Интервју со претседателот на ДПС

Стоиљковиќ: Oслепeнa e демократијата во Македонија

„Во политиката енергијата што ја движи државата и општеството се луѓето. Затоа тоа чувство за мерка е повеќе од потребно затоа што се работи за судбината на луѓето. Тоа чувство за мерка кај македонските партии треба да биде многу поизразено, особено во пристапот кон помалите национални заедници. Тоа чувство Заев и неговата партија го немаат“, изјави неодамна во Собранието пратеникот Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите, со кого разговаравме за актуелните случувања во земјава.

Впечаток е дека Македонија се гради како двонациoнално општество, а не како едно општество за сите. Се согласувате ли со ова?

- Скоро сум сигурен дека ако се направи анкета со поставено прашање, дали Македонија се движи во исправна насока, генерално во однос на националната, внатрешната, надворешната, економската и безбедносната политика, одговорот ќе биде негативен. Во таа смисла одговорот на прашањето дали надвор од уставните рамки се гради двонационално општество е надвор од која било дилема. Вистинското прашање би било дали нешто се прави тоа да не биде така, за жал, и на тоа прашање одговорот е негативен. Замислата за Македонија, а потоа и рамковна Македонија не беше таква, затоа навистина искрено сум загрижен за тоа каква ќе биде иднината на пострамковна Македонија.

Каква беше замислата?

- Кога во далечната 2002 на еден редовен консултативен состанок на политичките лидери што се одржуваше под покровителство на меѓународната заедница го прашав идеологот на албанското движење во Македонија, Арбен Џафери, каква е улога на заедниците под 20% во политичкиот живот во однос на статусот на Албанците визави Охридскиот договор, тој одговори, „Проблемите што кулминираа 2001 можеа да се решаваат на повеќе начини, првиот беше консензуална демократија, вториот воспоставување на политичко-територијална автономија, третиот федерализација и четвртиот конфедерализација на Македонија.

Ние како преговарачи се одлучивме за изградба на консензуална демократија. Меѓутоа поради големото влијание, авторитет и интегритет на професорот Робер Бадентер дадовме позначајно место на припадниците на заедниците под 20%, со што на пореален начин би бил отсликан мултиетничкиот карактер на Македонија и за да го зачуваме унитарниот карактер на државата”. Навистина се поставува прашањето, што не е јасно?

Какво е Вашето чувство како Србин во Македонија?

- Зошто чувството на Србите би било различно во однос на чувството на другите? Чувството на Србите е различно во однос на другите само кога станува збор за односот на политичката елита кон нив, кој во најмала рака е проблематичен пред сѐ поради антисрпкиот наратив во доминантниот дел од македонската елита, која и ги креира политиките во оваа насока, кои во изминатиот период се изразито антисрпски, што можеше да се примети најдобро при падот на мафијашкиот режим на Мило Ѓукановиќ.

Но знаете, лесно е да се игра во животот со добри карти, подвиг е добро да се одигра и кога картите се лоши.

Каде го гледате антисрпскиот наратив? Обично токму социјалдемократите имаат поблиски односи со Белград?

- На секој чекор, прикриено или јавно! Еве коментираат се слушала Цеца, демек тоа било погубно за Македонија, а Македонците Бугари ги направија и никој ништо на таа тема. На што личи тоа? Или можеби сакаат да се навредуваме, па да им кажам дека Цеца се слуша и во Бугарија, па во паралела тоа не е спротивно на тенденциите на нашата територија, на нашата земја, на нашиот народ и слични идиотарии. Заборавивте дека Шекеринска ме протеруваше, замислете на Косово, за тоа што кажав Душанов мост, а на Каракачанов не смее да му писне кога во центарот на Скопје ќе каже дека Македонците се Бугари.

Или пак настаните со изборите во Црна Гора, демек во стилот „српските четници” и нашиот пријател Ѓукановиќ, ама ајде никој не е наивен веќе. Ги видовте ли скоро еднодушните реакции на социјалните мрежи во однос на тој наратив. Загрижува што сето тоа е дел од ставовите на политичката елита, а вие уште прашувате, велите нели СДСМ е во блиски релации со Белград. Кој Белград? Имаше ли заеднички седници на владите? Каде им се Србите во пратеничките клупи? Нема ниту еден. Од 46 пратеници, шест се Албанци, еден Турчин и еден Ром. Каде е барем протоколарното место заменик-министер во Владата? Сѐ за што се имаме изборено во изминатиот период е укинато или одземено! Се вози на стари мантри, се живее во деведесеттите, не се препознаваат новите тенденции, тоа е проблемот!

Последната предложена мерка на новата влада е субвенции за вработувања на Албанци, Срби, Власи, Роми... Ќе гласате ли за оваа мерка во Собранието?

- Ваквата политика во која Србите, Турците и другите се покритие за нечии политики не да не е прифатлива, туку можам отворено да кажам дека ваквите политички ставови само покажуваат дека навлегуваме во сивата зона на разумот. Разумот веќе не престојува во Македонија. И она што треба навистина да нѐ загрижува е благиот однос кон ваквите идеи од креаторите на јавното мислење. Јавноста како да не е дорасната да им се спротивстави на ваквите лудости. Напротив. Сѐ повеќе од очигледно е дека лудоста пуштила длабоки корени.

Кои се тие негативни тенденции во државата на кои предупредивте за време на вашиот последен настап во Собранието?

- Тие ставови ѝ се познати на јавноста. Ќе се осврнам само на најважниот. Народот што крева раце од својата држава чини политичко самоубиство, колку и да се труди тоа да го сокрие или пак облече во рационални и прагматични рамки. Погледнете ги изведувачите, извадете им го вообичаениот наратив и ќе видите празни лушпи без трунка знаење и интегритет. И ќе се надополнам со она што можеби најмногу пречи и што е повеќе од иритантно, а тоа е слепилото за тенденциите во општеството. На пример Комисијата за борба против пандемијата. Имаме најлоши резултати во регионот, а таа сѐ уште е политички инструмент и одраз на политичкиот пристап што сака сите работи, па и проблемите од општ карактер во државата, каква што е пандемијата, да ги контролира и да ги користи во политички цели. Наместо формирање нова комисија врз основа на политички консензус што ќе ги пегла длабоко спротивставените ставови, во јавноста се продолжува со пристапот што во натамошниот период ќе стане уште поголем и понерешлив проблем во државата. И навистина пречи што речиси без сериозна расправа помина информацијата за падот на БДП за - 12,7%.

По навика се користи системот, розови очила и терај со празни ветувања. Но за сеопштото чувство и тенденцијата на пропаѓањето не е пристојно да се зборува, зар не?

Велите дека просториите на Демократската партија на Србите во последниот период на двапати се обиени, а случаите сѐ уште не се расчистени. Која е Вашата претпоставка?

- Просториите на Демократската партија на Србите во Македоније се наоѓаат на сто метри од Собранието, што подразбира сериозен видеонадзор, но сепак нема резултати. Без обланди, тоа е дел од политиката за која говорев, да се уништи партијата, да се деморализира членството, да се застрашат луѓето, да се внесе несигурност во политиките што ги застапуваме. Но ете, не поминаа тие политики, по сето ова некој треба да стави прст на чело и да подразмисли за политиките што ќе ги води кон нас и воопшто кон политичките неистомисленици понатаму. Државата што функционира на антагонизми не ја очекува некоја стабилизација на политичките прилики, а со тоа и напредок во секоја смисла на зборот.

Кој е ќарот на една држава од такви антагонизми, од заплашување?

- Нема ќар, само зијан! Општеството ќе врви по патот на постојани кризи, државата ќе ги губи своите прерогативи, граѓаните ќе се заплашуваат со катаклизми, а во реалноста ќе им се продава евтин оптимизам без никакво покритие и така...

Бевте посочуван како еден од пратениците што беа цел на власта за да станете дел од групата 8 пратеници што гласаа за промена на името на Македонија. Одбивте. Сега, две години потоа, можете да кажете некои детали? 

- Важам за кредибилен партнер во политичкиот живот и не бил сакал таа слика да ја променам без оглед на случувањата. Јас најдобро знам колку чини принципиелноста во политичкиот живот во кој медиумите позитивно се однесуваат кон ваквите настани. За жал, сето тоа и по две години сѐ уште е дел од секојдневниот амбиент, кој нема врска со политикатa.

Не давате детали... Тоа пазарење продолжува и денеска кога има тенко собраниско мнозинство од 62.

- Проблемот отсекогаш бил ист, наместо да се создава атмосфера на дијалог и политички компромис во општеството, се поттикнуваат најниски страсти и одмаздољубивост. Се смета дека е најдобро работата да се заврши со закани, уцени и поткуп, по принципот останува политичката моќ, системот се контролира, а парите исто така се влечат од системот, зар не, па наместо со политички отстапки, работите се решаваат уличарски и сето тоа се стимулира преку македонските медиуми.

Што Ви е проблемот со македонските медиуми? Неколку пати во своите коментари на Фејсбук го истакнувате ова.

- Јас немам проблем, се снаоѓам во јавноста на различни начини. Проблемот е од пошироки размери, а прашањето што го поставувате треба да е дел од работата на струковните асоцијации. Тие би требало како општествено одговорни да ги контролираат општествените процеси, а не обратно, општествените процеси да ги контролираат нив. Јас само констатирам дека правењето на слепи при очи или директното учество во вадењето очи на политичките противници по налог на некој трет ќе ја ослепи демократијата во Македонија, која веќе подолго време сериозно мижи на едното преостанато око.

Александар Дамовски

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Четврток, Октомври 1, 2020 - 11:25

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе

Некогаш, долго после нашава посета на овој свет ќе се појави некој кој ќе го интересира нашиот престој тука.

повеќе