Заклетва

Стерјовски во албанскиот Парламент: Горд сум што сум прв пратеник Македонец од МАЕИ

Горд сум што сум пратеник во Собранието на Република Албанија, за првпат во нејзината историја, од регистрирана македонска партија. И досега многу Македонци ги имало и ги има во институциите на системот, рече во своето прво обраќање во албанскиот Парламент Васил Стерјовски, кој со давањето заклетва од денеска е дел од Законодавниот дом.

Тој пренесе поздрави од Македонците во Албанија, кои, како што посочи се лојални граѓани на оваа држава.

„Имам историска должност да ви пренесам поздрави од Македонците, кои се лојални државјани на Република Албанија, бидејќи таа е и нивна матична држава. Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно ќе се грижиме и ќе ја браниме Република Албанија како наша заедничка татковина и нејзините интеграции во Европската Унија, потпирајќи се на стратешкото партнерство со САД. Имаме прекрасна држава на која треба сите да и се радуваме, Господ и природата се ни дале”, рече Стерјовски.

Тој уште кажа дека е генерален секретар на единствената македонска партија во Република Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, која покрај другите политички партии, се грижи за сите, меѓу нив и за унапредување на положбата и правата на македонската заедница во „нашето мултикултурно, мултијазично и мултиконфесионално општество”.

„Македонците од Албанија, им се придружија на албанските партизани во Втората светска војна и помогнаа во ослободувањето на Албанија од фашизмот и станаа важен дел од оваа земја. Затоа и ние Македонците, заедно со Албанците, Грците, Власите, Ромите, Еѓипќаните, Србите, Црногорците, Бошњаците, се чуствуваме рамноправни со рамноправните пред Уставот и законите”, рече Стерјовски.

Изрази посебна благодарност до Собранието на Албанија кое во 2013 година јги врати македонските топоними на општина Пустец и нејзините девет села.

Стерјовски подлече дека општина Пустец е интересна туристичка дестинација, која е запоставена последните 28 години, и оти смета дека Владата треба да вложи во развојот на туризмот, патната инфраструктура, водоводот и канализацијата, како и да помогне во меѓуграничната соработка и развојот на евро-регионот и национален парк „Преспа" меѓу Албанија, Грција и Македонија.

„Се разбира, македонската заедница во Република Албанија не се само Македонците во општина Пустец и селото Врбник во областа на Девол. Македонците во Албанија живеат во педесетина села долж албанско-македонската граница, во областите Мала Преспа во Округот на Корча, Голо Брдо во Околјата Пешкопеја и Гора во околија Кукс, како и во градовите Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Кукс, и други места”, додаде тој.

Завршувајќи го свото обраќање тој нагласи дека Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мост на соработка и братство во македонско-албанските односи, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.

„Ќе вложам се од себе, заедно со сите вас, до крајот на мандатот да ги остварам обврските на пратеник во ова Собрание и да ги понесам одговорностите од предизвиците пред кои се исправени општеството, народот и државата, сите ние заедно”, порача Васил Стерјовски.

Претседателот на албанскиот парламент Грамоз Ручи побара, а пратениците го поздравија со громогласен аплауз.

Македонците во Албанија обраќањето на Стерјовски го оценуваат како историско, а неговиот пратенички мандат историска победа за нив.

МИА

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе