По самитот во Софија

Tереза Меј денеска во Скопје

Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе допатува во земјава. Таа ќе оствари средби со државно-политичкиот врв на Македонија. Ова е прва посета на толку висок државник од Велика Британија од 1999 година кога Тони Блер како британски премиер беше во Македонија за време на бегалската криза на Косово.

Меј во Скопје ќе ја нагласи безусловната поддршка на Обединетото кралство за зачувување на европската безбедност и потврдување на европските вредности, соопшти синоќа кабинетот на британскиот премиер.

Најавена е средба со премиерот Зоран Заев и со ЛГБТ активисти на Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија.

Меј ќе ја заврши посетата со говор на прием во Собранието, на кој што ќе присуствуваат политичари, функционери, воени лица и идни лидери.

За време на посетата на Македонија, британската премиерка  Тереза Мај ќе ја нагласи безусловната заложба на Обединетото Кралство за безбедност на Европа и почитување на европските вредности, пишува во соопштението кое го објави Владата на Британија.

„Оваа година кога одбележуваме 25-години од дипломатските односи меѓу Македонија и Велика Британија, врските меѓу нашите земји се посилни од кога и да е.

Следната година Велика Британија ја напушта Европската Унија, но не ја напуштаме Европа – и ние ќе продолжиме да работиме со нашите сојузници за да ја заштитиме нашата колективна безбедност и да ги подржиме европските вредности што ги делиме со  Македонија и поширокиот дел од Западен Балкан.

Со нетрпение очекувам да слушнам од премиерот Заев  за напредокот на земјата кон попрогресивна, попросперитетна и демократска Македонија“, вели Меј пред денешната посета на земјава.

Во соопштението уште се додава дека Меј утрината ќе приствува  во Софија на Самитот на ЕУ-Западен Балкан, каде што ќе ја повтори желбата на Велика Британија да соработува со европските сојузници за промовирање поголема стабилност, безбедност и просперитет во регионот. На самитот ќе се разговара за следните чекори кои ќе треба да се преземат за да им се  помогне на земјите од Западниот Балкан да продолжат по патот на стабилност, ослободен од конфликти и малигни влијанија и способен да се справи со сопствените проблеми.

На иницијатива на британската премиерка, на 9 и 10 јули во Лондон ќе се одржи самит со премиерите од земјите на Западен Балкан. На состанокот се поканети и претставници од Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија и Словенија.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе