Невообичаена судска одлука

Судот забрани книга во која Андов се сомнева во улогата на Фрчкоски во атентатот врз Глигоров

Основниот суд Скопје 2 вчера донесе решение привремено да ја забрани книгата на Стојан Андов „Пред атентатот и по него" по поднесена тужба на професорот и поранешен министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски. Професорот Фрчкоски смета дека се повредени неговите лични права и дека Андов во книгата изнел низа клевети во врска со атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров.

Во дебатниот магазин на ТВ21, професорот Фрчкоски објаснува дека не ја прочитал целата книга, но сепак се решил да тужи.

Тешко се одлучив. Тој ја контекстира целата таа група помлади политичари, но јас сум најистурен од таа група, веројатно како министер за внатрешни работи. Без никакви докази, со инсинуации. Ние сме всушност луѓе кои Глигоров ги внесе во политиката, мене, Денко, Јане Миљовски. Ми беше многу непријатно. Независно што тој е стар господин и можеби oдлепил комплетно со меморијата или има други амбиции“, изјави Фрчкоски.

Во книгата Андов пренесува разговор со поранешниот претседател Киро Глигоров: „Стојане, вчера имав неочекуван состанок. Во вилата ми дојдоа Бранко Црвенковски, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Фрчкоски и Јане Миљоски. Тие мои гости зборуваа мирно како да се договараа со мене да одиме на плажа, а всушност побараа од мене да дадам оставкa. Не ги разбирам овие луѓе Стојане, ако нè тргнат нас двајцата и останат сами на власта, сосема е јасно како ќе владеат…“.

Андов открива дека Глигоров имал несогласувања со експремиерот Бранко Црвенковски и со тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски затоа што Глигоров сметал дека тој е човекот што треба да го наследи на функцијата – претседател на државата. Андов заклучува дека Глигоров избрзал со споменувањето на неговото име како негов наследник.

Му реков доста остро на Киро дека избрзал изговорајќи го моето име. Си помислив, тој добро знае дека ја компликува ситуацијата и во концепцијата на тие луѓе сега ќе се јави потреба да не  отстранат и мене и него од политиката. Оваа група, која ја контролира државата, очигледно беше решена да го отстрани секој глас што може да има влијание во јавноста. Двајцата се надевавме дека таа залетаност на групата ќе престане. И сите да ги решаваме проблемите на земјата…“.

Андов пишува и за атентатот врз Глигоров кога отишол да го посети претседателот во болница. По посетата на Глигоров, Андов, како што пишува во книгата, заминал во својот кабинет, каде што го повикал Црвенковски. Тој пристигнал со тогашниот министерот за здравство, Илија Филипче, министерот за правда, Владо Поповски, и уште двајца други, но меѓу нив не бил и министерот Фрчкоски.

Ме привлече вниманието тоа што за време на нашиот разговор ми се јави Слободан Милошевиќ. Стојане, што се случува со Глигоров таму кај вас? Му кажав дека Глигоров е жртва на големо злосторство, но првите оценки на нашите лекари се дека ќе може да се спаси. Ме праша дали може да помогне… Ми падна во очи што на оваа наша средба не е министерот за внтарешни работи Фрчкоски. Го прашав Бранко каде е Фрчкоски? Тој ми рече дека не знае точно каде е, но некој му кажал дека министерот заминал накај Крива Паланка. Невозможна и многу сомнителна работа“, пишува Андов.

На промоцијата на книгата во ноември 2018 година говореа и академик Владо Камбовски, писателот Блаже Миневски, амбасадорот Љупчо Арсовски, како и надворешнополитичкиот коментатор Љубомир Гајдов.

Тогаш Гајдов говореше за атентатот на Глигоров и откри шокантни детали за начинот на кој тогаш постапувал Фрчкоски, како министер за внатрешни работи. Раскажа што тогаш дознал од моќни луѓе.

Веднаш по атентатот, три истоветни телеграми дојдоа од Вашингтон од ЦИА, од Лондон и од Минхен. Пишуваше - „ништо не пипајте, доаѓаат нашите експерти“. Ама министерот на полицијата го однесе „мерцедесот“ во гаража 120 минути по атентатот. Зошто, прашав јас наивно. Тој е мозокот на атентатот, ми рече тогаш еден од моќните луѓе“, обелодени Гајдов.

Тогаш од Црвенковски, според Гајдов, било побарано да го смени Фрчкоски од министерското место.

На овие тврдења на Андов и на промоцијата на книгата, реагираше Фрчкоски во колумна под наслов „Шушумига“.

Не ми е јасно, драги мои, навистина и покрај сериозен напор во согледба на човечките падови, кризи на возраста и на потсвесните его-трипови – да разберам како успеваат старите политичари пишувајќи мемоари да направат будали од себе?

Стојан посветил книгаипол на мојата дребност, еднаш како разнебитување на „моите обиди“ (??) наслована „Обидите на Љубомир Фрчкоски“, а потоа попат, но отровно во томот за атентатот на Глигоров и по него.

Ако имав скрупули и обѕири да не ги коментирам или сведочам одлепените тези од Мемоарите на Глигоров за куферчето (земајќи предвид дека Стариот имал селективна меморија или шмелцувал и преспојувал различни настани еден преку друг за настан за кој има на голем број сведоци за и околу „куферчето“ кои може да бидат повикани да дадат сведочење и да ја разнебитат таа „меморија“, а земајќи предвид дека мемоарите се пишувани од неговите соработници, но највеќе и пред сѐ поради мојата историја со Глигоров и респект кон него) такви скрупули не ме држат да ја оценам улогата на Стојана Андов за поновата македонска историја и неговите shitty „сеќавања“ приопштени во кобасичните мемоарски записи.

Стојан Андов е политичар од видот кој татко ми го нарекуваше ШУШУМИГА! Тип на личност кој во политиката е изразит опортунист, кој нема своја интегрална позиција ниту интегритет, туку се снаоѓа, маневрира и ги игра позициите на моќ во овој случај на левицата и центарот на политичкиот спектар во Македонија од независноста...

Во време на атентатот на Киро, за тој трауматичен момент за нацијата и сите нас, посебно оние кои беа блиски до него – Стојан беше скандалозна невкусна, драма. Него само го памтиме како влетувач во кабинетот и фотелјата на Киро, следниот саат после атентатот кога сите бевме во шок и растрчани по болници и како разговара со Милошевиќ, а овој му нудел помош околу атентатот. Но тоа Жана Османли најдобро го знаеше.“, напиша Фрчкоски.

Авторот на книгата, Андов, во изјава за МКД.мк вели дека е изненаден и разочаран од ваквиот развој на настаните.

Ова е преседан, неочекуван преседан, не зборува добро за состојбите и за атмосферата во земјата. Досега не се случило судот да забрани книга", ни изјави кусо Андов, додавајќи дека за другите квалификации во тужбата на Фрчкоски ќе говори на судското рочиште.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе