И покрај високите температури и дадените препораки

Телефонот се расипал па во ССМ нема пријави за прекршување на работничките права на горештините

Земјава овие два дена е под влијание на топол бран со високи температури од портокалова (алертна) фаза. Надлежните апелираат да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, да се ослободат од работните обврски најранливите групи, вклучувајќи ги бремените жени, како и лицата на возраст над 60 години, а децата од градинките да не се изнесуваат на отворено од 11 до 17 часот. Од ССМ велат дека пријави за прекршување на работничките права нема, ама не работи ниту телефонската линија за таа намена. 

На страницата на Сојузот на синдикатите на Македонија оставен е телефонскиот број 070 818 878, на којшто граѓаните може да побараат заштита и да пријават прекршување на работничките права. МКД.мк се обиде да контактира на бројот, но тој не беше во функција, па така граѓаните дури и да сакаат, не можат да пријават прекршување на своите права на овој начин.

Од ССМ за МКД.мк потврдуваат дека мобилниот телефон за пријава на прекршување на работничките права ниту вчера, ниту денес не е во функција, но тврдат дека проблемот утрово е решен. Но повторното вртење на телефонскиот број ни покажа дека тој сѐ уште не е во функција и дека и покрај тоа што од ССМ велат дека екипа на Телеком утрово била и го отстранила проблемот, тоа не е така.

Од таму тврдат дека нема ниту една пријава за евентуално прекршување на работничките права на бремените жени или на лицата постари од 60 години, но немаат во функција ниту телефонски број за пријавување.

„До сега нема ниту една пријава за прекршување на работничките права во период на топлиот бран и високите температури. Точно е дека мобилниот телефон за пријавување не ни е во функција ниту вчера, ниту денес, но утрово екипа на Телеком го реши проблемот. Граѓаните може да пријават прекршување на работничките права и на мејлот што го има на страницата на ССМ. Одредени фирми веројатно ги почитуваат препораките“, ни изјавија од ССМ.

На прашање дали тоа што нема пријави, односно нема ниту мобилен телефон за пријавување, значи дека состојбата на терен е идеална и дека навистина се почитува секоја дадена препорака, од ССМ велат дека не би знаеле бидејќи нивните ингеренции се да постапуваат само по пријави, а такви до сега немало.

Одговор на ова прашање побаравме и од УПОЗ, Синдикатот одговорен за работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани. И таму одговорот е ист, односно нема пријави за непочитување и најверојатно се почитуваат правилата.

„За сега во УПОЗ нема пријава, нема никакви забелешки. Не би можел да тврдам дали се почитуваат работничките права, но во делот на правосудните органи кај нас нема пријави за тоа дека бремени жени или лица постари од 60 години одат на работа. Можеби луѓето се плашливи, па не пријавуваат, ете, конкретно во приватните сектори, каде што газдите се однесуваат како мали богови. Она што можам да го нагласам е дека УПОЗ апелира до работодавците да си ги извршат сите обврски кон вработените, да ги почитуваат дадените препораки и мерки и да не чекаат да ги потсетуваме“, ни изјави Пеце Груевски, претседател на УПОЗ.

Со препораките се опфатени и децата во градинките, кои не смее да се изнесуваат надвор во периодот од 11 до 17 часот. Неколку родители чии дечиња одат во градинки во населбата Аеродром во Скопје се пожалија дека и покрај високите температури, негувателките воопшто не пуштале клими за да ја приспособат температурата во затворените простории и велат дека децата буквално „вријат“, а појаснувањето било дека градинките имаат забрана за вклучување клима-уреди заради заштита од ковид-19, односно таков бил протоколот.

МКД.мк побара став од Министерството за здравство за ова прашање, од каде што ни одговорија дека препораките се да се проветруваат просториите во градинките, а клима-уредите да се вклучуваат кога децата не се внатре.

„Во утринските часови температурата е соодветна за нормално функционирање на градинките. Претседателот на комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, апелира доколку е потребно во попладневните часови да се проветри просторијата со клима-уреди, тоа да се направи на кратко додека децата се во друга просторија, па да се вратат назад во занимавалните. Во моментов епидемиолошката состојба е солидна, а воспитувачките се вакцинирани и нема простор за грижа. Сепак, протоколите се донесени врз основа на актуелните изминати бранови и тие и натаму постојат поради заштита и превенција на здравјето на дечињата“, ни одговорија од МЗ.

На терен и покрај високите температури речиси на секој објект што е во изградба работниците редовно си ги извршуваат работните задачи на отворено и се директно изложени на сонце. Велат дека мора да работат и никој не обрнува внимание на нив за да ги заштити на високите температури.

„Да се остане повеќе во затворени простории (пред сѐ климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри“, укажува Министерството за здравство.

Но очигледно е дека почитувањето на препораките и состојбата на теренот не соодветствуваат едни со други, односно најмногу и во полн ек работат лицата на градежните објекти, на отворено и на директна изложеност на сонце. 

К.Д.

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе

Енергетската сиромаштија е значително поприсутна во централна, источна и југоисточна Европа, покажува последното истражување.

повеќе