Ревизорски наод за Управата за водење на матични книги

Сто илјади сомнително издадени изводи - немарност или претпописен план

Речиси сто илјади изводи издала Управата за водење на матични книги кои не биле заведени во евиденцијата и е направен кусок од близу милион денари, но и неколкукратно поголема штета претпрел државниот буџет. Државниот ревизор смета дека е нејасно дали станува збор за измама или за грешка во работењето, а одговорноста ја лоцира кај директорот Бујар Дардишта. Дали се работело за долгорочен план за поткревање на бројки на жители пред пописот на населението, за финансиска проневера или само за лошо работење, засега воздржаност кај надлежните и во Владата.

Државниот завод за ревизија во конечниот ивештај за работата на Управата за водење на матични книги во текот на 2019 година изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Утврдено е дека има кусок во износ од 901.000 денари врз основа на издадени изводи, а нешто повеќе од еден милион денари кусок во приходите, но и околу четири милиони денари штета за буџетот на државата по неколку основи.

Поконкретно, издадени биле за 94.451 повеќе изводи од заведеното во евиденцијата, или како што велат од Заводот, станува збор за кусот на изводи. Конкретна одговорност овластениот државен ревизор за финансиските извештаи на Управата ја лоцира кај раководството застапувано од директорот Бујар Дардишта, без оглед, како што е наведено, дали се работи за измами или пак за грешки. Ревизорот кон него ја лоцира и одговорноста во поглед на усогласеноста на работењето со законските регулативи.

Со други зборови, сомнежот е дали некому изводи му биле издавани бесплатно, или пак станува збор за злоупотреба на службената положба па на некои лица биле издавани изводи со неточни податоци заради различни цели. Или, како што заклучува овластениот ревизор, издадени се повеќе изводи отколку што се заведени во евиденцијата. И тука, ревизорот ја запишал веќе наведената бројка констатирана со попис извршен на 31 декември 2019 година од 94.451 издадени изводи. И кусокот на пари на сметката на Управата и на државнот буџет.

На барање на МКД.мк од Државниот завод за ревизија појаснија: „Во текот на 2019 година издадени се вкупно 530.000 изводи на родени, венчани и умрени лица. Во подрачните одделенија Скопје, Тетово, Гостивар, Ресен и Прилеп констатиран е кусок од 94.451 изводи на граѓани во Република Северна Македонија и надвор од неа".

Ревизорот за илустрација во својот извештај спомнува дел од увидот на еден број издадените изводи за родени во некои од населбите во општините Центар, Кисела Вода и Аеродром, при што утврдил дека отприлика за 50 проценти од изводите недостасуваат поднесени барања за добивање на овој документ. За дел од барањата за венчани и починати лица недостасуваат податоци од личната карта на барателот.

„Утврдивме дека Управата нема донесено интерен акт со кој ќе се регулира постапката на издавање на изводи, уверенија, преписи, копии и други документи врз основа на матичните книги во корист на граѓаните, како и дека не е регулирана одговорноста во случај на грешка при издавање на изводите или во случај на кусок на бројот на примени и издадени изводи", велат од Заводот.

Тоа што го зачудува ревизорот е што службите издале над 21 илјада изводи во кои имало грешки, што претставува 4 проценти од вкупно издадените изводи. За надоместување на трошоците за изводите со грешка во Управата не е наведено кој треба да ги надомести, па штетата излегува дека е на целата Управа и на државниот буџет, со оглед и на неуплатените пари за административни такси и други давачки. Исто така, не може да се утврди вкупниот број на набавени и издадени изводи по сериски број, ниту на погрешни изводи, но нема ниту податоци за залихата на изводи со кои располата Управата.

„Поради ваквата состојба Управата не е во можност да врши следење и контрола на издадените и поништените изводи", констатирал овластениот ревизор и дополнил дека за целата 2019 година со овластување на директорот на Управата била извршена само една контрола и тоа само на едно подрачно одделение за издавање на изводи.

„Отсуството на контроли создава ризик од неправилности при издавањето на изводи", смета ревизорот.

Инаку, претходно, на Нацрт извештајот што бил разгледан во Управата, одговорните лица не испратиле забелешки за состојбите кои ги констатирал овластениот ревизор, кој на случајот работел во текот на минатата година. Тој во ноември минатата година имал состанок со одговорните лица во Управата и со нејзиниот директор, а по што директорот Дардишта немал забелешки на Нацрт извештајот. Со други зборови, тоа треба да значи согласување со наодите на ревизорот, кој потоа го составил финалниот извештај.

А во неговиот конечен извештај уште и ќе запише барања за изводи само се запишувале во книги, кои не претставуваат пропишан образец и конечно, тој констатирал и одредени неправлности во јавните набавки.

Заводот за ревизија за своите наоди како што нѝ беше речено, нема испратено допис до обвинителството, финансиската полиција или до антикорупциската комисија, но има препораки за Управата за водење на матични книги.

За констатираните состојбите, како што нѝ беше одговорено, Заводот до директорот на Управата даде препорака да преземе мерки за носење на интерна процедура во која ќе се пропише целокупниот процес на издаваање на изводи и други документи. Одговорните лица треба да бидат задолжени во однос кусокот изводи, но и да ја надоместат финансиската штета од приходите на сметките на Управата и на државниот буџет, велат за МКД.мк во Државниот завод за ревизија.

Во делот на системската слабост, недостатоците треба да се отстранат во соработка со Министерството за правда имајќи предвид дека Управата е орган на ова Министертво.

Во Управата за матични книги побаравме изјава од директорот Дардишта во врска со наодите во ревизијата, но од службата за односи со јавноста нѝ беше речено дека тој не дава изјави за медиумите и нѝ препорачаа да испратиме конкретно прашање по мејл. Три дена МКД.мк чекаше на одговор и до објавувањето на овој текст одговор не беше добиен.

На нашето прашање до Министерството за правда дали ќе биде преземена одговорност за директорот на Управата Дардишта бевме упатени на Владата со образложение дека таа го именува директорот.

А во Владата пак, откако е воведена функцијата заменик претседател за борба против корупција и криминал, првото скалило за прашања кои се однесуваат на избрани функционери, е токму кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски. Оттаму конкретни мерки за сега не се преземни, освен што е започнато информативно собирање на сознанија и намера состојбите да се поправат.

Во одговорот на прашањата на МКД.мк се вели: „Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресури, Љупчо Николовски, конкретно за ревизроскиот извештај за Управата за водење матички книги, деновиве одржа состанок со ревизорите коишто го подготвувале извештајот. Изворно бевме информирани во врска со констатираните наоди во конечниот ревизорски извештај за УВМК. Согласно процедурите, Владата ќе ја задолжи УВМК да пристапи кон подготвување на Акциски план, со точно дефинирани активности, рокови и носители за имплементација на дадените препораки од конечниот ревизорски извештај на овластениот ревизор".

Па така, веројатно по извесно време ќе треба повторно да го поставиме прашањето дали вицепремиерот пред Владата иницира да се поведе и постапка за утврдување на лична одговорност кај директорот Дардишта и дали им се препорачува на надлежните органи да се поведе постапка за работата на одговорните лица за случајот со изводите.

Од политичките партии би можел да се издвои ставот на Левица чии челници деновиве изразија сомнеж дека станува збор за долгорочен план со цел вештачки да се зголемат бројки на жители на земјава во функција на пописот на населението.

Борислав Крмов во својата изјава вели: „Вака ДУИ планираше да прави попис, со скоро 100.000 изводи на кои што не им се знае крајот. Затоа, во законот за попис документите за идентификација се наведени како 'соодветни документи' за да може да се врши попис и само со (фалсификувани) изводи".

Вакви сомнежи засега не се спомнуваат од страна на наделжните органи. Државниот завод за ревизија до овој момент останува на препораките упатени до Управата за водење на матични книги. Во Антикорупциската комисија велат дека претставка не добиле, но од тоа што имале можност да се информираат, велат, се раѓа сомнеж дека изводи се издавале и под рака и дека е можно да станува збор за злоупотреби.

П. Џамбазоски

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе