По 2,5 месеци од приведувањето на бизнисменот

Свиркач ја објави белешката врз основа на која Камчев е во притвор, одбраната нема сомневање дека се работи за политичко и судско изживување

На социјалните мрежи се појави белешката на Агенцијата за национална безбедност, главниот доказ врз основа на кој бизнисменот Јордан Камчев е во притвор. Од овој документ може да се види дека се работи само за белешка на доушник на тајната служба, без докази, аудио снимки, фотографии... Одбраната на Камчев веќе поднесе кривични пријави против директорот на АНБ Виктор Димовски, против јавниот обвинител кој без докази и врз основа на усна белешка предложил мерка притвор, против судија на претходна постапка кој изрекол мерка притвор и судиите од кривичниот совет кој ја продолжиле мерката притвор.

Освен овие кривични пријави, одбраната на Камчев ја подготвува и апликацијата до Судот за човекови права во Стразбур и бара „меѓународен мониторинг за следење на политичко судското изживување во случајот со Јордан Камчев“.

Од објавената белешка се потврдува она што веќе близу два месеци го тврди одбраната на Камчев, а тоа е дека Камчев е во притвор врз основа на дојава на доушник на тајната служба, без докази за тврдењето во белешката.

Во белешката пишува дека Камчев во Берово имал средба со бугарски државјанин и разговарал за бегство во Бугарија каде имал болница и сопствен стан. Ова се случувало од 12 до 14 февруари.

Одбраната на Камчев потврдува дека тој има болница во Бугарија, што воопшто не е тајна затоа што е тоа јавен податок објавен и на интернет страницата на Орка холдинг. Камчев нема стан во Бугарија, а и таква средба не се случила, велат неговите адвокати.

Според нив, најскандалозно во овој случај не се ваквите наводни докази, туку недавањето на оваа белешка на одбраната и решенијата на обвинителството и судот донесени врз основа на само една усна белешка, без никакви докази.

Одбраната на Камчев веќе два месеци тврди дека АНБ нема законско овластување за следење на еден бизнисмен, дека нема никакви законски овластувања зошто АНБ би го следела и обработувала Камчев, ако се знае дека нивна работа, според Законот за Агенцијата за национална безбедност, е собирање, обработување, анализирање, проценување, разменување, чување и штитење податоци и информации со цел откривање и спречување на активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата согласно член 4 и тоа шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата…, дела кои ја загрозуваат националната безбедност на државата.

Ако Камчев навистина се подготвувал да избега во Бугарија за да ја избегне пресудата за случајот „Империја“, пак се поставува прашањето која е поврзаноста на АНБ и загрозувањето на националната безбедност на државата. Зошто не се применети ПИ мерки за следење на лицето Јордан Камчев за да се обезбедат докази и да ѝ се предадат на обвинителката Лиле Стефанова. Дали следењето на Камчев е вршено според законот? Дали имало судска одлука? Дали го прислушувале од надлежната агенција ОТА, прашуваат адвокатите.

„Тука станува збор за чиста злоупотреба на службената положба во АНБ и за оваа злоупотреба некој ќе мора да ја понесе одговорноста. Кривична одговорност постои и за јавниот обвинител Стефанова, која врз основа на напишани непотврдени сознанија без обезбедени докази предложила мерка притвор. Кривична одговорност мора да има и за судијата на претходна постапка кој ја одобрил мерката без да има докази за тврдењето дека лицето Камчев се подготвува да избега од државата. Кривична одговорност мора да има и за судиите од Кривичниот совет кој по истиот скандалозен основ, ја продолжија мерката притвор“, велат адвокатите.

Во белешката пишува дека Камчев бегството го подготвувал помеѓу 12 и 14 февруари. Притворањето на Камчев се случи на 14 март. „Каква дојава добила АНБ еден месец подоцна за да ја достави оваа информација до обвинителството со кое се бара притвор еден месец по средбата во хотел Аурора во Берово? Зошто се чекало? Што се сменило на 14 март за  да го приведат на ваков скандалозен дилетантски начин“, прашуваат адвокатите.

Официјално, белешката на АНБ одбраната на Камчев и натаму ја нема, а не била дадена на увид и на членовите на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ затоа што истрагата била во тек.

Една недела по изрекуањето на мерката притвор врз основа на оваа белешка тогашниот министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов изјави: „И тие информации дека бугарски агенти му помагале на Јордан Камчев да организира бегство од Македонија се целосна глупост. Лага на Виктор Димовски и неговата банда“.

А.Д.

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе