Столтенберг по потпишувањето кажа дека ова е клучен пробив кој го отвори патот за полноправно членство, деталните пристапни преговори сега ќе започнат. Според него, откако сите национални процедури ќе завршат и откако ќе биде ратификувано од земјите членки, Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО со еднакво место на маса, еднаков глас во дискусиите и еднакво право на гласање во најуспешниот воен сојуз.
„Голема чест и привилегија да се обратам по повод поканата за Република Македонија да стане членка на НАТО. Ние сме горди и благодарни. Тоа е историска одлука за иднината на мојата земја.
Признание за работата на сите македонски политичари од независноста до денеска, признание за сите наши граѓани, граѓанското општество и за сите што нетрпеливо го чекаа овој ден. Бидете уврени дека нашето членство во НАТО уште повеќе ќе ја консолидира демократијата во регионот.
Како идна 30. земја-членка на Алијансата сме подготвени да дадеме позитивен пример во регионот и да придонесеме за натамошно обликување на регионот на Западен Балкан како мирен и просперитетен регион”, рече Заев.
Столтенберг порача дека откако протоколот за прием на земјата ќе биде ратификуван од сите земји-членки Македонија и формално ќе стане 30. членка на Алијансата.