Судијата известител Вангелина Маркудова, не даде поопширно образложение за техничкиот дел кој треба да биде обработен, а претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска апелираше до советот кој работи на овој предмет да направи исправки на рефератот во најкраток можен рок имајќи предвид дека се работи за актуелен предмет за кој јавноста е заинтересирана.
Преку оваа иницијатива Стопанска комора на Северна Македонија, ги оспоруваа последните измени на Законот за работните односи, во однос на недела неработен ден во државата.
Според подносителот, оспорениот закон се однесува за работата во недела и смета дека истиот е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Во иницијативата се наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи го уредува користењето на неделен одмор преку воведување на забрана за работа во недела и притоа таксативно ги набројува исклучоците на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи во друг ден во неделата и се укажува дека ова законско решение не е во полза ниту на економските субјекти, ниту на работниците и директно задирало во темелните вредности на уставниот поредок на државата.