Јавни набавки

Тендерот за полициски чизми три пати паѓа и МВР три пати решава за Мега спорт

Веќе седум месеци трае процедурата за завршување на тендерот на Министерството за внатрешни работи за набавка на високи специјални чизми вреден околу 800 илјади евра и никако да заврши. Комисијата за јавни набавки на МВР три пати решава компанијата Мега спорт да биде избрана, но второстепената комисија три пати го враќа тендерот со барање за повторување на постапката. И конечно, по жалба на Мега спорт до Управниот суд, каде токму на јавни набавки работи судијка, сопруга на еден од сопствениците на Мега спорт, судот носи решение за завршување на тендерот во корист токму на Мега спорт.

На 3 септември 2020 година МВР распиша тендер (бр. 12605/2020) за набавка на високи специјални чизми. На тендерот поднесени се девет понуди, но комисијата на МВР решава да отфрли осум понудувачи, освен еден – Мега спорт од Скопје. Главна за јавни набавки во МВР е Андријана Савеска-Павловска, помошничка на министерот Оливер Спасовски. Две фирми, една домашна и една странска поднесуваат жалби до второстепената комисија за жалби која ги усвојува жалбите и ја поништува одлуката на МВР и бара повторно постапување.

Комисијата на МВР по вторпат носи одлука во корист на Мега спорт, по вторпат одлуката е обжалена и по вторпат Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништува одлуката на МВР. Во МВР пак се носи нова одлука, трета по ред во корист на Мега спорт и пак имаме усвојување на жалбите и...

Сега на сцена доаѓа тужбата од март годинава од Мега спорт, фирмата која секогаш останува единствен прифатлив понудувач, до Управниот суд каде работи сопругата на еден од сопствениците на компанијата и тоа токму на жалби по јавни набавки.

Мега спорт во тужбата до Управниот суд бара решенијата на втростепената комисија да се поништат и да се донесе пресуда за продолжување на постапката со која би му се дозволило на МВР да склучи договор со Мега спорт.

Тужбата на Мега спорт експресно се процесуира во Управниот суд и нa 6 април е донесена пресуда со која е постапено во целост како што барал тужителот.

Но, и пресудата на Управниот суд не е конечна и таа може да се обжали, па бараното конечно склучување на договорот меѓу МВР и Мега спорт ќе мора пак да почека на конечноста на пресудата.

На ваквите одлуки во МВР, жалби постојано поднесуваат Нени компани од Скопје и Гепард вис од Нови Сад. Државната комисија за жалби по јавни набавки во образложението на решенијата секогаш пронаоѓаше непочитување на пропишаните стандарди барани со тендерот во понудата на Мега спорт – „договорниот орган (МВР) нецелосно и неправилно ја утврдил фактичката состојба во врска со прифатливоста на поднесената понуда од страна на избраниот понудувач Мега спорт Љубомир ДООЕЛ Скопје“. Една од забелешките на второстепената комисија е дека фирмата која вршела тестирање на материјалите, Макконтрол, не е акредитирана лабораторија за тестирање на кожа. Исто така било утврдено дека нема изјава дали испитувањата се вршеле на готов производ или само на суровина, иако во тендерот се барало тест на готов производ. Комисијата нотирала дека институтот кој ги вршел овие тестирања признал дека вршел испитување на репро материјал, а не на готов производ. Освен тоа во документите немало доказ со кој се докажувало дека кожата е хидрофобна...

И покрај сите овие пропусти, МВР три пати одлучувал за Мега спорт, второстепената комисија три пати ја враќа процедурата на повторно одлучување, за на крај пресуда да донесе Управниот суд, каде работи сопругата на еден од сопствениците на Мега спорт.

Во одговорот до МКД.мк МВР ги потврдува сите овие податоци за повторувањето на одлуките.

„Договорниот орган (МВР-н.з.) беше известен дека Управниот суд кој е повисока инстанца од ДКЖЈН (Државната комисија за жалби по јавни набавки) и двете решенија на ДКЖЈН ги поништил и ја потврдил одлуката на договорниот орган како целосно правилна и согласно Законот за јавни набавки. Договорниот орган не располага со информации, ниту пак е должен да ги провери истите согласно Законот за јавни набавки за брачниот статус на сопственикот на избраниот понудувач. Сакаме да напоменеме дека во тужбената постапка пред Управен суд, Министерството за внатрешни работи не е страна и не учествува во истиот, а по правосилната конечност на решението потребно е само да биде информиран со цел да продолжи да постапува, со склучување на договор или постапување по последните решенија од ДКЖЈН“, ни одговорија од МВР.

Се чека одлуката по жалбата на пресудата до Управниот суд.  

А.Д.

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе