Стотици македонски граѓани со коли со бугарски таблички се враќаат од граница, Царинската управа молчи

Македонските граѓани кои возат автомобили со странски таблички, ако сакаат да влезат во земјава со нив ќе треба да се откажат од живеалиштето во Македонија или да ги остават и да ја поминат границата пеш. Вакво е искуството на стотици македонски граѓани кои со автомобили со бугарски таблички се обиделе да влезат во земјава на трите гранични премини на бугарско-македонската граница.

Во редакцијата на МКД.мк се јавија неколку граѓани кои се соочиле со овој проблем на граница, но не добиле објаснување зошто не можат да влезат со автомобилот.

„Се враќав од Бугарија и се шокирав кога на македонската граница ми рекоа дека не можам да влезам со автомобилот со бугарска регистарска табличка. Ми рекоа ‘ ти можеш да поминеш пеш, а колата да ја оставиш во Бугарија‘. Се вратив во Бугарија и ја оставив. Морам да видам зошто е тоа така, па да се вратам по неа“, раскажува скопјанец за своето искуство на граничниот премин Деве Баир.

Вели дека сега се распрашува како да го реши проблемот.

За разлика од него, друг наш сограѓанин, уште пред да ја напушти земјава на граница бил предупреден да не излегува со автомобилот од Македонија, бидејќи после нема да му биде дозволено со него да се врати.

„Тргнав за Бугарија да ја регистрирам колата, бидејќи мора да помине на технички преглед. Осигурување можам да платам од овде, ама на технички преглед мора да одам. Но, се вратив. Што ќе ѝ правам после на колата ако не можам да влезам во Македонија“, вели тој.

Според сведочењата на наши сограѓани, само во петокот на Деве Баир биле вратени стотина македонски граѓани со автомобили со бугарски регистарски таблички. На дел од нив им било кажано дека за да влезат со тие автомобили мора да имаат одјавено живеалиште во Македонија. Но, како што велат, никој не им кажал дека тоа може да го направат и на граница.

„Можеби е така по закон, ама барем нека ја информирата јавноста, а не да бидеме затечени вака на граница. Што да правиме?“, реагираат тие.

Објаснување за овие случувања побаравме од МВР и од Царина. Одговорот од МВР беше дека за ова е надлежна Царинската управа, а од таму и после десет дена не добивме одговор. Според неофицијалните информации, со законска Уредба автомобилите со странски таблички се водат како привремен увоз, односно стока за царинење при влез во Македонија.

Во меѓувреме, според изјавите на повеќе сограѓани, во МВР се поднесуваат сѐ повеќе барања за одјавување на живеалиштето во Македонија, а особено е голем бројот на такви барања во источниот дел од земјава, посебно во струмичко.

Со реакција за оваа практика се јави и партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) која бара да не

се попречуваат Македонците од Албанија за влез во Македонија.

„Пред два дена, од страна на Македонските власти издадена е забрана за влез во Република Македонија на македонски државјани кои имаат коли со странски регистарски таблици. Поради ова одлука, Македонците од Албанија, кои се албански државјани и дел имаат и македонско државјанство, не можат да влезат во Република Македонија, бидејќи поседуваат коли со албански или други регистарски таблици.

Ова одлука најмногу економски ги погодува Македонците во Албанија кои што живеат во пограничните региони со Македонија пред сѐ во Општина Пустец и областа на Голо Брдо и кој секојдневно влегуваат во Македонија за сезонска работа или да пазарат“, се вели во реакцијата од МАЕИ.

Оттаму апелираат до македонските власти да ја ревидираат ова оддлука и да не се попречуваат Македонците од Албанија кој поседуваат коли со албански или други регистарски таблици за влез во земјава.

Инаку, пред една година Владата овозможи регистрацијата на возилата со странски таблички со 50 отсто помали давачки.  Со ова решение од Владата очекуваше во буџетот да влезат 20 милиони евра приходи.

Оваа поволност важеше за сите возила кои влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година и се со стандард ЕУРО4. Целта на ова законско решение беше можност на граѓаните, сопствениците или корисниците да можат да ги регистрираат возилата со странски регистарски таблици на територија на Македонија. 

Ж.П.Б.

 

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе