Пак проблеми со јавните набавки

Тендерот за мазут во Министерството за одбрана го доби „Пуцко петрол“ без лиценца за мазут

Тендерот на Министерството за одбрана за набавака на мазут од јуни годинава го доби компанијата „Пуцко петрол" ДООЕЛ од село Пласница. Според Републичката комисија за енергетика „Пуцко петрол" не ги исполнувал основните услови за учество на овој тендер. По нашата преписка со МО и со РКЕ, од министерството денеска ни одговорија дека сега, по завршувањето на целата процедура околу тендерот, поднеле официјално барање до „Пуцко петрол“ и до РКЕ за одговор на прашањето дали компанијата од Пласница има или нема лиценца за мазут. 

Во Министерството за одбрана велат дека критериум за избор на најповолната понуда на овој тендер била најнискатаа цена.

„На 14 јуни годинава објавен е оглас на МО за доделување на јавна набавка на мазут, делива набавка од 7 дела од кои 6 дела по гарнизони и 1 дел за враќање на позајмица на Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. Критериуми за учество во постапката кои треба да ги исполнат економските оператори се исклучиво задолжителните согласно Законот за јавни набавки“, велат од Министерството за одбрана.

На тендерот се јавиле само две фирми - „Макпетрол“ и „Пуцко петрол“. Двете фирми се квалификувале и учествувале на е-аукцијата. Најниска цена понудил „Пуцко петрол“, по што бил потпишан. Од министерството велат дека немало жалби по што бил и склучен е договор со „Пуцко петрол“. А за ова, според МО, било прибавено и мислење од Советот за јавни набавки согласно тогашната законска процедура.

Во целата оваа постапка чудно е тоа што никој не забележал дека „Пуцко петрол“ има лиценца за вршење на енергетска дејност - трговија со нафта и нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт издадена од Регулаторната комисија за енергетика, но без мазут. Обично, во лиценците на оние компании кои сакаат да се занимаваат и со трговија на мазут, тоа е назначено. Тоа всушност значи дека таа компанија има или нема резервоари за мазут за да може да ги исполни условите на овој тендер.

Лиценцата на „Пуцко петрол“

Во случајов тоа не го пишува во лиценцата на „Пуцко петрол“. Оваа компанија има „лиценца за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт УП1 бр. 11-11 од 13.04.2011 година“. 

Од Републичката комисија за енергетика велат дека во случајов „Пуцко петрол“ не бил квалификан да конкурира на овој тендер.

„Со оглед на тоа што друштвото за производство, трговија и услуги „Пуцко петрол“ не поседува лиценца за вршење на енергетската дејност трговија на големо со Mазут M-1 HC, а имајќи ја предвид одредбата од член 148 став (1) од Законот за јавни набавки во која се наведува дека договорниот орган бара секој економски оператор да достави документ за регистрирана дејност како доказ дека е регистриран како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за јавна набавка или доказ дека припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран, и став (2) од истиот член при утврдување на способноста за вршење професионална дејност на економските оператори договорниот орган бара и доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста пропишани согласно со закон кои се однесуваат на предметот на договорот, цениме дека во конкретниот случај компанијата не би можела да се смета за квалификуван понудувач од страна на договорниот орган кој ја спроведува постапката за јавна набавка“, ни одговорија од Републичката комисија за енергетика.

На нашето повторно обраќање, од Министерството за одбрана велат дека „Пуцко петрол“ има лиценца за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт.

„Во точка 2 од диспозитивот на одлуката на РКЕ стои дека правата и обврските на носителот на лиценцата се утврдени во прилог 1 кој е составен дел на Одлуката. Диспозитивот на Одлуката гласи дека е издадена лиценца и не е прецизирано на што таа се однесува, туку е дадена како лиценца за вршење на енергетска дејност. Во прилог бр. 1 кој е составен дел на одлуката со наслов „Вид и обем на енергетската дејност што ќе се врши“ стои: со оваа лиценца се определуваат условите за вршење на дејноста трговија  со сурова нафта нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт.  Како трговија на големо во смисла на оваа лиценца се смета купување од земјата и странство на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и /или горива за транспорт, заради натамошна продажба на трговци, преработувачи или потрошувачи во земјата и странство“, велат од МО.

Тие заклучуваат дека Комисијата за јавна набавка ја оценила понудата од понудувачот „Пуцко петрол“ како прифатлива во однос на исполнување на условите за квалификација, а по спроведената електронска аукција и како најповолна во однос на постигната најниска цена.

„Пуцко петрол“  со понудата за дополнителниот услов има доставено и завeрена копија од одлуката за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт УП1 бр. 11-11 од 13.04.2011 година. „Лиценцата гласи за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, што значи во содржината на одлуката односно лиценцата е ставена општа клаузула и од истата не може да се заклучи дека се ограничува трговија на кој било нафтен дериват, вклучително и мазут“, дополнуваат од Министерството за одбрана.

Лиценца за мазут

Ова значи дека Комисијата за јавна набавка на МО заклучила дека понудувачот покрај за другите нафтени деривати има лиценца и за мазут, бидејќи во диспозитивот на одлуката стои општа клаузула и од истиот не може да се заклучи дека понудувачот нема лиценца за мазут.

Сепак по нашиот преглед на документите и одговорите од Републичката комисија за енергетика, јасно е дека „Пуцко петрол“ нема лиценца за мазут, односно нема резервоари за мазут, што е неопходен услов за учество на ваков тендер. Во регистерот на РКЕ има компании во чија лиценца е наведено дека важи и за мазут,односно дека компанијата ги исполнува условите и за трговија со мазут.  

„Согласно доставената документација од понудувачот, Комисијата немала елементи или индикации врз основа на кои би се посомневала дека понудувачот не ги исполнува условите, па заклучила дека истиот ја докажал својата способност согласно барањата во тендерската документација. Одговорноста за неточни податоци или непотполна доставена документација до Комисијата за јавна набавка паѓа на товар на понудувачот“, дополнуваат од МО.

А одговорноста за квалификување на некој понудувач без соодветна лиценца за тоа, е на оној кој го распишува огласот.

Денеска од МО нѐ информираа дека тендерот сѐ уште не почнал да се реализира.  

А.Д.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе