„Централата” на НАТО денеска во Скопје

Столтенберг: Алијансата е подготвена да ѝ посака добредојде на земјава во евроатлантското семејство

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и Северноатлантскиот совет (НАК) во кој се амбасадорите на сите земји членки на Алијансата, денеска со највисоки државни и воени почести ќе бидат пречекани на платото пред Владата на Република Северна Македонија со што ќе почне официјалниот дел од посетата на „централата" на НАТО на земјава.

По церемонијата на официјалниот пречек ќе следува билатерална средба на делегациите предводени од премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на НАТО Столтенберг, со амбасадорите на Северноатлантскиот совет и министрите во Владата.

Со работниот дел на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и претставници на Влада, што ќе се ќе се одржи потоа, ќе претседаваат премиерот Заев и генералниот секретар Столтенберг, по што ќе следува и нивната заедничка прес-конференција.

Во текот на денот, Столтенберг и амбасадорите на Северноатлантскиот совет ќе бидат примени и од претседателот Стево Пендаровски.

Столтенеберг и високите претставници на НАТО доаѓаат во прва посета на Скопје по потпишувањето на протоколот за членство на земјата во Алијансата.

Од февруари кога е потпишан Пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО, досега го имаат ратификувано 14 земји – членки. Очекувањата се во јуни да влезе во процедура и во САД и да заврши оваа есен. Ратификацискиот процес, заеднички оценуваат надлежните, може да заврши и пред Самитот на Алијансата закажан во декември во Лондон.

Во интервју за МИА, непосредно пред посетата на нашата држава, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, порача дека Алијансата е подготвена да ѝ посака добредојде на земјава во евроатлантското семејство.

И неговата оценка е дека ратификацијата на претпристапниот протокол добро напредува. Кога сите сојузници ќе го ратификуваат пристапниот протокол, Северна Македонија ќе стане триесетта членка на Алијансата.

„За време на посетата на Северноатлантскиот совет, очекувам да разговараме за интеграцијата на Северна Македонија во Алијансата и вашиот напредок во главните реформи, вклучително и владеењето на правото, безбедноста, разузнавачкиот и одбранбениот сектор. Важно е да се продолжи чекорот во реформите додека се подготвувате за полноправно членство, а ние ќе продолжиме да ве поддржуваме на овој пат“, вели Столтенберг во интервјуто за МИА.

Членството во НАТО, истакна, ќе донесе поголема безбедност и просперитет за сите луѓе во Северна Македонија.

„Ќе земете учество во развојот на политиките на НАТО. Вашиот глас ќе биде исто важен колку секој друг сојузник во носењето на одлуките кои треба да ги сочуваат безбедноста и просперитетот на нашите земји. Безбедноста е основа на просперитетот. Всушност веќе видовме дека странските инвестиции се зголемени за три пати во изминатата година. Вашето членство во НАТО ќе придонесе за безбедноста на Западниот Балкан и на целиот евроатлантски регион. Тоа докажува дека напорната работа, реформите и посветеноста се исплатливи и дека вратите на НАТО остануваат отворени“, порача генералниот секретар на НАТО.

Со нетрпение ја очекуваме Северна Македонија како 30-та членка на Северноатланстаката алијанса, порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на синоќешниот прием во Собранието што за него и за 29-те амбасадори на Алијансата, го приреди собранискиот спикер Талат Џафери.

„Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам  Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот“, рече Столтенберг.

Тој ѝ честиташе на Република Северна Македонија за успесите што ги постигна изминатиот период на патот кон евроатланските интеграции, за храброста и решителноста да го реши проблемот со името, кој ја кочеше нашата земја премногу долго. Оцени дека придобивките за Република Северна Македонија од зачленувањето во НАТО се веќе очигледни, инвестициите оваа година се зголемени за три пати, а државата веќе учествуваше на состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржаа во февруари и во април оваа година.

„Нашата Алијанса се грижи за безбедноста на луѓето, но и за почитување на  нашите вредности – слобода, демократија и владеење на правото. Во 1949 година, министрите за надворешни работи од дванаесет земји го потпишаа Договорот од Вашингтон. Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам  Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот“, порача Столтенберг.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, во поздравното обраќање изрази задоволство што е домаќин на Северноатлантскиот совет, што за нашата држава претставува своевидно признание и потврда дека заслужено стануваме членка на НАТО Алијансата.

„Свесни сме дека членството во НАТО е динамична категорија која носи многу предности и придобивки, но во исто време, налага и многу обврски. Зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво, справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат мирот, почитувањето на човековите права и слободи, парламентарната демократија и владеењето на правото, сѐ се тоа вредности врз кои почива НАТО Алијансата и кои се обврска на секоја земја членка. Република Северна Македонија верува во овие принципи и во оваа пригода, сакам јавно да нагласам дека, како полноправна членка на НАТО, посветено и одговорно, како и досега, ќе продолжиме во остварувањето на овие темелни вредности и принципи кои не обединуваат со сите земји членки на НАТО“, порача Џафери.

На приемот во Собранието присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.

Високата делегација на НАТО ја пречекаа и потпретседателите на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, Горан Мисовски и Весел Мемеди, координаторите Јован Митрески, Ејуп Алими, Никола Мицевски и Елизабета Канческа Милевска, како и пратеници од повеќе парламентарни партии.

Делегацијата од Владата ја сочинуваа и заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила  Шеќеринска, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата одговорен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за правда Рената Десковска, министерот за финансии Драган Тевдовски, како и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, соопшти собраниската прес служба.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе