По решението на Владата

Тетовскиот Совет се распушти, сите се за избори и гледаат можност за победа

Советот на Општина Тетово и формално е распуштен откако решението на Владата за распуштањето донесено завчера, е објавено во Службен весник. Партиите кои го сочинуваа Советот велат дека се подготвени за ново изборно соочување, а граѓанската иницијатива Подобро за Тетово која имаше двајца советници, гледа шанса да ги анимира гласачите на кои им е доста од нереализираните партиски ветувања и кои сакаат уреден и чист град и почист воздух.

Хамди Сулемани од Подобро за Тетово во разговор за МКД.мк вели дека вината што во време на економска криза повторно ќе се трошат пари за избори е во администрацијата на градот која направи грешка не знаејќи ги законските рокови дека до 31 март мораше до Владата да се достави завршната сметка на општината за 2021 година.

„Не сме порезервирани во однос на другите партии кои сега се фалат дека се подготвени за избори и за победа во Тетово, туку само предупредувавме на последиците. Како да се навикнавме на грешките на администрацијата и тие ги прифаќаме без одговорност. Но како и да е, сега работата е во дворот на претседателот на Собранието кога ќе ги закаже изборите. Процедурите за наше учество се малку посложени бидејќи не сме партија, па ќе треба да собереме 350 граѓански потписи за поддршка, но тоа нема да биде никаков проблем, зашто довербата во нашите активности од ден на ден расте. Граѓаните ги прифатија нашите заложби за уреден и чист град, за чист воздух и за одговорно работење. Зад нас се и проектите за кои ги дониравме и нашите по шест досега примени надоместоци како советници", вели Сулемани кој беше советник во Тетово заедно со неговата колешка Елмедина Абдулахи.

На прашањето дали ќе остварат предизборна соработка со некои политички фактори Сулемани вели дека Подобро за Тетово коалицира со граѓаните, досега со шест невладини организации, а како што додава, интерес пројавиле и уште неколку организации.

Сулемани проценува дека излезноста на изборите веројатно ќе биде пониска од лани, заради кризата и заситеноста од партискиот вокабулар, но верува дека изборите сега ќе бидат поинтересни од еден аспект:

„На изборите лани гласачите покажаа незадоволство од владеењето на ДУИ. Но сега е прашањето кон кого да се насочи незадоволството имајќи предвид дека ДУИ остана без градоначалник, а актуелниот градоначалник, лидерот на Беса нема ниту 200 дена работа на првата функција во градот. Како да се искаже револтот од лошата живеачка, неуредениот град и трката за преживување во услови на секојдневен раст на цените? Тоа може да е наша предност затоа што ние сме збир на независната свест во градот, затоа што нашите заложби немаат ништо со бизнисот, туку со доброто за градот и неговите граѓани. Странците се чудат како имаме така уредени куќи во кои пред да влеземе ги собуваме обувките и како имаме така чисти дворови, а надвор од оградите од дворовите имаме валкани улици, тротоари и тревници. Е тоа мора да се менува".

Илија Димитриевски, досегашен советник од СДСМ во изјава за МКД.мк вели дека засега не може да се каже како партијата ќе настапи на изборите што ќе се одржат во Тетово, но нагласува дека претстојните избори се резултат на недоставување навреме на завршната сметка на општината.

„Дали е тоа грешка или пак има некаква заднина, не можам да кажам, но фактот е тој, поради тоа ќе се оди на избори. Годишната сметка, иако уредно поднесена во Централниот регистар, не беше навреме, до 31 март, доставена до Советот на Општината, туку се достави на 7 април. И тогаш, владејачката коалиција Беса, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците ја одбија сметката со некои банални објаснувања дека требало нешто да се дообјави во годишната сметка, но Советот немаше можност во законскиот рок да се произнесе. Градоначалникот требаше всушност, до 28 февруари да ја достави до Советот, а ја достави подоцна, за потоа 'да го пријави' Советот дека не ја донел завршната сметка. Дали има некаква заднина, искрено, не можам да речам, но не личи на нешто што е без заднина", вели Димитриевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за МКД.мк Ангел Карапетров, коориднатор на советничката група на партијата вели дека причините кои доведоа до распуштање на Советот се во недонесувањето на завршната сметка како резултат на тоа што немаше мнозинство за гласање, по што ќе следеше распишување на нови избори за Советот. 

„Ние, како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитуваме одлуките. Од изборите очекуваме уште подобри резултати и повторно  мнозинство во Советот. Изборите е неопходно да се одржат што поскоро за да можат да се носат одлуки во Советот за проекти за подобар развој на градот“, вели Карапетров.

Од ДУИ, партијата која има 10 советници од вкупно 31, го обвинуваат градоначалникот Касами дека со непочитување на законските рокови за одобрување на завршната сметка, свесно го довел градот пред нови избори. ДУИ му порачува на Касами дека се подготвени за избори и за уште една победа.

„Општината е во ќор-сокак што не е добро за граѓаните.како што беше направено со Советот, но сега и општината ќе биде во ќор-сокак. Дел од надлежностите на Советот се префрлаат врз градоначалникот па ние многу внимателно ќе ја следиме неговата работа, зашто тој не може сите надлежности да ги преземе", изјави вчера Блерим Османи од ДУИ.

И од Алијанса за Албанците очекуваат добар изборен резултат. Вјолца Бериша, советничка од оваа партија изјави дека изборите се шанса преку Тетово ДУИ да биде поразена во полошкиот регион.

„Ние сме реформирана партија за разлика од нив, подготвени сме за политички соочување и во наш прилог е што ние не сме поврзани со криминал и корупција, туку нудевме проекти од интерес за граѓаните"; рече Бериша.

Претседаавачот со Советот Бесар Дурмиши од Беса вели дека се подготвуваат за нова победа и дека бараат поддршка од граѓаните за да може да се реализираат ветените и започнатите проекти без саботажи и блокади.

Според очекувањата, претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери ќе донесе одлука да се распишат изборите на 20 август, за кога веќе се закажани избори за градоначалници на општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа, што ќе биде трет обид да се изберат градоначалници во овие две општини каде изборите беа неуспешни поради мала излезност што се должи на голем број граѓани кои се иселени од овие краеви во странство. 

П.Џ.

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе