„Се плашат од коронавирусот, но и од губење на работата“

ССНМ: Пандемијата дури на 62 отсто од новинарите и медиумските работници им влијае на менталното здравје

Пандемијата силно ја погоди медиумската индустрија во земјава. Новинарските куќи се принудени да носат тешки одлуки: Kој ќе остане, а кој ќе си оди? Новинарите, пак, се соочуваат со финансиски, психолошки, социјални, но и етички и професионални проблеми повеќе отколку пред пандемијата. Двајца медиумски работници досега ја загубија битката со коронавирусот, што покрај стравот за економско-социјалната безбедност го зголемува нивото на страв кај медиумските професионалци кои секојдневно при извршувањето на своите редовни работни задачи се ставаат во ризик од заразување, покажува истражувањето на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Според истражувањето, направено во јуни на репрезентативни 150 испитаници, вработени во различни медиуми на 62 отсто од медиумските работници овој начин на работа им влијае врз менталното здравје, на 17 проценти им била намалена платата, на 22 отсто сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема, на 45 отсто им е потребна дополнителна заштитна опрема и сега и во следниот период, на 25 проценти најголем проблем при известувањето за ковид-19 им била намалената транспаренстност на институциите, додека на 48 отсто им е потребна психолошка поддршкa.

„Загрижува фактот што дури 30 отсто од анкетираните одговориле дека познаваат некој што останал без работа за време на корона пандемијата. Седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата. Помали плати пристигнале на трансакциските сметки кај дваесет и пет од анкетираните. На седуммина платата им била скратена за 30 проценти. ‘Поради интервју со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски бев казнет со 15 проценти од плата еден месец‘, е одговор на новинар кој бил казнет на своето работно место поради сработеното. Градоначалникот излезе позитивен, па потоа негативен на коронавирусот, а новинарот заработил небулозна казна за која речиси никој и не разбра. Причините останаа непознати“, наведува Синдикатот.

ССНМ оценува дека најголемиот страв на сите граѓани го делат и медиумските работници. Губењето на изворот на егзистенција. Овој шок бил приреден на четворица медиумски работници кои останале без работа во најголемиот пик на пандемијата. Промените со коронавирусот се одразија на сите полиња. Четириесет и пет проценти oд испитаниците одговориле дека им е потребна заштитна опрема и сега и во следниот период, додека 22 посто дека сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема, наведува ССНМ.

Медиумските работници се жалат и на намалување на квалитетот на животот. Дури 62 отсто во истражувањето одговориле дека овој начин на работа им влијае врз менталното здравје.

„Три месеци работам втора смена до 23 часот навечер за да готвам, чувам деца и да учам со нив додека дојде сопругот, вели една новинарка. Новинарите се во макотрпна битка во вителот на лажните вести, се троши последниот атом енергија за да се дојде до точни и навремени информации. Најчестите одговори на испитаниците во врска со транспарентноста на институциите се дека во текот на ковид кризата голем дел од прашањата до институциите останувале неодговорени. Дополнително, во обид да ги заштитат граѓаните од дезинформации, ја губат силата да се изборат во сопствениот ‘двор‘. Се наѕира канонада од тешки удари врз работничките права. Насекаде. Новинарите веќе гласно бараат помош од синдикалната организација“, истакнува Синдикатот.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе