СЕ РАДИКАЛИЗИРА БЕГАЛСКАТА КРИЗА

Србија ја затвори границата, Балканот сака да се испразни од бегалци

Србија од вчера го затвори влезот за бегалци кај Прешево. Сите остануваат во Табановце, на македонска територија. Од саботата до денес се спроведува процес на празнење на територијата на Западен Балкан и земјите северно од нас ги туркаат сите мигранти кон Табановце. Проблемите со очекуваниот пролетен наплив на бегалци почнаа многу порано.

Од 20 февруари полициите на државите од балканскиот коридор го воведоа единствениот биометриски документ за сите бегалци и мигранти што минуваат во овој коридор. Овој документ се издава само на едно место, на Кота 59 на македонско-грчката граница, што претставува единствениот легален влез за бегалците на нивниот посакуван пат до Европа.

Новата политика на ЕУ и на земјите од балканскиот коридор почнува да предизвикува хаос во регионот. Пропусната моќ на коридорот наеднаш се намали, се зголеми процедурата за контрола, селекција и регистрација на бегалците, одделни земји воведуваат квоти, армијата почнува да се прераспределува по граничните линии... Како резултат на оваа нова политика, бегалците остануваат заглавени по одделни земји. Авганистанци и Сиријци остануваат заглавени во Табановце, во Прешево, во Суботица, Шид...

Целата оваа работа предизвикува сериозни безбедносни ризици токму во Македонија. Србија не дава објаснување за затворањето на границата за прием на бегалците од Табановце. Таму, во Србија од вчера повторно е отворен кампот во Суботица, па вратените мигранти од Хрватска, српските власти ги пренасочуваат кон Унгарија и кон Македонија.

Од вчера во Македонија дневно на Котата 59 сакаат да влезат по најмалку 4.500 бегалци. Повеќе од илјада мигранти секојдневно се обидуваат илегално да влезат на македонска територија. Илјада мигранти дневно влегуваат од север во Табановце како резултат на празнењето на коридорот од Словенија, Хрватска и Србија. Во Грција веќе денеска се заглавени повеќе од 12.000 бегалци. Се зголемува и бројот на бегалците што доаѓаат на грчките острови.

Атина веќе презема дипломатски активности против ваквото „празнење на бегалците“ што го преземаат државите северно од неа.

Грчката влада упати демарш до Австрија поради одлуката да се ограничи бројот на азилобаратели, како и бројот на мигранти што може да транзитираат низ нејзината територија. Исклучувањето на Грција од денешниот состанок во Виена на полициите од државите на балканскиот коридор, за Атина е непријателски чин затоа што дава впечаток дека некои, во наше отсуство ќе носат одлуки со кои што ние директно сме засегнати, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. Грција пак се закани со вето на одлуките на ЕУ.

Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц ја осуди заканата од Грција упатена до земјите учеснички на денешната конференција за Западен Балкан, посветена на запирање на бранот бегалци на балканската рута, пренесува „Танјуг“.

Заканите со вето на пристапувањето на земјите од Западен Балкан или против членките на Унијата во однос на субвенциите на Унијата, се крајно погрешни, рече австрискиот министер за надворешни работи.

Курц ја одбрани и работата на Австрија во бегалската криза, истакнувајќи дека официјална Виена е за европско решение, но додека тоа го нема, мора да се преземат национални и регионални мерки.

Министерството за внатрешни работи на Австрија одговори на критиките на Грција дека состанокот се одржува во веќе „зацврстена форма“ и дека присуството на претставниците на Атина не е предвидено.

А.Д.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе