Индустријата не почнала спонтано од аполитични тинејџери

Тајните играчи зад македонските лажни вести од Велес

Заедничка истрага на Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и партнерите открила нови информации што одново ја пишуваат приказната за лажните вести во македонскиот град Велес.

Една недела пред денот на американските избори во 2016 година, Базфид њуз откри дека млади мажи и тинејџери во Велес управуваат преку стотина веб-сајтови што често пуштале лажни вирални приказни што го поддржуваат Доналд Трамп.

Медиумите од целиот свет се упатија кон Велес за да ја раскажат приказната за тоа како таканаречените тинејџери за лажни вести (од кои многумина слабо го познаваа англискиот) заработиле големи суми пари од дигиталните реклами прикажани веднаш до нивните лажни приказни за американската политика.

Но по разгледувањето на објавите на социјалните медиуми, владините архиви, информациите за регистрирање на домените и архивираните верзии на лажни веб-сајтови за вести, како и интервјуирањето на клучните играчи, ОЦЦРП, Базфид њуз и Истражувачка репортерска лабораторија Македонија сега може да соопштат дека индустријата за политички вести во Велес не почнала спонтано од аполитични тинејџери.

Наместо тоа, неа ја лансирал познатиот македонски адвокат на медиуми Трајче Арсов - кој тесно соработувал со двајца познати американски партнери најмалку шест месеци во период што се преклопува со денот на изборите.

Еден од тие Американци, Парис Вејд, сега се кандидира за функција во Невада. Арсов вработил и други американски и британски писатели, вклучувајќи и најмалку еден што моментално работи за американската десничарска заговорничка страница Гејтвеј пандит.

Истрагата, исто така, открила дека барем еден член на руската „фабрика за тролови“, која беше обвинета од американскиот специјален советник Роберт Милер за наводно мешање во изборите, бил во Македонија само три месеци пред да биде регистриран веб-доменот за првите сајтови во земјата фокусирани на американската политика.

Новинарите не нашле никакви докази за поврзаност на Русинката, Ана Богачева, со велешките сајтови. Арсов негира какви било врски со Русија.

Но сега македонските безбедносни агенции соработуваат со американските агенции и со најмалку две западноевропски земји за да ги истражат можните врски меѓу Русите, американските граѓани и веб-страниците за „лажни вести“ во корист на Трамп, рекле двајца високи македонски функционери.

Богачева и Арсов се меѓу над 20-те лица што се предмет на две поврзани истраги во Македонија, рекле двајцата функционери, кои доаѓаат од различни агенции во земјава и со нив било разговарано посебно.

Истрагите „сè уште се во многу рана фаза“, им рекол на новинарите еден од функционерите. За ниту еден од Американците вклучени во сајтовите на Арсов не се знае дека е под истрага.

Висок агент на ФБИ запознаен со случајот на Македонија потврдил дека Бирото помага во истрагите. Агентот рекол дека информациите за кои било утврдено дека се од интерес за Милер се споделуваат со неговата канцеларија, но одбил да коментира подетално.

Македонските безбедносни претставници рекле дека не се знае дали кој било што е поврзан со лажните вести од Велес го прекршил законот.

Но она што се знае е дека моќните сили на Фејсбук, приходите од дигиталната реклама и политичката пристрасност создале неверојатен глобален сојуз што го засилил ширењето погрешни и лажни вести во клучните месеци пред изборите.

 

Нултиот пациент

Стереотипот за македонскиот издавач на лажни вести е тинејџер во Велес што слабо знае англиски јазик, не му е гајле за новинарството ниту за американската политика и се занимава со употреба на спамирачки техники за вирално да шири дезинформации.

Трајче Арсов не е ништо од тоа. Но тој е кумот на американските политички сајтови во земјата.

Арсов (33) е адвокат со седиште во Скопје, кој доаѓа од Велес, и најчесто е познат по прекарот Тале. Тој себеси се опишува како либертаријанец што за свои политички идоли ги смета републиканските сенатори Ранд Пол и Тед Круз.

Во над десетте години во кои во Македонија владееше авторитарна конзервативна влада, тој беше еден од малкуте адвокати што беа спремни да ги бранат независните новинари.

Со разгледување на записите за регистрирање на домените на македонските политички сајтови, новинарите откриле дека Арсов, заедно со неговиот брат Панче, на 23 септември 2015 година го регистрирал името на доменот на првата политичка страница во Велес, USAPoliticsToday.com. Сајтот наскоро ќе предизвика верижна реакција во Велес, што ќе привлече многу имитатори. На крајот Арсови воспоставиле сопствена мрежа од речиси половина дузина сајтови и придружни фејсбук-страници (со вкупно над 2 милиони следбеници), кои функционирале сè додека Фејсбук конечно не ги укина во април годинава.

Новинарите се сретнале со Арсов во средината на мај во хотелско лоби во центарот на Скопје, наспроти музејот во чест на Мајка Тереза. Тој прво негирал каква било вмешаност во сајтовите. Но кога му биле покажани документи, почнал да се отвора. Во серија разговори одржани лично и преку Вотсап и телефон тој постепено открил детали за претпријатието, вклучувајќи и информации за неговите соработници во Велика Британија и САД, кои новинарите подоцна ги провериле и ги потврдиле. Тој жестоко негирал каква било поврзаност со руската пропагандна операција.

Според Арсов, сè почнало во есента 2015 година, кога му пристапил неговиот брат, познат како Пане. Со години Велес хостираше мноштво сајтови што ширеа вирални статии за здрава храна, прехранбени додатоци, американски спортски автомобили, мотоцикли и други трговски теми. Некои локалци си направиле мало богатство од услуги за онлајн-рекламирање, како што е Гугл ед сенс (Google AdSense). Пане, кој беше невработен, сакаше да учествува во акцијата, рекол Арсов.

Арсов рекол дека браќата накратко се обиделе да водат сајт за автомобили, но наскоро откриле дека политиката, особено конзервативната, повеќе успева.

„Ја следам македонската политика, американската политика, руската политика“, рекол Арсов. „Мојата идеја беше: 'Добро, може да почнеш со нешто поинакво, не здрава храна, не спорт, не автомобили. Може да почнеш со политика'.“

Откриле дека имињата на групите каде што можеле да останат подолго, каде што нивните профили не биле отстранувани, биле поврзани со конзервативците, со републиканците, со Трамп.

„Ако најдете 100 групи за конзервативци, може да најдете само 10 за либерали“.

Испитувањето на архивираните страници од нивниот сега веќе непостоечки сајт покажало дека тие ширеле десничарски теории на заговор. „Бившиот дечко на Обама открива шокантна вистина што тој сака да ја скрие од Америка“, се вели во еден од првите наслови. „Путин до агентите на новиот светски поредок и обожавателите на Сатаната: Доаѓам по вас!“, „ОГРОМЕН скандал - Челзи не е ќерка на Бил Клинтон?“, се некои од другите наслови.

Првиот сајт на Арсови, наречен Американската политика денес (USA Politics Today), брзо растел. Во Велес почнал да се шири глас дека браќата смислиле нова тема со која може да се заработуваат пари. Наскоро, пријателите на Пане почнале да отвораат свои сопствени политички сајтови...

Браќата Панче (лево) и Трајче Арсови

 

Меѓународни партнерства

До летото 2016 година во Велес се развила индустријата на американски политички сајтови правени дома. За младите во една земја каде што нешто помалку од половина од младата популација се невработени, можноста да заработите долари преку Гугл ед сенс и други рекламни мрежи е голем пресврт. Тие си купиле нови автомобили и трескавично трошеле во локалните клубови.

Во меѓувреме, Тале продолжил да работи на веб-страницата и изградил мрежа од нови брендови: Guerrilla News (и нејзиниот погрешно спелуван сестрински сајт, Guerilla News), Read Conservatives, New Conservatives и Conservative Army. Приходот се зголемувал, а браќата не губеле време и ги трошеле парите. Во 2016 година, Пане и Тале, секој посебно, се упатиле во Тајланд, подоцна објавувајќи фотографии на интернет на кои позираат со одгледувани тигри.

До 2016 година Тале Арсов остварил важен нов контакт. Тој рекол дека почнал да разменува пораки на Фејсбук со Бен Голдман, американски писател и издавач, кој заедно со неговиот партнер, Парис Вејд, го основал Liberty Writers News, пристрасен конзервативен сајт со седиште во САД. Нив двајца Вашингтон пост во ноември 2016 година ги претстави како дезинформациски трговци што се збогатуваат со поттикнување страв и гнев. Вејд сега е републикански кандидат за Државниот совет на Невада.

Парис Вејд

И Арсов и Американците, Голдман и Вејд, првично го негирале обемот на своите односи, но „смениле лента“ кога биле соочени со нови докази.

Вејд напишал повеќе од 40 написи за македонската страница на Арсов, меѓу летото 2016 и јануари 2017 година. Неговиот брат Алекс Вејд, исто така, пишувал за сајтот, објавувајќи најмалку 670 написи користејќи го псевдонимот Александар Ворен.

Арсов ангажирал и други американски писатели да работат за него. Тој рекол дека сите други издавачи во Велес правеле плагијати, но дека тој самиот сакал да избегнува да ги прекршува правилата на Гугл, кои бараат од рекламните партнери да објавуваат оригинални содржини.

„Никој, буквално никој во Велес не создаваше сопствени статии“, рекол Арсов.

Едни од Американците што работеле за Арсов, а со кои новинарите контактирале, се Џони Робертс и Алиша Пау, која вели дека аплицирала за работа и можела да напише „колку сака статии“. Пау сега пишува за Гејтвеј пандит, веб-сајт што често пушта лаги и теории на заговор.

 

„Точно и легитимно новинарство“

Како што се приближувале изборите во 2016 година, Арсов и неговите партнери во Либерти рајтерс продолжиле да исфрлаат порој од вирални, често погрешни, про-Трамп вести преку повеќе веб-сајтови и страници на Фејсбук. Истото го правеле и издавачите-имитатори во Македонија и руските тролови што работеле во Агенцијата за истражување на интернет.

На 3 ноември таа година, Базфид њуз ја објави својата прва приказна за веб-страниците во Велес. Нешто повеќе од две недели подоцна, откако Трамп победи на изборите, Вашингтон пост го објави својот текст за Голдман и Вејд.

Двете приказни станаа вирални, но во тоа време скоро никој не знаеше дека Македонците и Американците со месеци работеле заедно.

На крај, огромното внимание што го привлекоа ќе предизвика и двете групи да ги загубат своите бизниси.

Фејсбук, Гугл и други платформи воведоа построги контроли. Велешките веб-страници беа исфрлени од Ед сенс, а подоцна почнаа да ги губат и своите фејсбук-страници. Токму една година по денот по изборната победа на Трамп, Вејд рекол дека неговата и Голдманова фејсбук-страница и нејзините над 1,8 милиони следбеници веќе ги нема.

Фејсбук-страниците поврзани со сајтовите на Арсов, со нивните повеќе од 2 милиони следбеници, преживеале подолго од тие на американските партнери. Биле затворени во почетокот од април оваа година, кога Фејсбук ги отстранил сите во еден ден. Извор запознаен со отстранувањата рекол дека биле повлечени по притисокот на Фејсбук да ја отстрани сета финансиски мотивирана „неавтентична“ содржина. Минатиот месец Фејсбук ги претстави новите мерки за намалување на ричот на сајтовите водени од издавачи со седиште во странство, како оние во Велес.

Сега, додека Фејсбук продолжува да ги таргетира издавачите на англиски јазик во Македонија, властите во земјата спроведуваат сопствени истраги за оние што се одговорни за ширењето политички дезинформации за време на изборите во 2016 година, вели ОЦЦРП.

Голдман и Вејд рекле дека не знаеле за никакви официјални истраги за македонски сајтови пред новинарите да ги информираат за нив. Голдман дури рекол: „Ние веруваме дека нашите активности и известување беа точно и легитимно новинарство“.

Властите велат дека истрагата е обид да се одредат клучните играчи зад сајтовите и дали имало каква било вмешаност на странци во нивното создавање и работење.

Клинт Вотс, поранешен агент на ФБИ и автор на „Провоцирање на непријателот: преживување на светот од хакери, терористи, Руси и лажни вести на социјалните медиуми“, изјавил дека истражувачите најверојатно се фокусираат на тоа дали постои руска поврзаност со создавањето и функционирањето на сајтовите, без разлика дали нивната содржина покажува знаци за координација и дали добиле какво било надворешно финансирање.

„Најважното за мене е: од каде ги добиле парите за да го почнат сето тоа?“, рекол Вотс. „Знам дека покренувањето веб-сајт е релативно евтино, но основната инфраструктура и знаење мора да дојдат од некаде. Од каде ја добиле идејата да покренат кликбејт-сајт со таков намерен фокус на изборите во САД? И кој им ги дал ресурсите и вештините за да го покренат?“

 

„Не зборувам за мојата работа“

Една од личностите што ги интересираат иследниците е Ана Богачева.

Богачева е една од 13-те руски државјани обвинети од Милер во февруари поради наводно мешање на изборите во САД. Обвинението се фокусираше на улогата на истражувачката агенција во Санкт Петербург - често нарекувана „фабрика за тролови“ - која произведуваше онлајн-пропаганда и ширеше пораки преку социјалните медиуми со цел да му помогне на Трамп и да ја порази неговата ривалка, Хилари Клинтон.

Според обвинението, Богачева во еден момент ја надгледувала „групата за анализа на податоци“ за операција на агенцијата во САД. Заедно со друг вработен во агенцијата, Богачева, наводно, патувала низ САД околу три недели во јуни 2014 година, собирајќи информации за разузнавачки извештај што го добил нејзиниот претпоставен во агенцијата.

Токму една година подоцна, таа дошла во Македонија.

Имиграционите записи до кои дошле новинарите покажале дека Богачева била во Македонија во средината на 2015 година, од каде што на 26 јуни таа година отишла во Грција. Не можело да се најде трага за нејзиното влегување во земјата. Постовите на Богачева на рускиот сајт за социјални медиуми ВКонтакте покажале дека таа отпатувала и во Австрија, а можеби и во Италија.

Кога ја контактирале новинарите преку ВКонтакте за да прашаат зошто била во Македонија во 2015 година, Богачева рекла: „Извинете, јас не зборувам за мојата работа“. Не одговорила на подоцнежните пораки.

Новинарите не нашле никаква врска помеѓу Богачева и македонските сајтови.

Арсов и понатаму тврди дека првиот сајт бил негова идеја.

Како и Вејд и Голдман, изгледало дека и тој не е свесен за постоењето на истрагите пред за нив да дознае од новинарите. Тој рекол дека не е загрижен дека властите би можеле да најдат нешто.

„Тука нема криминал. Никој не може да ме обвини“, рекол тој, додавајќи дека верува дека секоја македонска истрага би била резултат на притисок од САД.

Недолго откако Фејсбук ги затворил неговите страници, Арсов гледал како членовите на Конгресот на Соединетите Американски Држави го „спржуваат“ Марк Закерберг поради неговите практики за заштита на податоците, по скандалот со Кембриџ аналитика. Тој бил особено заинтересиран за нешто што сенаторот Тед Круз ќе го праша извршниот директор на Фејсбук. Среде сослушувањето, Арсов испратил мејл до канцеларијата на сенаторот за да го осуди она што според него е неправедна цензура на Фејсбук врз конзервативните гласови на платформата.

„Јас сум сопственик на 'Американската политика денес'“, почнувал мејлот. „Конзервативните медиуми се под напад на Фејсбук, бараме поддршка и помош да ги шириме овие вести насекаде“.

Канцеларијата на Круз не одговорила. Арсов можеби е поддржувач, но не е и дел од избирачкото тело.

 

Извор: ОЦЦРП

Автори: Сашка Цветковска, Оби Белфорд, Крег Силверман и Џеј Лестер Федер

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе