите ќе ги забават реформите. Што со тоа, во тој случај?

Сѐ уште има време за работите што треба да се усвојат. Законите се усвојуваа, како што знаеме, и покрај тензиите за двотретинско мнозинство. Мислам дека има време од неколку недели за да се заврши неопходната работа, на пример за СЈО. Имаше многу разговори, преговори, секој ги знае позициите. Тоа е политичка одлука што не е неподготвена. 

Европската Унија, преку амбасадорот Самуел Жбогар, објави дека сега не ни треба ветинг во судството. Премиерот, пак, го смени мислењето, прво велеше ветинг, сега зборува за прочистување и селекција. Што ни треба, според Вас?

Не сум јас тој што треба да одлучи, но видовме во Албанија каква беше состојбата. Имаше резултати, се разбира, но произлегоа и одредени потешкотии. Мислам дека треба се земат предвид сите лекции од тој случај, иако реално нема некој општ модел. Мое лично мислење е дека некој може да направи голема грешка, со мешање на неколку ситуации. Случајот што се поврзува со рекет во специјална институција веројатно треба да биде лекција за специјалните институции што не подлежат на контрола, за да не се создава лоша слика за правосудството, или за „специјалното“ правосудство, ако сакате. 

Од друга страна, самото правосудство не е во најдобра „форма“. 

Сепак, од Југославија имате наследено високо ниво на образование на правниците. Морам да кажам и дека во една мала земја мешањето мрежи и врски е исто така работа што треба да се реши. 

На какви мрежи мислите?

Меѓу судиите, меѓу полицијата, некогаш меѓу тајните служби. Сите овие работи се реалност. Сите овие проблеми треба да се решат. И не мислам дека некој генерален ветинг би можел да го реши тоа. Такво е чувството и во Брисел. 

Треба да се идентификува каде се проблемите и, како што кажа и претседателот Пендаровски, ако има грешки кај луѓето во судството, треба да се решат. Има организациски проблеми, има проблем и во законот за администрација, може да има проблем со Законот за јазици. Значи ако сакате да го реформирате судството, има неколку работи што треба да се разгледаат многу сериозно, а вашата одлична министерка за правда може да има многу добри идеи за тоа. 

Генералниот пристап за ветинг можеби ќе ги затрупа проблемите, како што рече Пендаровски, со притисок од политиката, а политичарите некогаш се инструмент на финансиска, економска моќ, која ја спречува правдата. Тоа, според мојата анализа, а не став на француската влада, е повеќе системски отколку личен проблем. 

Ж.П.Б

 

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе